Мени

„Турција намерно го игнорира слободниот софтвер“

Јавната администрација во Турција ги запоставува ИКТ-решенијата засновани врз слободен софтвер, вели Хусеин Толу, докторант на Универзитетот во Бристол.

Меѓу причините спаѓаат институционалната инерција, затворањето со форматите за комерцијалниот софтвер и корупцијата. Дел од неговата теза се појави како студија на случај оваа недела во списанието IFOSSLR.

Толу пишува дека земјата има недостаток од политики за ИКТ и дека властите не се обидуваат да постигнат рамнотежа меѓу слободниот и комерцијалниот софтвер. Меѓутоа, потребата за пристап кон слободниот софтвер се јави неколку пати, резимираше Толу. Од 2004 до 2006 година, два владини акциски планови нудеа аргументи во прилог на слободниот софтвер, а владата спроведе пет евалуации. Tурскиот парламент исто така придонесе од 2005 до 2012 година со над триста напишани пратенички прашања.

Пречки

„Сите овие напори не ги постигнаа првичните и последователните цели  и резултираа со неуспех. Општиот дискурс е дека иако употребата на слободниот софтвер во Турција е речиси исто толку напредна како и во многу водечки земји, постојат и некои клучни пречки“.

Една од нив е тоа што јавните институции во земјата не ја поттикнуваат употребата на слободниот софтвер. Потоа, огромен број софтверски апликации развиени за владата се заклучени со комерцијална технологија. Трето, пишува Толу, не е јасно која владина организација треба да ја носи одговорноста за воведување и спроведување на која било политика за ИКТ.

Нецелосност

„Во овие пет извештаи за евалуација во неколку наврати се укажува дека мерките се нејасни и дека планот сè уште не постои. Во последниот извештај (март , 2010 г.) се вели дека „употребата на слободниот софтвер во проектот за јавни институции“ сè уште е во почетната фаза. По четири години, завршени се само 10 проценти од проектот“.

Толу вели дека недостигот од политики и владиниот неуспех да извлече корист од слободниот софтвер се резултат на услугите на јавната администрација што не се интероперабилни. Тоа води и до удвојување на напорите и мултипликација на ИКТ-решенијата. Тој пишува дека напорите на владата за развивање на Pardus, оперативен систем заснован врз слободен софтвер, биле само трик што се користел во преговорите за неслободни лиценци.

Извор: Joinup.eu „Turkey deliberately ignoring open source“ 12 декември, 2013.

 

Поврзани натписи