Мени

Е-Општество во ЈИ Европа

Повеќе од 350 учесници од 10 земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Србија, Македонија, Црна Гора, Романија, Чешка и Ирска) зедоа учество на втората меѓународна конференција „е-Општество.Мк“ што се одржа од 15 до 17 ноември 2006 година во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје во организација на фондацијата „Метаморфозис“.

Фокусот на конференцијата беше регионалниот пристап во креирањето политики поврзани со информатичките и комуникациските технологии (ИКТ). На конференцијата зедоа учество голем број експерти, креатори на политики, лоби-групи и други чинители од Македонија, регионот на југоисточна Европа и ЕУ кои споделуваа знаења и искуства во рамките на панел-дискусиите и работилниците. Конференцијата беше одлична можност за разните чинители од регионот да разговараат за претстојните предизвици, да споделат информации, искуства и знаења. Исто така, конференцијата донесе една регионална перспектива на локалните проблеми и беше можност да се предвидат идните.

Земјите од југоисточна Европа делат слична историска и политичка ситуација, како и аспирации за влегување во ЕУ. Сите тие имаат потреба од развој на информатичкото општество како алатка за економски и социјален развој. Од друга страна, пак, сите тие имаат различни нивоа на достигнувања и различни фокуси во креирањето политики и нивното спроведување. Регионалната соработка и размената на успешни достигнувања се на незадоволително ниво. Тековните и идните потреби бараат зголемено вмрежување на експертите за информатичко општество, и на политичко и на практично ниво, особено синхронизирање на владиниот систем за комуникации преку усвојување на исти стандарди како алатка за достигнување на европските критериуми. Оваа потреба е евидентна и во граѓанското општество, бидејќи зголемената солидарност заедно со споделувањето искуства и знаења на регионално ниво ќе придонесе за поголема ефикасност на локалниот невладин сектор.

Кај македонскиот пример, скоро сите релевантни чинители, од политичките актери од сите бои, до претставниците на деловниот и граѓанскиот сектор, постојано ја повторуваа потребата од градење на информатичко општество во земјата, и како елемент во главните општествени текови и како средство за зголемена инклузија на разни заедници и групи. Овој договор на национално ниво води кон комплетирање на неколку важни законски и политички напори, од кои најважни се Законот за електронски комуникации и Националната стратегија за развој на информатичкото општество. Со финансиска поддршка на УНДП и ФИООМ, Националната стратегија за развој на информатичкото општество беше изготвена од работна група составена од експерти од сите сфери на општеството и координирана од Комисијата за информатичка технологија. Стратегијата под покровителство на Претседателот беше прифатена од Владата во јуни, а Парламентот ја изгласа со консензус во септември 2005 година. Слично како Македонија, повеќето земји од југоисточна Европа донесоа свои национални стратегии за ИКТ, но заостануваат со нивното спроведување.

За време на дискусиите на конференцијата беше потенцирано дека земјите од југоисточна Европа треба да вложат неопходни и добро координирани напори за да го достигнат тековното ниво на развој на земјите-членки на Европската унија. Невладините организации во партнерство со владите и приватниот сектор мора да имаат клучна улога во развојот на информатичкото општество и да бидат гарант дека транзицијата кон информатичкото општество се спроведува на начин којшто е во корист на сите сегменти на општеството и на начин на којшто не се загрозуваат индивидуалните права и слободи. Како што изјави Антон О’Лахтнаин од „Дигитални права Ирска“, организација-членка на ЕДРИ, „Од огромно значење е да се стават доброто и достоинството на граѓаните во срцето на е-општеството.“

Исто така, беше нагласено дека нема голем успех без целосна вклученост на невладиниот сектор којшто ги претставува интересите на граѓаните на разни начини и делува како мост преку јазот на доверба којшто многу често се среќава меѓу граѓаните и владите.

Предизвиците со коишто ќе се соочи регионот во иднина ќе бараат зголемена соработка, повеќе вештина, зголемена продуктивност и подлабоко разбирање на прашањата што произлегуваат од употребата на ИКТ и нивното влијание врз нашето општество.

Втора меѓународна конференција е-Општество.Мк

Работна група за информатичко општество – Македонија

Заклучоци и препораки од е-Општество.Мк 2006

Бардил Јашари

Поврзани натписи