Мени

Шпанија: Парламентот на регионот Андалузија едногласно за слободниот софтвер

Минатиот четврток, Парламентот на автономниот шпански регион Андалузија едногласно донесе резолуција со која ја повика владата на регионот да се префрли на слободен софтвер.

Парламентот сака регионот да го користи овој тип на решенија со цел зголемување на меѓувладината соработка и размената на информации.

Со резолуцијата , исто така се повикува и администрацијата на регионот што е можно повеќе да избегнува користење на патентирани производи со кои се ризикува создавање монополи и зголемување на трошоците и ризиците за безбедноста на ИТ. Регионот треба да го направи слободниот софтвер стратешка политичка цел, да ги зајакне неговиот развој и употреба и да ги поддржи ИТ професионалците и компаниите.

Зајакнувањето на секторот со слободен софтвер може да има позитивни општествени и економски ефекти, вели Обединетата Левица во изјавата објавена минатата недела. На овој начин ќе се создаде поразновиден ИТ-сектор, што ќе доведе до повеќе работни места и подобрување на ИТ-вештините.

Говорејќи во парламентот, Игнасио Гарсија, портпарол на Обединета Левица ги обвини „големите продавачи на комерцијален софтвер“ за „навредлива“ дискредитација и попречување на развојот на слободниот софтвер, соопшти шпанската новинска агенција ЕФЕ.

Портпаролот на Народната партија во парламентот , Жозе Едуардо Дијаз, коментираше дека партијата ја брани слободата за избирање систем што е најкорисен за граѓанинот. Портпаролот истакна дека слободниот софтвер е заслужен за создавањето на голем број ИТ фирми. Партијата сака регионалната влада да ги поддржи овие фирми.

Извор: joinup.eu “Parliament in Spain’s Andalusia unanimously for open source”

 

Поврзани натписи