Мени

Maкедонија: За пиратите казна и до пет години затвор

Новиот Закон за авторски и за сродни права, донесен во септември, предвидува и затворски казни за прекршителите, чијшто максимум е пет години.

Со законот, со кој покрај правата на авторите и на уметниците, се регулираат и правата на филмските и на сценските продуценти, на радио и на телевизиските организации, на издавачите и на изработувачите на бази на податоци, кршењето на авторското право, всушност, станува кривично дело.

Со овие промени во законот, кој се подготвуваше четири години, Македонија формално ги има истите стандарди за заштита на авторските права како европските земји. Но, според општиот впечаток, формалниот напредок е далеку од суштински бидејќи копии на филмски и на музички дела се продаваат на тротоарите на најфреквентните сообраќајници во главниот град, а некои од филмските фестивали се уште одржуваат проекции на филмовите од својата програма на дивиди. – Сега се изедначуваат кражба и користење туѓ интелектуален имот. Ова, секако, во реалност нема да може да се спроведе преку ноќ – вели Владимир Пепељуговски од „Бизнис софтвер алијанса“.

Претставници на телата што на терен се борат со прекршителите на Законот за авторски и за сродни права велат дека кај нас има големи повреди на овој закон, од што не е поштедена ниту една сфера, од текстилната, до фармацевтската, преку тутунската и автомобилската индустрија.

Секаде имаме фалсификати. Постојано се пријавуваат лажни трговски марки, заштитени марки што се копираат, нема област во која го нема тоа – вели Мите Костов, претседател на Координативното тело за интелектуална сопственост.
Тој додава дека само во акцијата за контролирање на дивидитеките низ земјава биле затворени голем број од нив.
Во Струмица, на пример, од 22 дивидитеки, останаа да работат само неколку, во Тетово од триесет сега работат само седум-осум, односно тие што постојат законски – вели Костов.

Заеднички впечаток на познавачите на оваа сфера е дека најголем проблем во санкционирањето на прекршителите е во судовите. – Тоа беше забележано и во последниот европски извештај за напредокот на Македонија, каде што се вели дека од 98 постапки за авторски права завршени се само 23 – коментира Пепељуговски.

Олгица Трајковска, раководител на секторот за авторски права во Министерството за култура, која беше дел од тимот што го составуваше новиот закон, смета дека авторското право е врвно цивилизациско право, кое е репер за проверка на сите други слободи и права во една заедница.

Автор: Н.Б.

Извор: Време „За пиратите казна и до пет години затвор“ 11 ноември, 2010.

Поврзани натписи