Мени
DSCN1168

Работилница за размена на е-документи

На 5 октомври 2010. во Скопје Проектот за е-Влада на УСАИД во соработка со Министерството за информатичко општество организираше работилницата на тема размена на е-документи наменета за високи државни службеници од секторите за ИТ од 10 институции во РМ.

Работилницата, чиј фокус е стратешко планирање за ИТ е поддржана од УСАИД и Фондацијата Метаморфозис.

Министерот за информатичко општество Иво Ивановски посочи дека во тековната фаза на проектот за е-документи по извршената анализа се избрани пет услуги

  • единствен царински документ
  • уверение за државјанство
  • извод од матична книга на родени
  • имотен лист
  • потврда за платени даноци и придонеси

Министерот истакна дека со учеството во подготовките за проектот државните тела покажале дека се спремни да им служат на граѓаните, и „каде што одговорноста на институциите пред граѓаните е најголем приоритет“.

Министерот ја препорача платформата Инејблер (Enabler) развиена од проф. Умар во рамките на ООН, како средство за решавање на конкретните практични прашања во Македонија, но и како средство за размена на искуства помеѓу разни земји што придонесува за забрзување на развојот на светско ниво.

DSCN1168Џозеф Лесард, директор за економски развој при УСАИД Македонија го истакна придонесот во развојот на е-влада на проектот во Македонија со цел зголемување на транспарентноста и ефикасноста на државните институции како дел од напорите за поттикнување на економскиот развој. Оваа година проектот за е-влада е посветен на одржливост на системите преку зајакнување на капацитетот на Министерството за информатичко општество кое се покажува како одличен партнер кој посветено работи на создавање услови за понатамошен развој на е-услуги.

Проф. Амџад Умар од Универзитетот Херисбург и Универзитетот Пенсилванија истакна дека целта на работилницата е размена на знаење, да се комбинира практичното знаење на сите учесници заедно со искуството од деловниот сектор и меѓународното консултантство и системската рамка развиена од предавачите.

Тој истакна дека од околу 200 земји во светот, 30-35 се сметаат за развиени земји и општо и во однос на развој на е-услуги и околу 50 што се сметаат за најмалку развиени, што значи дека има околу стотина земји што се некаде на средина. Овие земји се соочуваат со слични проблеми како Македонија и работат на слични прашања, па е возможно да се заштедат ресурсите и да не мора сите повторно да го „измислуваат тркалото“. Токму за споделување на најдобрите практики е развиена платформата Инејблер преку која може да се забрза и развојот на размената на е-документи во Македонија.

На работилницата учество земаа 25 лица, меѓу кои и претставници на Министерството за информатичко општество, Царинската управа, Централен регистар на РМ, Катастарот, Агенција за вработување на РМ, Управа за јавни приходи, Град Скопје, Фондот за ПИОМ, Управа за водење матични книги и Министерство за внатрешни работи.

Преку двонасочниот трансфер на знаење со државните службеници, работилницата е дел од активностите за прибирање специфични информации за македонскиот контекст кои опфаќаат анализа на сепфатните податоци собрани од МИО и низа состаноци со релевантните владини тела, од кои консултантите од САД во наредните две недели ќе може да развијат конкретни препораки за наредните чекори за овозможување размена на е-документи во РМ.

Поврзани натписи