Мени
orizari01

Жителите на Горно Оризари добија и бесплатна интернет точка

Норимаса Шимомура, заменик постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации во Република Македонија, Јани Макрадули, претседател на Комисијата за информатичка технологија на Владата и пратеник во Собранието на Република Македонија и Градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски со вклучување на компјутерските екрани ја отворија првата Канцеларија на Општина Велес и првата бесплатна интернет точка во село Горно Оризари.

orizari01Опремена со седум персонални компјутери, конекција на Интернет мрежата и локална телефонска линија, првата канцеларија од овој вид во Република Македонија, на жителите на Горно Оризари, најголемото населено место на подрачјето на Општина Велес ќе им обезбеди пристап до сите административни услуги на општината, бесплатен пристап на интернет и можности за обука во областа на компјутерските вештини.

Првата бесплатна интернет точка во Горно Оризари е отворена со финансиска поддршка од Програмата за развој на Обединетите Нации. На свеченото отворање на канцеларијата, Норимаса Шимомура, заменик постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации во Република Македонија изјави дека ова е мошне важен чекор што Општина Велес го прави за жителите на Горно Оризари. „Програмата за развој на Обединетите Нации ги поддржува овие иницијативи затоа што тие придонесуваат за зголемување на знаењата на локалното население, намалување на сиромаштијата и економски развој“, рече меѓу другото Шимомура.

Градоначалникот Аце Коцевски укажа дека отворањето на првата канцеларија на Општина Велес во едно населено место е само дел од заложбите на општината за подобрување на услугите за граѓаните. „Жителите на Горно Оризари веќе нема да бидат принудени да одат во Велес заради административните услуги, зошто сите услуги ќе можат да ги добијат овде во Горно Оризари“, рече Коцевски кој најави дека во наредниот период општината ќе отвори вакви канцеларии и во други населени места, а наскоро ќе започнат со работа едношалтерскиот систем за давање на услуги на едно место и првиот систем за електронско одвивање на седниците на Советот на Општината“.

orizari02 Изразувајќи задоволство од овој чекор напред во имплементацијата на информатичко комуникациската технологија, Јани Макрадули, претседател на Комисијата за информатичка технологија на Владата и пратеник во Собранието на Република Македонија укажа на заложбите за подобрување на состојбите со пристапот до Интернет во Македонија. „Верувам дека степенот на користење на предностите на Интернет во Македонија веќе достигнува 20%“, рече Макрадули.

Првата канцеларија на Општина Велес и бесплатна интернет точка, за првпат во Република Македонија ќе ги опслужува физичко лице – вршител на делегирана надлежност.

Извор: Општина Велес

Поврзани натписи