Мени
ebonton

Се промовираше започнувањето на проектот „е-Бонтон“

На 6 декември во 12 часот, беше промовирана иницијативата на фондацијата е-Македонија за создавање правила за убаво однесување во електронската комуникација и подигнување на јавната свест за начинот на кој луѓето комуницираат преку социјалните мрежи. Проектот се вика „е-Бонтон“, како што ќе биде именуван и прирачникот за етичко однесување и комуницирање на интернет кој ќе произлезе од оваа иницијатива.

ebontonВо подготовката на прирачникот можат да се вклучат сите граѓани кои се активни во дигиталното општество со праќање предлози на веб-сајтот www.ebonton.mk и преку фан-страницата на Фејсбук. Опцијата за предложување правила од граѓаните ќе биде отворена до средината на јануари 2013 година, а потоа најважните 100 ќе влезат во прирачникот „е-Бонтон“.

Прес-конференцијата за промоција на отпочнувањето на проектот ја отвори Радмила Јончевска, директор на Фондацијата „е-Македонија“, а потоа заедно со Даниел Сас, претседател на Фондацијата „е-Македонија“, ја прикажаа постапката за пријавување правила преку сајтот.

„Како лидери на интернет пазарот во земјава и како компанија која што со своите висококвалитетни услуги придонесе за развој на информатичкото општество, проценивме дека е време нашата мисија да ја издигнеме на едно ниво погоре. Впрочем, проектот ‘е-Бонтон’ се однесува токму на тоа. Целта на проектот е да ги поставиме основите на доброто однесување во виртуелниот простор и да дефинираме култура на однесување“ – изјави господин Сас.

Проектот „е-Бонтон“ е поддржан од Метаморфозис, како и од Младинскиот отворен форум и Високата школа за новинарство и односи со јавност.

Ги повикуваме граѓаните да го искористат правото и можноста да пријавуваат правила во врска со комуникацијата преку интернет, и при тоа да не ги занемаруваат оние кои се поврзани со приватноста, авторските права и говорот на омраза.

Поврзани натписи