Мени

Дигитални клубови: e-точки блиски до сите

Во време кога ниту едно современо работно место и ниту еден современ образовен процес не може да се замисли без компјутер, во светот сè уште постојат луѓе кои никогаш не биле во контакт со компјутерот, ниту се се запознаени со можностите и предностите кои ги обезбедува. И Македонија, како и голем дел од светот, има големи проблеми со дигиталниот јаз кој постои не само помеѓу урбаните и руралните средини во земјава, помладата и повозрасната популација, помеѓу поимотните и посиромашните туку во крајна линија и помеѓу нашата земја и некои земји од регионот, како и со ЕУ и САД.

Според анализата на Фондација Метаморфозис, елементарната обученост на граѓаните за користење на компјутери како предуслов за функционирање на е-услугите е околу 50,3%. Во исто време, повеќето истражувања направени во Република Македонија покажуваат дека дури околу 70% од жителите на Македонија никогаш досега не користеле интернет. Во групата граѓани кои немаат основни познавања доминираат граѓани со пониско ниво на образование, невработените, постарите од 40 години, жителите на руралните средини и граѓани од слични групи. Со оглед на тоа што оваа група брои повеќе од еден милион жители, при трансформација кон општество базирано на знаења постои реална опасност од зголемување на дигиталниот јаз. Сепак, охрабрувачки е податокот дека околу 60% од нив изразиле подготвеност за учење ИКТ.

Како што е препорачано и во Националната стратегија за развој на информатичко општество, бидејќи широкопојасниот интернет пристап е во голем дел од земјата технички или финансиски неизводлив, се чини дека најдобро реално решение за овој проблем и за оваа целна група се е-точките.

Ако дигиталниот јаз во основа претставува поделба меѓу оние кои немаат и оние кои имаат пристап до дигиталните технологии, тогаш е јасно зошто залагањата за поголема е-инклузивност е добар начин за негово надминување. Е-инклузивноста значи подеднаква можност за пристап до информациските и комуникациските технологии (ИКТ) за сите жители. Со зголемување на бројот на граѓани кои имаат пристап до и познавања од ИКТ ќе порасне и бројот на граѓани кои своите услуги ќе ги бараат преку ИКТ со што ќе се зголемат заштедите и отчетноста на јавната администрација, ќе се намалат непотребните трошоци во бизнис секторот и ќе се зголеми одговорноста и транспарентноста во комуникацијата со граѓаните и невладиниот сектор.

Еден од доста распространетите начини на кои светот се залага за премостување на дигиталниот јаз е отворањето на т.н. телецентри, е-точки, PIAP-и (Public Internet Access Points) или дигитални клубови. Тие може да изгледаат многу различно, но заедничко за сите нив е што фокусот им е на употреба на технологиите во насока на социјален развој. Тоа се јавни места каде луѓето имаат пристап до компјутери, интернет и други технологии кои им помагаат да дојдат до одредени информации и да комуницираат со други, во исто време развивајќи ги своите компјутерски вештини. Овие центри или клубови ја намалуваат изолацијата на одредени изолирани групи, население во позафрлени краишта и со неповолен социјален статус.

Вакви дигитални клубови постојат и во нашата земја и се отворени во рамките на проектот Дигитални клубови поддржан и имплементиран од страна на Фондација Метаморфозис и ФИООМ. Дигиталните клубови во Македонија постојат скоро 2 години и се претежно лоцирани во рурални средини, но помал дел од нив се наоѓаат и во градски библиотеки или сиромашни, субстандардни населби во градови.

Дигиталните клубови нудат голем број активности и услуги кои вклучуваат пристап до ИКТ од страна на жителите во заедницата, со цел поддршка на нивниот социјален и економски развој. Нивната мисија е обезбедување на едукација, пристап до електронски бази на податоци, употреба на електронски услуги и развивање на свест за информатичката технологија и демократија, како и промовирање на методологии и идеи кои ќе помогнат во забрзување на позитивното ширење на информатичката технологија меѓу луѓето без разлика на нивната возраст и потекло.

Во дигиталните клубови во Македонија се одвиваат компјутерски курсеви претежно за работа со програми кои опфаќаат обработка на текст, табеларни пресметки и подготвување на презентации, се нуди интернет пристап за пребарување и комуникација по имејл и чет, можност да се играат компјутерски игри, да се подготвуваат и печатат текстови, да се скенираат документи и фотографии и сл.  

Податоците покажуваат дека најголем дел од посетителите на овие клубови во Македонија се деца и млади, но охрабрува фактот што за услугите на клубот се заинтересирани и повозрасните а и жените во средини во кои тие се обично со пониско образование. Најмногу се користи интернетот, но голем интерес има и за обуките и тоа од различни возрасни групи.  

Во моментов во рамките на овој проект функционираат 7 дигитални клуба, а се работи на проширување на мрежата како и на нивно унапредување во е-точки – места каде жителите на локалната заедница ќе можат да ги користат електронските услуги на локалната самоуправа.

Ана Трповска

Поврзани натписи