Мени

Регулативата на ЕУ за заштита на податоци се одложува повторно

На 6 декември 2013 година, министрите за правда на ЕУ повторно направија чекор назад во усвојувањето на Регулативата за заштита на податоци на ЕУ.

Комесарот на ЕУ за правда, Вивиен Рединг го смета овој ден за разочарувачки за приватноста на податоците. Што се случи овој пат? „Министрите не сакаа да носат избрзани одлуки“, изјави пред новинарите литванскиот министер за правда Јуозас Бернатонис. Причина за одложувањето се чини дека е т.н. едношалтерски принцип со кој се усогласува донесувањето одлуки во ЕУ.

Хуберт Лигал, шеф на правната служба за Европскиот совет изјави дека со овој принцип се поткопуваат човековите права на граѓаните. „Проблемот се резултатите што ги добивате во поглед на почитувањето на функционирањето на правдата и правата на луѓето, а јас како правен советник морам да ви кажам дека тоа е многу лош исход и многу лош резултат“. Лигал смета дека со едношалтерскиот систем граѓаните на ЕУ чии податоци биле погрешно користени од страна на компанија со седиште во друга земја-членка, ќе се соочат со јазични и финансиски бариери што ќе ги обесхрабрат да одат на суд.

Рединг реагираше тврдејќи дека разговорите сега треба да бидат во „политичка“ наместо во „правна“ фаза, осврнувајќи се на фактот дека постојното законодавство за заштита на податоците било фрагментирано, неконзистентно и требало да се коригира. Таа инсистираше на тоа дека сопствениот правен преглед на Европската комисија обезбедувал законитост на едношалтерскиот принцип.

Сепак, ова прашање се чини покомплицирано за некои земји-членки. Се чини дека Германија, со поддршка на Шведска и Белгија, е делумно одговорна за одложувањето. Иако брифинзите на Европската комисија на состанокот на Советот во октомври 2013 година покажуваат дека е постигнат договор за едношалтерскиот принцип, земјите-членки всушност сè уште не формирале заеднички став за степенот на нивните овластувања.

Кон крајот на ноември 2013 г. циркулираше забелешка од литванското претседателство со советот, откривајќи како земјите-членки не можеле да се договорат за овластувањето на Агенциите за заштита на податоци да одредуваат парични и други казни, како и практичен механизам за обесштетување на корисниците.

Имаше и дебата околу правната форма на законот – регулатива или директива. На пр. Обединетото Кралство сака да ја претвори „регулативата“ во „директива“. Усвоената регулатива на ЕУ може веднаш да се примени во ЕУ, додека директивата мора да се транспонира во националното законодавство, што може да трае со години.

Извор: ЕДРИ-грам „EU Data protection regulation stalled again“ 18 декември, 2013.

 

Поврзани натписи