Мени

Дали ексклузивитетот врз рејтинзите ќе им ја зголеми гледаноста на националните телевизии?

timthumb

Со дигитализацијата националните телевизии изгубија дел од гледаноста на сметка на странските канали. Нилсен е фирмата која е избрана да ги мери рејтинзите со „пипл метри“. Сега податоците за рејтинзите ќе ги откупуваат самите телевизии и маркетинг агенциите преку новото тело Комитет на индустријата. Анализираме колку тоа ќе им помогне на телевизиите да ја менаџираат програмската содржина и така да ја вратат гледаноста.

Автор: Љубиша Арсиќ

Иако беше очекувано дигитализацијата на телевизиите да им ја зголеми гледаноста и популарноста, сепак новите технологии негативно влијаеле врз рејтинзите на домашните национални телевизии. Официјалните податоци зборуваат дека на сите пет телевизии, „Сител“, „Канал 5“, „Телма“, „Алфа“ и „Алсат“, доверба им откажале 3 до 4 отсто од публиката. Зошто гледаноста е намалена? Фактори и причини има повеќе, но генерално тоа се должи, пред сè, на недоволно квалитетната програмска содржина на домашните телевизии наспроти странските, кои со дигитализацијата станаа бројни кај секој оператор што нуди и по стотина канали, како „Макс ТВ“, „Бум ТВ“, кабелските оператори „Близу“, „Телекабел“…

НА СМЕТКА НА ДОМАШНИТЕ, ПРОФИТИРААТ СТРАНСКИТЕ КАНАЛИ

Токму каналите кои се со унифицирана програма, како филмски, музички, спортски, документарни, детски, имаат забележителен рејтинг, особено затоа што постои законска обврска со која овие канали имаат превод на македонски јазик. Значи, дигитализацијата го олеснува пристапот до ваквите светски познати телевизии, додека преводите ги прават поинтересни во изборот на публиката. Од друга страна, не смее да се исклучи и појавата на регионални телевизиски сервиси, како „Ал Џезира“ или „Н1“, кои, секако, се во трка да освојат дел и од македонската публика.

Сопственикот на радиото „Канал 77“, Горан Гаврилов, заклучува дека со дигитализацијата домашните национални телевизии изгубиле и пари и публика. „На сметка на домашните, профитираа странските канали. Тоа ќе биде уште повеќе изразено ако се знае дека следен чекор во процесот на дигитализација е појавата на глобалните интернет-телевизии, како, на пример, „Нетфликс“ (со месечна претплата корисникот има пристап до каналите) која постои на Балканот, која има ултрависоко-дефиниран сигнал и која полека станува ексклузивна во однос на филмови и на серии“, анализира Гаврилов.

Понатаму, ако се направи споредба низ бројки, тогаш лесно се заклучува уште една доминација на странските канали. Имено, македонската публика, која се смета за ТВ-зависник со високи 95 отсто, голем дел од слободното време го поминува пред малите екрани. Но, изборот на десетина телевизии, во ерата на дигитализацијата, не ги задоволуваат апетитите на гледачите. Затоа, пак, странските, кои ги има и по стотина на некои оператори, стануваат популарни. Интересна анализа за намалувањето на гледаноста прави директорот на телевизија „Телма“, Атанас Кировски.

atanas kirovski

Едноставно, според него, домашните телевизии, кои пред сè избираат колажна програма, не можат да бидат конкурентни со светските канали. „Како прво, во ниту една држава не се дозволува операторите да емитуваат стотина канали, значи тоа мора да се ограничи. Понатаму, како може едно домашно кулинарско шоу да се трка со емисиите, на пример, на светскиот канал „24 Кичн“. Или, пак, како една домашна телевизија да откупи некаков спорт, некакво фудбалско првенство и да стане конкурентна на големите „Арена спорт“ или „Спорт клуб“? И сакате да ме уверите дека ова е нормална либерализација? Кој друг во некоја држава ќе си го дозволи ова? И дополнително, Агенцијата за медиуми, како државен регулатор, воопшто не следи и не се грижи во кое време што има на странските канали, за разлика од домашните кои, практично, ги прогонува со забрани и со казни“, образложува Кировски.

Факт е дека дигитализацијата се спроведе брзо, неквалитетно и во време кога медиумскиот пазар беше презаситен. Едноставно, кај нас само се преслика ситуацијата од аналоген во дигитален сигнал, но ништо не се промени во однос на понудата. Иако некои телевизии се обидуваат со минимални промени да го зголемат рејтингот, тоа, секако, не е доволно. И по дигитализацијата, националните домашни телевизии, па вклучително и јавниот сервис МРТВ, останаа на традиционалното функционирање и во однос на сопствената продукција и во однос на содржината.

Во овој контекст, Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми анализира дека медиумскиот пазар е мал, има малку пари, а премногу телевизии. „Во еден таков однос на малку финансии, а многу телевизии, не може да зборуваме за одржлив пазар. Затоа медиумската сцена е таква каква што е. Затоа и лесно се потплаќаат сопствениците и уредниците и многу лесно се скршнува од професионализмот. Кај нас телевизиите се осиромашени и не може да вложат во солидна и во скапа продукција, која, пак, од друга страна, не подразбира голема гледаност. И затоа, на крај, резултатот е во турските серии и во српските реални шоуа“, смета Георгиевски.

Свое влијание, кое не смее да се исклучи затоа што полека станува тренд, а е во правец на намалување на публиката на телевизиите, има и однесувањето на младата популација. Од една страна, тие не сакаат домашни канали и ги фаворизираат странските, а од друга, нивната телевизија е интернетот. Затоа многу повеќе користат компјутери и мобилни телефони за следење на некои телевизиски програми, отколку класичниот телевизор. Токму оваа публика станува корисник на „Нетфликс“ или „Пикбокс“, кои за месечна цена од 300 до 400 денари овозможуваат пристап до нивните програми преку интернет, а преку кои нудат ексклузивни и модерни, пред сè, филмови и серии.

Во редицата фактори што влијаеле да се намали гледаноста на домашните национални телевизии во последната година се вбројува и јазичната структура на публиката. На пример, се смета дека телевизиите на албански јазик, иако зрачат регионално, во Македонија, Косово и во Албанија од самиот почеток имаат далеку поголем пазар и гледаност, а со тоа и реклами и пари. Тој натпревар на пошироко поле мора да ги направи поконкурентни и затоа неопходно е да интервенираат во содржината на програмата.

На крајот, преминот од аналоген во дигитален формат придонесе некои рурални средини, пред сè, некои села и викенд-населби, да останат без телевизиски сигнал. Ним порано им беше едноставно: со аналогна антена си имаа по десетина канали, МТВ, националните приватни, регионалните и локалните. За некого ова било доволно, но сега се жртви на современата техника.

Во согласност со законските обврски, националните телевизии мораат да имаат 50 отсто од програмата во сопствена продукција, документарна и играна. Но, во тој обид да ги исполнат процентите, а во ситуација кога немаат пари, тие се решаваат за послабо продуцирани содржини, кои не можат да им конкурираат на странските. На пример, дел од телевизиите се преплавени со македонски народни приказни, како лесен начин за исполнување на квотата, но тимовите што работат и крајните продукти на таа работа се незадоволителни.

Некои од директорите на телевизиите знаат дека за да го зголемат рејтингот е неопходно да продуцираат своја програма, и тоа не каква било, туку квалитетна, што значи и скапа. За споредба, една епизода од светски популарните серии, како „Игра на тронови“, чини и до пет милиони евра кои нашите телевизии ги немаат. Потоа, за новата содржина треба да изберат соодветен термин во кој ќе ја емитуваат, но и публика што ќе покаже интерес за новата содржина. На телевизиите, особено големите (приватните национални и МТВ) неопходни им се мерачи на рејтинзите и на гледаноста на програмата за поодлучно да пристапат во креирањето нови содржини и нивно соодветно претставување пред публиката.

МОЖЕ ЛИ ДА СЕ НАМЕСТАТ БРОЈКИТЕ СО РЕЈТИНЗИ?

Од 2007 година, како најрелевантен мерач на рејтинзи се смета компанијата „АГБ Нилсен“. Таа светска компанија, која мери рејтинзи на телевизии преку системот познат како пипл-метар, го користи најсигурниот и најпроверениот метод за мерење на гледаноста. Откако ќе се направи годишно истражување, односно ќе се изберат домаќинствата чии телевизиски навики ќе се следат, се инсталираат пипл-метрите во нивните телевизори. На семејството му се дава специјален далечински управувач и на него секој член на семејството има своја бројка преку која го најавува своето присуство на пипл-метарот и потврдува дека е присутен во просторијата во која има вклучено ТВ-приемник.

Рејтинзите на одредени емисии и термини потоа се користат од маркетинг-агенциите за да можат да нудат рекламен простор на клиентите, но ги користат и телевизиите за да знаат која минута за рекламирање, во кој дел од денот, за колку пари да ја продаваат, како и за да знаат што им е гледано, а што не.

Во Македонија секогаш имало сомнеж во веродостојноста на резултатите од измерените рејтинзи на „Нилсен“, одредени телевизии обвинуваат за местење, а други се удираат в гради како најгледани. И така во круг. Но, дали навистина може да се местат рејтинзите и да се фаворизираат одредени програми, односно телевизии? Гледаноста е важна оти од неа зависи кој колку ќе земе од рекламниот колач. Полека, светската практика се пренесува и во Македонија – сите големи компании, кога се рекламираат, сакат да знаат колку проценти гледаност има конкретната емисија или времето во кое му се емитува пропагандната порака. Дури пипл-метрите можат да измерат конкретно, во бројка, колку гледачи ќе го видат рекламниот спот.

Логично е дека националните приватни телевизии не сакаат да ги изгубат големите клиенти, кои имаат и по неколку милиони евра за трошење, како „Хенкел“, „Проктер енд Гембл“, „Кока-кола“, па мораат да се потпрат на некакви резултати за гледаноста на телевизиите и преку рејтинзите на своите програмски содржини да очекуваат прилив на пари од реклами. Тие немаат избор – ќе мораат да му веруваат на „Нилсен“. Колку и да се оспоруваат резултатите од некои телевизии, сепак со ваквата поставеност на системот, „Нилсен“ продолжува да биде единствениот мерач на гледаноста. Компанијата беше избрана од Комитетот на индустријата во октомври минатата година, откако во септември беше објавен повикот кој ги имаше задолжено пријавените да направат презентација на системите со пипл-метри.

Покрај „Нилсен“, свои понуди имаа „Кантермедиа“ и „ГфК“, исто така познати рејтинг-мерачи, но и двете со многу повисока цена во споредба со „Нилсен“. Едноставно, неофицијално, од „Нилсен“ понудиле цена од 560.000 евра годишно за целата операција. Мерењето ќе се врши во 520 домаќинства, а не како досега во 400. Тоа значи дека сега примерокот од 1.200 индивидуи во дневна продукција ќе се зголеми. Тоа може да се смета за порелевантен број, иако некои го оспоруваат како недоволен. Сепак, изборот на видот на лицата, односно нивниот социјален статус, во македонски услови се наметнува како клучен.

Од компанијата „Нилсен“ уверуваат дека и да постојат обиди за некој да го плати рејтингот, како што, на пример, сега се шпекулира за „Сител“, а претходно за „А1“, системот за мерење на гледаноста ќе го покаже тоа. „Нашиот систем од 2 до 6 часот наутро ги прибира податоците од нашите пипл-метри што се поставени во домаќинствата. Потоа на опремата ѝ треба еден час за да ги обработи и да ги спакува податоците од изминатото деноноќие. Значи, сè е автоматизирано и нема влијание човечкиот фактор. Практично, во 8 часот наутро ги имаме финалните рејтинзи за телевизиите и тие автоматски, истовремено се препраќаат и во нашиот систем, но и кај корисниците на нашата услуга“, тврди Симеон Лавчиски од „Нилсен“.

Тешко се проверуваат шпекулациите дека некои од телевизиите може да знаат дел од испитаниците и директно ним да им плаќаат за што подолго да им останат телевизорите вклучени на нивната програма. Тука има два спорни момента: едниот е што дури и да откријат кои се испитаниците, што е строга тајна и ја знаат само во „Нилсен“, може да пронајдат неколку домаќинства чиј број нема да влијае на конечните резултати за гледаност, а другиот е што системот на „Нилсен“ веднаш ќе детектира несвојствено однесување, односно ќе се забележи дека конкретното семејство, кое постојано менувало канали, сега како намерно со часови да има вклучено една телевизија. Затоа од „Нилсен“ не го исклучуваат ризикот дека некој може да се обиде да плати, но тврдат дека нивните заштитни механизми ќе го откријат тоа.

darko petrusevski

Поранешниот директор на телевизијата „А1“, Дарко Перушевски, се присетува на времето кога пипл-метрите покажуваа најголема гледаност на телевизијата со која раководеше и кога постоеле обвинувања, пред сè, од „Сител“ и од „Канал 5“, дека „А1“ ги мести рејтинзите, како што сега постојат обвинувања дека „Сител“ ги мести. „Ние не правевме никакви злоупотреби на системот за мерење на гледаноста оти тоа е речиси невозможно. Ниту мене како директор некој ми имаше понудено да ја местиме гледаноста, ниту, пак, јас сум се обидувал да потплатам некого или да ги натерам во „Нилсен“ да навиваат за „А1“. Сè што правевме беа логични програмски потези и продукциски натчовечки напори да произведеме атрактивна програма. Ова е мал пазар, со околу 12 до 15 милиони евра, кои компаниите ги трошат за реклами за телевизиите на национално ниво. Имајќи предвид дека ова се многу малку пари за толкав број телевизии, логично е поголем дел од парите да завршат во одредени телевизии, а помал дел во други и затоа секогаш тие што добиваат помалку пари од реклами, се лутат и обвинуваат дека некој друг ги мести рејтинзите“, коментира Перушевски.

Сега, кога бројките на „Нилсен“ покажуваат најголем рејтинг на телевизијата „Сител“, другите помали телевизии не сакаат целосно да им веруваат на бројките за гледаност. На пример, Кировски од „Телма“ нуди конкретни бројки кога зборува дека, сепак, рејтинзите на „Нилсен“ не се релевантни. „Како може податоците да покажуваат нула проценти гледаност на детскиот серијал „Петко“ на „Телма“, кога е најпопуларна детска емисија? Се прашувам, од друга страна, како секогаш доминираат турските серии и српските музички и забавни програми? Одговорот може да се најде во фактот дека „Нилсен“ функционира како подружница на „Нилсен“ од Белград и сметам дека затоа се фаворизираат српските содржини. Ако таквите емисии продаваат реклами во Македонија, тогаш македонските телевизии постојано ќе ги откупуваат од Србија и така ќе биде жив српскиот пазар. Но, со тоа ризикуваме целата програма да ја претвориме во шунд“, смета Кировски.

СЕ ФОРМИРАШЕ КОМИТЕТ НА ИНДУСТРИЈАТА ЗА ДА СЕ ЗГОЛЕМИ ОБЈЕКТИВНОСТА НА РЕЈТИНЗИТЕ

Многумина од соговорниците се согласуваат дека примерокот што се истражува, односно бројот на инсталирани пипл-метри, може да е доволен во споредба со бројот на населението, но го оспоруваат фактот дека тие се поставени кај социјално пониски категории, односно посиромашни граѓани и затоа не можат да дадат точна бројка за гледаноста, односно предност има полошата програма оти голем број од ова население е зависно од маратонските турски и индиски серијали, што значи поквалитетната телевизиска понуда што ја следат економски појаките и пообразованите граѓани не доаѓа до израз на пипл-метрите.

Овде се неопходни измени во таргетот испитаници, сега, откако „Нилсен“ одново ја доби работата. Сепак, поставувањето апарат за следење на гледаноста оди тешко оти некои не сакаат да имаат обврска постојано да го најавуваат своето присуство пред телевизорот, а други, пак, дури и се сомневаат дека преку таквиот апарат може да им се инсталира прислушувач.

Но, дали и како може да се подобри панел-групата, односно дали може да се создаде атмосфера во која сите телевизии ќе им веруваат на резултатите за гледаност на „Нилсен“? За да нема сомнежи и да имаат увид во рејтинзите, петте национални телевизии, „Сител“, „Канал 5“, „Телма“, „Алфа“ и „Алсат“, заедно со МРТВ, со државниот регулатор Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и со маркетинг-агенциите кои се јавуваат како корисници на рејтинзите за да можат да нудат реклами на своите клиенти, го формираа Комитетот на индустријата. Во него членуваат петте телевизии и МТВ, секоја со еден претставник, двајца претставници на Здружението на маркетинг-агенциите (МААМ) и еден претставник на ААВМУ, но без право на глас.

Каква улога ќе има Комитетот и дали тој ќе успее да ги надмине несогласувањата на телевизиите околу нивната гледаност? Досега „Нилсен“ ја спроведуваше операцијата за која годишно трошеше и до половина милион евра и потоа резултатите ги продаваше на заинтересирани купувачи: медиумите, маркетинг-агенциите, големите компании и сè се завршуваше на тоа колку ќе продаде. Значи, можело да се продаде во износ поголем од инвестираното, но постоеше ризик дека ќе се заработи и помалку од потрошеното. Сега, со Комитетот, во „Нилсен“ однапред знаат дека сумата што ќе биде потрошена со процентот за заработка ќе им биде платена. Како? Сега сите права врз резултатите, односно нивното користење и понатамошна продажба на заинтересирани, ќе ги има Комитетот, т.е. самите телевизии што се доминантни во составот.

Значи, сумата од 560.000 евра ќе ја обезбеди Комитетот, телевизиите и маркетинг-агенциите. 80 отсто од сумата ќе ја платат петте приватни и јавниот сервис, додека другите 20 отсто ќе мора да ги платат маркетинг-агенциите. Откако ќе ја платат целосната сума на „Нилсен“, Комитетот станува корисник на правата на резултатите од гледаноста. Така, прво резултатите ќе можат да ги користат самите телевизии, самите маркетинг-агенции што се членови на МААМ, а сите други, кои не се во Комитетот, а сакаат да имаат увид во гледаноста на телевизиите, ќе си платат директно на Комитетот.

Неофицијално, има најава дека интерес покажале новите телевизии на албански јазик, со повремена програма и на македонски – „Шења“ и „ТВ 21“. Ако тие навистина сакаат да им се мери гледаноста, а потоа и да ги користат резултатите, ќе платат кај Комитетот. Истото важи за маркетинг-агенциите кои не се дел од МААМ, како и за големите компании кои самите одлучуваат каде ќе се рекламираат. Првично, законските одредби предвидуваа дека Агенцијата за медиуми ќе избира која агенција да ги прави мерењата за гледаност, но потоа, по реакција на медиумите, беше формиран Комитетот кому му се даде правото да избира кој ќе постави пипл-метри.

Бисера Јордановска, која е назначена за управител на Комитетот, пренесува дека до ваква ситуација е дојдено затоа што имало многу незадоволство од некои телевизии за работата на „Нилсен“ и, наводно, фаворизирање на одредени емисии и телевизии. Сега се очекува дека мерењата, под контрола на Комитетот, ќе бидат поконкретни и пообјективни, а тоа ќе придонесе телевизиите да креираат поквалитетна и погледана содржина и така да си го зголемат загубениот рејтинг.

bisera jordanovska

„Прво распишавме оглас и ја избравме компанијата „ГфК“ за да ја направи панел-групата, односно да направи список на домаќинства што може да влезат во кругот. Таа бројка на домаќинства е некаде околу 5.000. Потоа направивме избор на агенција што ќе ги врши мерењата и ја избравме „Нилсен“. Секако, поставивме високи критериуми и сега наместо првичните 400, ќе бидат избрани 520 домаќинства, кои во наредните седум години, за колку што е избрана агенцијата „Нилсен“, ќе ротираат според панелот. Ќе внимаваме да нема директен контакт меѓу корисниците на рејтинзите и „Нилсен“ за никогаш да не се дознае каде се поставени пипл-метрите. Што се однесува до сумата што треба да ѝ се исплаќа на „Нилсен“, поголемиот дел, оној од 80 отсто што ќе мора да го покријат телевизиите, ќе се подели на два дела, па едниот, од 50 проценти, ќе го платат линеарно сите телевизии од Комитетот, а другиот, според уделот на месечно ниво – кој е повеќе гледан повеќе ќе плати, оти тој има шанси и за повеќе реклами. Понатаму, ние како Комитет ќе ги продаваме резултатите на заинтересирани купувачи, а приходите што ќе ги правиме, ќе може да се користат, на пример, за трошоци кон „Нилсен“ и со тоа да ја намалиме сумата определена за телевизиите“, изјави Јордановска.

Со проста математика, ако делот на петте телевизии и на МРТВ кон „Нилсен“ е околу 450.000 евра, тоа значи дека една телевизија ќе мора да издвои од 60.000 до 90.000 евра годишно, зависно од гледаноста.

Но, дали ваквиот начин на менаџирање со резултатите од пипл-метрите ќе овозможи објективна трка на телевизиите? Другите две компании пријавени на огласот за мерење на рејтинзите, „Кантермедиа“ и „ГфК“, имале многу повисоки цени од „Нилсен“, кои надминувале еден милион евра годишно, што за Комитетот е недостижна сума во македонските услови.

Сега, во операцијата за мерење на „Нилсен“ и во изборот на домаќинства нема веќе да се мери гледаноста само преку социјално-загрозените и со доминација во Скопје. Едноставно, примерокот од 520 домаќинства што ќе опфати повеќе од 2.000 учесници во панел-групата, ќе мора соодветно да се дисперзира, но и да добие поинаква структура, пред сè, во поглед на економската моќ на испитаниците. Секако, остануваат критериумите за националната, образовната, урбаната, старосната и другите видови структури на населението.

Соговорниците со оправдување го поставуваат прашањето како ќе се надминат два сомнежа што евентуално може да се појават. Прво, како „Нилсен“ ќе ја врши ротацијата на домаќинствата? Практично, дали може да се фаворизира одредена телевизија преку ротацијата? Да претпоставиме дека по шест месеци, во првиот круг на ротација ќе мора да се изберат нови домаќинства на местото на старите. Дали „Нилсен“ ќе може да не ги изротира домаќинствата за кои податоците зборуваат дека претпочитаат една телевизија и така свесно да ги остави во системот таквите учесници во панел-групата? И, второ, дали сумата од 560.000 евра утврдена од „Нилсен“ ќе остане толкава, односно дали некои од телевизиите може нелегално да ѝ доплатат уште неколку стотини илјади евра за и таа да стигне до милион годишно, но со тоа „Нилсен“ да обезбеди високи рејтинзи само на тие што би ѝ платиле на таков начин? Сепак, надежите се дека Комитетот на индустријата ќе има силна контрола и дека тешко ќе може некој да манипулира со бројките, како што уверуваат од „Нилсен“.

И маркетинг-агенциите очекуваат дека ќе се надминат недоразбирањата меѓу телевизиите. Тие немаат конфронтации околу рејтинзите затоа што, практично, рејтингот значи гледаност на телевизијата, но, секако, им е важно гледаноста да биде објективно измерена за да можат да нудат соодветни термини и телевизии за своите клиенти. Поранешниот систем за наплата по секунда е напуштен, а сега во употреба е системот со купување рејтинг-поени. Тоа во практика значи дека маркетинг-агенцијата во одредена телевизија купува одреден број рејтинг-поени во зависност од тоа колку пари има за таква намена од клиентот. Откако ќе избере термин во кој би се рекламирала, му се одзема од поените. Така, сè додека не дојде до нула, за да мора одново да купи рејтинг-поени. Од гледаноста на терминот зависи колку рејтинг-поени ќе се одземат. Ова е светски тренд во рекламирањето оти компаниите, пред сè, големите, сакаат увид во рејтинзите, па дури и во конкретните бројки, односно колкумина гледачи ќе ја видат рекламата во избраниот термин.

sasho peshev

Сашо Пешев од агенцијата „Њу момент“ е претседател на Здружението МААМ и очекува дека бројката од шест агенции што досега купувале рејтинзи од пипл-метрите ќе се зголеми на осум до девет. Така, нивниот дел во вкупната сума кон „Нилсен“ ќе се сведе на 1.500 евра месечно од секоја маркетинг-агенција, што е сума која може да ја поднесат. „Право да ги откупат рејтинзите од „Нилсен“ по оваа цена ќе имаат агенциите кои се членки на МААМ, а другите ќе мора да ги купат од Комитетот на индустријата. Но, она што е важно е дека станува тешко да убедите клиент да се рекламира во телевизија чиј рејтинг не се мери. Е, сега, во врска со тоа колку се рејтинзите веродостојни, ќе кажам дека во нешто мора да веруваме. На крајот, ние, како агенции, колку и да сакаме да го увериме нашиот клиент каде и во колку часот да се рекламира, сепак тој сака да ги погледне пипл-метрите и да процени дали сме во право. Секако, освен податоците на „Нилсен“, ние, како агенции, и самите имаме свои истражувања и проценки за публиката, но не можеме да избегаме од пипл-метрите“, вели Пешев.

Сега „Нилсен“ ќе мери рејтинзи во наредните седум години во 520 домаќинства кои ќе ротираат за цена од 560.000 евра годишно. Таа сума ќе ја платат телевизиите и маркетинг-агенциите преку Комитетот на индустријата. Ова изгледа како задоцнет потег во светот на дигитализацијата, со оглед на големата популарност на странските телевизии во Македонија и тешко дека и на подолг рок ќе ја врати гледаноста на домашните канали и ќе ги симне од програмата филмските сапуници и реалните шоуа.

(Текстот е изработен во соработка со Фондација Метаморфозис, во рамките на проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, финансиран од Independent Journalism Programs од Лондон.)