Мени

Руската влада се обидува да ја зголеми контролата врз интернетот

Руските безбедносни органи преземаат нови мерки за проширување на нивниот надзор на интернет, барајќи од интернет-провајдерите привремено да ги складираат сите податоци од интернет-сообраќајот и да ѝ ги стават на располагање на Федералната служба за безбедност (FSB).

Според една статија објавена од весникот Kommersant, Vympelkom, сопственикот на мобилната мрежа Beeline поднел жалба до Министерството за комуникации во врска со новата одредба објавена на 21 октомври 2013 година, подготвен од Министерството во соработка со FSB, со кој ќе се бара од интернет-провајдерите да го следат целиот сообраќај на интернет, вклучувајќи ги и IP-адресите, телефонските броеви и корисничките имиња.

Одредбата што треба да стапи на сила во јули 2014 година, исто така, бара од интернет-провајдерите да ги чуваат податоците од сообраќајот 12 часа откако биле собрани и да им даваат ексклузивен пристап до нив на безбедносните служби. Vympelkom тврди дека со одредбата се прекршуваат неколку членови на рускиот Устав, вклучувајќи ги и правата на приватност и правично судење.

Џулиус Таи, раководител на адвокатската фирма Bartolius смета дека со одредбата се прекршува не само Уставот туку и Кривичниот законик, Законот за кривична постапка и Законот за заштита на личните податоци. „Постојните правни и технички можности за пристап до личните податоци на корисниците на интернет од страна на полициските агенции се доволни. Неограниченото ширење на овие можности ќе доведе до повреда на правата на обичните граѓани“ рече г. Таи.

FBS веќе врши надзор на интернетот преку SORM, Системот за оперативни истражни дејствија, кој бара од интернет-провајдерите да поставуваат „црни кутии“ на нивните опслужувачи, пренасочувајќи го целиот интернет-сообраќај преку канцелариите на FSB во реално време, и да ги следат IP-адресите и корисничките имиња.

Според блогерот Елдар Муртазин, аналитичар на Mobile Research Group, бидејќи FSB нема ресурси или технологија за ефикасно следење на целиот интернет-сообраќај во реално време, всушност ќе ги ангажира интернет-провајдерите да вршат собирање и складирање на податоцита, а барањето за 12-часовно складирање ќе биде само мерка за ублажување.

Секако, ова ќе значи големи трошоци за интернет-провајдерите кои ќе треба да ја купат и да ја одржуваат потребната опрема за собирање податоци бидејќи во одредбата нема информација дека властите би обезбедиле некакво финансирање за сето тоа.

 

 

Извор: ЕДРИ-грам „The Russian govt seeks to increase its control over the Internet“ бр. 11.21, 6 ноември, 2013.

 

Поврзани натписи