Мени
SPARC_award

Програмата за отворен пристап на EIFL ја освои шестата награда на SPARC Europe

Програмата за oтворен пристап на EIFL (EIFL-OA) е избрана за добитник на наградата за 2011г. на SPARC Europe за исклучителни достигнувања во областа на академските комуникации од аспект на подигнување на свеста, застапување и активности за изградба на капацитетите во текот на последните три години, како и поради нејзиниот успех во развојот на голем број складишта и списанија за отворен пристап во партнерските земји на EIFL.

SPARC_award„Со оваа шеста награда, SPARC Europe сака да ја поттикне Програмата за отворен пристап на EIFL (EIFL-OA) да продолжи со одличната работа и да инспирира други организации со пристапот и активностите на EIFL. SPARC Europe смета дека EIFL-OA претставува одличен пример за сите други што сакаат да преземат активности за застапување и активности за унапредување на движењето за отворен пристап“, изјави д-р Астрид ван Везенбек, извршен директор на SPARC Europe.

sparc2-250x214„Освојувањето на шестата награда на SPARC Europe претставува голема чест за EIFL. Ние го прифативме движењето за отворен пристап уште на почетокот кога ја потпишавме Иницијативата за отворен пристап во Будимпешта пред една деценија. Задоволни сме што нашите заложби добија признание од меѓународната заедница. Ние сме среќни што ја имаме Ирина Кучма, страствен застапник за отворен пристап што ја води програмата за отворен пристап на EIFL“, изјави Рима Куприт, директор на EIFL. „Исто така изразуваме благодарност до Програмата за информации при Фондацијата отворено општество којашто ја поддржуваше нашата работа во областа на отворениот пристап низ овој период“.

Во текот на последните три години EIFL-ОА организираше преку 40 настани за подигнување на свеста и обуки, за учесници од над 50 земји и ги застапуваше на национално и меѓународно ниво политиките и овластувањата за отворен пристап на институциите и владите. Партнерските земји на EIFL во Европа сега можат да се пофалат со над 210 складишта за отворен пристап и повеќе од 2.340 списанија за отворен пристап, десет високообразовни институции кои имаат нови овластувања за отворен пристап и стотици професионалци библиотекари, научници, просветители и студенти што го застапуваат отворениот пристап.

„Би сакала да се заблагодарам на SPARC Europe за оваа награда како признание за достигнувањата на EIFL и нашите земји-партнери. Исто така, би сакала да им се заблагодарам на мрежата координатори од земјите-партнери на EIFL-OA и големиот број експерти кои значително придонесоа за успехот на програмата“ изјави Ирина Кучма, менаџер на EIFL-OA. „Без нивната напорна работа и посветеност, ние не би биле во можност да ги постигнеме овие импресивни резултати“.

За наградата на SPARC Europe

SPARC (Европската коалиција за научно издаваштво и академски ресурси) ја востанови наградата во 2006г. како признание за работата на поединец или група во европски рамки што има придонесено за значителен напредок во нашето разбирање на прашањата поврзани со научните комуникации и/или за развивањето на практични начини за решавање на проблеми во рамки на тековните системи.

EIFL е меѓународна непрофитна организација посветена на овозможување пристап до знаења за развој на образованието, учењето, истражувањето и одржливиот развој на заедницата во 47 земји во развој и транзиција во Европа, Азија и Африка. Партнерски земји на EIFL во Европа се Албанија, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Босна и Херцеговина, Естонија, Грузија, Косово, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Полска, Русија, Србија, Словенија и Украина.

Извор: EIFL “EIFL Open Access programme wins SPARC Europe Award” 4 јули, 2011.

Поврзани натписи