Мени

Повик за прибирање предлог-проекти

mySociety започна соработка со Институтот отворено општество (OSI) за да им помогне на луѓето од Централна и Источна Европа да создаваат веб-сајтови за транспарентност и демократија прилагодени на потребите и состојбите во нивните земји.

Во Обединетото Кралство, mySociety раководи со неколку веб-сајтови како што се TheyWorkForYou.com, FixMyStreet.com, и веб-сајтот за слободен пристап до информации WhatDoTheyKnow.com. Како резултат на работењето на овие веб-сајтови, знаеме дека надвор од Обединетото Кралство има многу луѓе кои сакаат да направат слични веб-сајтови кои би помогнале да се зголеми транспарентноста и отчетноста на нивните владини институции.

mySociety објави повик за прибирање предлог проекти за апликанти од Централна и Источна Европа, сличен на неодамна објавениот во Обединетото Кралство. Разликата е во тоа што овој пат не се бараат проекти кои ќе ги креира mySociety. Се бараат проекти кои вие сакате да ги креирате, но кои поради недостиг на средства или соодветни способности не можете самите да ги започнете, и би ви била потребна помош од mySociety.

Во наредните месеци mySociety ќе избере повеќе проекти за кои ќе обезбеди финансиски средства и советување – до најмногу десет проекти. Во секој од четирите месечни интервали, започнувајќи од 15-ти ноември, Институтот отворено општество и mySociety ќе ги разгледуваат и ќе одберат од поднесените предлог-проекти. Избраните предлог-проекти, и луѓето кои ги подготвиле, потоа ќе поминат низ формален процес на проверка, за време на кој ќе се побараат информации за финансирањето (mySociety може да ви помогне со тоа доколку немате претходно искуство со буџетско планирање). mySociety ќе соработува со победничките проекти при подготовката на спецификации за почетната верзија на алатката, ќе советува за правилен избор на технологија и околу одлуките за употребливост, ќе помогне да се најмат соодветни технички таленти доколку е потребно, и ќе помогне да се поврзат победниците со новата но растечка меѓународна мрежа на креатори на веб-сајтови за транспарентност и отчетност.

Важно е да се напомене дека овој повик не се однесува само на постојните НВОи: процесот е апсолутно отворен за поединци или групи без претходно директно искуство во работењето во секторот на транспарентност и отчетност. Искуствата од светот сугерираат дека некои од најдобрите веб-сајтови во ова поле се креирани од поединци без конкретно искуство со НВОи, како на пр. веб-сајтот на Нов Зеланд TheyWorkForYou.co.nz. Со други веб-сајтови управуваат НВОи со големо искуство – но нема да има дискриминација. Сепак, ќе имаат предност апликантите на кои веќе им се достапни напредните програмерски вештини потребни за креирање на вакви веб-сајтови.

Критериумите се едноставни, но строги:

1. Проектите мора да создаваат некаква значајна транспарентност, отчетност или друг вид на демократска еманципација.

2. Проектите мора да ги искористат уникатните придобивки што ги носи интернетот, како што се приспособливоста, двонасочната комуникација, лесната анализа на податоци итн.

Од проектите ќе се бара да се придржуваат до практиките за развој и лиценцирање на слободен софтвер со отворен код и да се придржуваат до соодветните принципи за слободен пристап до податоци. Ќе бидат земени предвид и проектите кои користат алатки за мобилни комуникации. Иако проектите очигледно ќе се работат на соодветните локални јазици, предлог проектите поднесени преку овој веб-сајт мора да бидат доставени на англиски јазик.

Доколку се наоѓате во една од земјите предвидени за спроведување на проекти и имате идеја за проект (или уште подобро, повеќе проекти), ве молиме поднесете предлог-проект. Во спротивно, ве молиме помогнете да ја распространиме информацијата! Кажете им на сите. Блогирајте. Линкувајте на Твитер или Фејсбук. За повеќе идеи околу тоа како можете да помогнете, придружете се на мејлинг листата на mySociety или следете го mySociety на Твитер.

Извор: mySociety in Central and Eastern Europe “Call for proposals launched” 13 октомври, 2009.

Поврзани натписи