Мени
egov1.jpg

Презентација: „Е-Влада за современа Македонија“

На презентацијата беа претставени проектите кои се реализирани, а беа најавени и нови проекти за воведување на концептот на е-Влада во Македонија

egov1.jpgНа 16.05.2006г. во Даут Пашин Амам во Скопје се одржа презентацијата „е-Влада за современа Македонија“ во организација на Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД). Презентацијата ја отвори претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Владо Бучковски.  

Излагање на презентацијата имаше Александар Гештаковски, директор на Агенцијата за државни службеници. Тој ја опиша апликацијата за пријавување на конкурс за државни службеници која ја развиле во соработка со УСАИД и истакна дека по активирањето на таа апликација 75% од апликантите се пријавуваат преку интернет.

Јеркер Торнгрен, директорот на проектот за е-Влада на УСАИД ги претстави досегашните софтверски апликации кои се развиени за потребите на концептот за е-Влада со поддршка на УСАИД, а најави и нови во сферата на здравството и даночниот систем.

Стефан Плавјански, регионален директор за продажба на Хјулит Пакард (Hewlett Packard) за Македонија и Косово, ги претстави проектите кои ХП ги имплементирал ширум светот за потребите на воведување на концептот за е-Влада, нагласувајќи дека слични решенија би биле погодни и за Македонија.

Директорот на Мајкрософт Македонија, Илијанчо Гаговски, потсети на порталите кои беа пуштени во употреба во декември и кои беа дел од Договорот за стратешко партнерство меѓу Владата на Република Македонија и Мајкрософт, односно веб-порталите www.uslugi.gov.mk и www.emarketplace.org.mk, интерниот портал gs.gov.mk наменет за потребите на Генералниот секретаријат на Владата за следење на статусот на реализација на одлуките на Владата, а ја спомна и првата седница на е-Влада која се одржа овој месец.

Поврзани натписи