Мени

Сајбер-војна меѓу непријателите од Кавказ

Голем број хакери, вооружени со компјутери го разгоруваат кавкаскиот конфликт.

Интернет корисниците во Русија и Грузија ги нападнаа виталните веб-сајтови на двете земји, во виртуелниот одек на битките што се водат на терен меѓу трупите и тенковите.

Неколку грузиски владини портали беа изобличени или исклучени од интернет, наводно од страна на руски хакери. Посетителите на веб-сајтот на грузискиот претседател Микаил Саакашвили неодамна беа насочувани до веб-сајт што него го претставува како нов Хитлер.

Веб-сајтовите на грузискиот парламент и Министерството за надворешни работи исто така беа оневозможени во неколку наврати, наводно поради напади од мрежи со украдени компјутери.

Во меѓувреме, хакери од Грузија беа обвинети за напади на руските новински веб-сајтови и веб-сајтот на сепаратистичката влада на Јужна Осетија, поддржувана од Русија.

Бил Томпсон, технолошки критичар, вели: „Онаму каде што има изнудување и измама, може да се следи трагата што ја оставаат парите… Но политички мотивираните напади е речиси невозможно да се контролираат“.

Стручњаците за безбедност на интернет велат дека било неизбежно конфликтот инициран со сепаратизам во Кавказот да се прелее и во сајбер-просторот.

Според Алекс Шип од компанијата за безбедност на електронска пошта – МесиџЛебс, републиките од поранешниот Советски сојуз, заедно со Кина и Бразил се најголемите центри на компјутерскиот криминал.  

Додека Кинезите специјализираат во индустриска шпионажа, а Бразилците се вешти во финансиски измами преку интернет, г. Шип вели дека руските криминалци доминираат на пазарот за онлајн алатки прилагодени за аматерските хакери. Тој вели: „Неколку руски сајтови специјализираат во продажбата на софтвер што идните компјутерски криминалци можат да го преземат од интернет“.

Извор: Бибиси "Caucasus foes fight cyber war" 14 август, 2008.

Поврзани натписи