Мени
reagiraj-baner-1

Реагирај! – Нова краудсорсинг платформа за заштита од насилство против жени на јавни простори

Реактор – Истражување во акција објави онлајн платформа Реагирај! (reagiraj-bidibezbedna.mk), со мотото Сподели приказна, спречи насилство, која има за цел да ги направи јавните простори во Скопје побезбедни за жените. Платформата е дел од истражувачки проект за Насилство против жените на јавни места во Скопје, поддржан од UN Women.

Реагирај! е онлајн алатка која можат да ја користат девојките и жените од Скопје за анонимно споделување на нивните искуства со било каква форма на родово насилство на кое биле жртви или сведоци, а кое се случило на јавните простори во градот. Покрај ова, платформата ќе се користи како алатка за прибирање на инаку недостапни податоци за малтретирањето и насилството со кое се соочуваат жените, а кое се случува многу почесто отколку што се пријавува. Конечно, преку собирање на приказни, слики и видеа, Реагирај! ќе претставува социјална мрежа посветена на спречувањето на родовото малтретирање и насилство на јавните простори.

Преку вклучување на овие три аспекти, платформата треба да им користи на различни видови корисници, почнувајќи од жртвите кои ќе имаат можност анонимно да ги раскажат своите приказни, до полицијата која ќе може да ги искористи овие анонимно собрани податоци за да идентификува ризични локации, како и фреквенцијата и видовите на насилство со кои жените се соочуваат и да превземат соодветни чекори за намалување на опасностите.

Самиот веб-сајт ја користи едноставната за употреба и платформа на слободен софтвер Ushahidi и е достапен на македонски, албански и англиски јазик. Пријавите можат да се поднесат со користење на апликациите за Андроид и iPhone (кои можат да се преземат од сајтот), или преку пополнување на онлајн формуларот кој е достапен на следнава локација: http://www.reagiraj-bidibezbedna.mk/reports/submit

Со цел платформата да биде колку што е можно поефективна со тоа што ќе стигне до што поголем број на потенцијални корисници, од Реактор ги повикуваат сите заинтересирани да постават линкови до неа преку банери (во прилог) или пренесување на информацијата преку блог-постови и преку социјалните мрежи.

reagiraj-baner-1reagiraj-baner-2

Поврзани натписи