Дигитализација: Попримамливи странските канали, домашните немаат ниту телетекст

televizija

Монополот на приватниот оператор со дигиталниот сигнал, политичкото влијание и контрола врз медиумите и врз самиот оператор, како и севкупниот политички амбиент го вклучија алармот во земјата во врска со сè поголемата контрола врз медиумската сфера во земјата. Експертите велат дека наместо подобрување на демократските комуникации, во Македонија се инсталира таканаречена дигитална диктатура, без почитување на плурализмот во сите негови димензии

Автори: Џелал Незири, Жаклина Хаџи-Зафирова

Жителите на демирхисарското Ново Село немаат голем избор на своите ТВ-приемници, па информациите за тоа што се случува надвор од нивното место на живеење ги дознаваат само преку трите програми на МРТВ, вклучувајќи го и собранискиот канал. Иако имаат набавено уред за прием и на другите национални канали, чиј сигнал би требало да стигнува и до нивните домови, сепак таа услуга не ја добиваат. Но, тие не се единствените. Според кажувањата на жители што живеат и во други рурални средини, и тие не се задоволни од понудата што требаше да стигне со дигитализацијата, која се најавуваше како револуција во телевизиската понуда. А се најавуваше многу: титлување на повеќе јазици, побрз телетекст, плаќање од дома, електронски програмски водич, интерактивна телевизија…

Иако се очекуваше да придонесе за подобрување на медиумскиот плурализам, дигитализацијата на телевизијата во Македонија, се чини, не ја исполни целта. Особено во делот на содржините што ги објавуваат медиумите.

Повеќето од домаќинствата што имаа постар модел на телевизор и користеа антена за прием на телевизиските канали, на 1 јуни 2013 година требаше да купуваат посебен уред или нов телевизор за да продолжат да гледаат телевизија. Со овој еднократен трошок граѓаните требаше да добијат подобри и поквалитетни слика и звук и сите нови можности кои требаше да ги донесе дигитализацијата. Но, од сето ова дури и основните можности за телетекст, пред сè, на јавниот сервис, „Македонска радио-телевизија“, останаа недостапни за обичниот гледач, што не е случај со националните телевизии во регионот.

Снежана Трпевска, професор во Високата школа за новинарство и односи со јавноста, не е задоволна од овој процес. Таа вели дека за да се даде одговор на прашањето како е спроведена дигитализацијата на телевизијата кај нас, не мoже да се зборува само за техничко-технолошката успешност на процесот.

„Напротив, треба да одговориме првенствено на прашањето дали со дигитализацијата е постигнат или збогатен плурализмот во сите негови димензии, дали е зголемена слободата на изразувањето и пристапот на граѓаните до разновидни информации преку различните ТВ-канали на национално, регионално и на локално ниво“, вели Трпевска.

Процесот на дигитализација, како обврска дадена од Европската комисија, беше планиран со Стратегијата 2007-2012 и требаше да биде спроведен и завршен врз основа на акцискиот план на таа стратегија. Процесот на изработка на Стратегијата бил транспарентен, при што многу експерти биле вклучени во нејзината изработка, но експертите велат дека тогашното Министерство ја одбило од политички причини.

„Дигитализацијата се спроведе сосема поинаку одошто беше планирано со првото сценарио. Процесот се одолжи и беше набрзина завршен еден ден пред истекот на рокот“, подвлекува Трпевска.

Како последица, вели таа, многу граѓани што живееја во подрачја каде можеа да имаат пристап само до терестријалните домашни канали, не можеа веќе да добиваат сигнал.

Foto-3

МОНОПОЛ ВО ПРЕНОСОТ НА ДИГИТАЛНИОТ СИГНАЛ

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), преку јавен тендер, го определи „Оне – Телекомуникациски услуги ДОО Скопје“ како оператор со дигиталниот сигнал кој од јуни 2013 ја презеде обврската да ги емитува терестријалните телевизии од Македонија.

Овие телевизии беа обврзани до Советот за радиодифузија да достават барање за измена на своите дозволи, за потоа со „Оне“ да склучат договор за дигитално емитување.

Телевизиите велат дека овие давачки се превисоки, но и операторот не ги исполнува услугите за кои наплаќа од телевизиите.

„Ние годишно за операторот „Оне“ издвојуваме околу 1.070.000 денари и за дозвола на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) плаќаме околу 460.000 денари. Овој износ е превисок бидејќи териториите каде што ние емитуваме програма се премали, економски недоволно развиени, со нелојална конкуренција и слично. Лично не сум задоволен од операторот“, вели Меваип Абдиу, сопственик на регионалната телевизија „Коха“ од Тетово.

„Она што е клучно за дигитализацијата е што дојде во погрешно време. Главен недостаток е тоа што има само еден оператор и нема конкуренција во цени“, вели Виолета Кожинкова, главен и одговорен уредник на телевизијата „Ирис“ од Штип.

Освен регионалните, „Оне“ презеде обврска да ги емитува и националните телевизии со терестеријална дозвола: ТВ „Сител“, ТВ „Канал 5“, ТВ „Алсат“, ТВ „Алфа“ и ТВ „Телма“. Македонската радиодифузија (МРД), пак, оперира со дигиталниот сигнал само на јавниот сервис, каде се емитуваат МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

Експертите велат дека една дигитализација спроведена на ваков начин претставува креирање на класичен монопол, спонзориран од државата.

„Еден од клучните недостатоци на дигитализацијата е фактот што „Оне“ има монопол, што значи во секој момент може да ја зголеми цената за пренесување на националните комерцијални телевизии“, вели комуникологот и универзитетски професор Сефер Тахири.

Професорката Трпевска предупредува дека доколку при овој процес не се почитуваат определени принципи и правила од страна на надлежните институции и од регулаторите, постои голем ризик од понатамошна монополизација на пазарот. „Ова би значело намалување на медиумскиот плурализам, ограничување на слободниот протек на информации, намалување на културната и на јазичната разноликост и друго“, смета таа.

Познавачите на оваа област се убедени дека МРД, за која се одвојуваат добар дел од парите собрани од радиодифузната такса од страна на домаќинствата, има доволни капацитети да емитува повеќе од три канали. Со ова, ќе се придонело за намалување на цените за пренос на дигиталниот сигнал од приватниот оператор и би се обезбедило содржински плурализам во поглед на презентирање на различни мислења и политики.

Високите цени придонесоа неколку регионални телевизии да ги раскинат договорите со „Оне“ и да преминат на кабелските оператори.

„До август 2015 година нашата телевизија за трансфер на сигналот месечно издвојуваше 350 евра, во денарска противвредност. Годишниот надомест беше околу 15.000 евра. Освен годишниот надомест, за почетокот на дигитализацијата моравме да издвоиме уште 15.000 евра за набавка на енкодер. Вкупните трошоци за првите две години од дигитализацијата на нашиот медиум му донесоа трошок од дополнителни 55.000 евра“, вели Виолета Кожинкова од штипската ТВ „Ирис“.

Преминот во кабелските телевизии, Кожинкова вели дека резултирал со намалување на трошоците за една третина на годишно ниво. Но, ова им предизвикало дополнителни проблеми. „Достапни сме на гледачите само во урбаните и во приградските рурални средини каде има кабелски оператори, а не и во селата. Зависиме од индивидуалните договори со кабелските оператори во секоја општина, кои можат да уценуваат во поглед на цената за емитување“.

Заменик-директорот на ААВМУ, Милаим Фетаи, потврдува дека на нивна адреса минатата година стигнале барања за нови дозволи од страна на повеќе регионални телевизии, со кои би емитувале програма преку кабелските оператори.

„Со добивањето на новата дозвола, се откажаа од старата“, додава Фетаи.

КОЈ СТОИ ЗАД ОПЕРАТОРОТ?

Од 25 септември 2015 година, операторот „Оне“ се спои со конкурентот „Вуп“, создавајќи заедничка компанија која во Централниот регистер на Република Македонија се води под називот „Друштво за телекомуникациски услуги ОНЕ.ВИП ДОО Скопје“. Поранешниот сопственик на „Оне“, грчката компанија „Космоте“, ја продаде филијалата во Македонија откако беше купена од компанијата „Дојче телеком“, која во Македонија се јавува како сопственик и на „Македонски телеком“.

Новата компанија „Оне.Вип“ се води во сопственост на словенската „Телеком Словенија а.д.“, со седиште во Љубљана, и на австриската фирма „Мобилком Мазедониен Бетеилингунгсвервалтунг ГмбХ“ со седиште во Виена. Првата има вкупен паричен влог од 301,2 милиони евра, додека втората од околу 124,5 милиони евра.

Според документацијата, како нова компанија сè уште немаат доставено биланс на состојба и биланс на успех.

Во писмениот одговор на „Оне.Вип“ се вели дека се свесни за финансиските тешкотии со кои се соочуваат телевизиите од кога почна дигитализацијата. Настојувајќи да се обезбедат што е можно поголеми поволности за програмските ТВ-сервиси, велат дека компанијата „во претходните години, надвор од тендерските обврски, обезбеди дополнителни попусти до 36 отсто во однос на загарантираниот надоместок од тендерската постапка“.

„Годишниот надоместок што беше утврден во тендерската постапка е 4.836.000 ден/Mbps за емитување на национално и 632.400 ден/Mbps за емитување на регионално ниво. За постигнување квалитетен прием, неопходно е обезбедување на широчина на пропусниот опсег од 2 Мbps, што значи дека надоместокот изнесува 9.672.000 денари за национално и 1.264.800 денари за регионално емитување на годишно ниво“, се вели во одговорот.

Покрај критиките од експертите, од „Оне.Вип“ велат дека имаат обезбедено 94 проценти покриеност на територијата на Македонија со дигитален сигнал.

„Во моментов преку ДВБ-Т платформата на „Оне.Вип“ се емитуваат пет национални и 16 регионални програмски ТВ-сервиси. Покривањето на домаќинствата е на мошне високо ниво од 94 отсто, надминувајќи ја обврската од тендерскиот процес која беше 80 отсто. Со тоа се задоволени и надминати сите очекувања што беа поставени како цели за спроведувањето на дигитализацијата“, тврдат од „Оне.Вип“.

Компанијата смета дека постапката за добивање на тендерот била целосно транспарентна.

„Во првиот обид, на јавниот тендер имаше пријави од „Оне телекомуникациски услуги ДООЕЛ Скопје“ и од друг субјект, при што беше прифатена понудата од другиот субјект. Меѓутоа, поради непочитување на роковите предвидени во тендерската постапка и откажување на другиот субјект, тендерот беше поништен. Во вториот обид „Оне“ повторно учествуваше и поднесе понуда која беше прифатена од страна на АЕК и во ноември 2012 година „Оне“ беше избрана да ја спроведе постапката на дигитализација за националните и за регионалните ТВ-програми“, се вели во одговорот.

КОНТРОЛА ВРЗ МЕДИУМСКАТА СФЕРА

Сепак, Тахири вели дека и „Оне“, иако наплаќа, не успева да обезбеди целосна покриеност со сигнал на територијата на државата. „Има многу рурални средини што немаат покриеност со сигналот и каналите кои се бесплатни во етерот не може да се следат и граѓаните принудно се решаваат на приклучување на кабелските оператори“.

Влијанието на политиката врз работата на операторите и на самите медиуми се оценува дека е голема. Ова, според експертите и медиумските работници, уште повеќе ги загрозува демократските комуникации.

„Секако дека власта има големо влијание врз медиумите и врз операторите, но сепак постојат и такви што не потпаѓаат под влијание на власта“, вели професорот Тахири.

Дигитализацијата, според него, треба да ги подобри не само техничките аспекти, туку и да влијае позитивно врз демократизацијата на медиумскиот простор.

„Мислам дека таков баланс не постои. Дигитализацијата, сепак, не може како процес директно да влијае врз медиумите да не бидат слуги на власта или портпароли на економските, комерцијалните или, пак, личните интереси на сопствениците на медиумите“, смета Тахири.

Тони Ајтовски, директор на локалната телевизија „Канал 8“ од Кочани, вели дека има многу нови регионални телевизии врз кои власта има целосна контрола.

„Практично, се работи за еден вид наменски медиуми за пласирање нечија „вистина“, па оттаму, повеќе од јасно е кој може да го „регулира“ нивното однесување во медиумскиот простор и воопшто на пазарот на медиумски услуги“, вели Ајтовски.

Според Абдиу од ТВ „Коха“, политичарите во голем дел се и прикриени сопственици на неколку медиуми во Македонија на локално, регионално и на државно ниво.

„Секој го знае тоа, меѓутоа регулаторните тела не сакаат да дејствуваат бидејќи и тие се делегирани и назначени на тие функции од политичките елити и партии“, додава тој.

Абдиу вели дека „Оне“ како оператор „кој има монопол во овој бизнис, наместо да одговара за нивното работење пред АЕК (Агенција за електронски комуникации) тие се заштитени од нивна страна“.

Кожинкова од ТВ „Ирис“ смета дека со тоа што дигитализацијата ги зголеми трошоците на телевизиите, истите ги направи подложни на политички влијанија.

„Не може да се зборува дека дигитализацијата ја подобрила или не демократската комуникација, но може да се каже дека индиректно ја намали финансиската моќ на медиумите и можноста за набавка на нова опрема или подобрување на платите на вработените. Тоа, пак, од друга страна ја зголемува финансиската зависност на медиумите што може да ги направи подложни на бизнис или политички влијанија“, вели Кожинкова.

FOTO-1

ПОТРЕБАТА ОД ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ

Податоците на АВМУ објавени во анализата на пазарот за 2014 година, велат дека 90 проценти од домаќинствата се приклучени на некоја јавна комуникациска мрежа, 6,2 проценти имаат дигитална терестријална антена, 3,2 проценти се на индивидуална антена, 0,1 отсто немаат приемник, а 0,5 отсто не знаеле како примаат ТВ-сигнал.

Според експертите, фактот што најмногу домаќинства се приклучени на затворени платформи со голема конкуренција на канали, само по себе ја намалува функцијата и улогата на домашните емитувачи, кои треба да се носители на културниот идентитет.

Професорот Тахири смета дека е потребна измена на законската регулатива и подобрување на дигитализацијата како процес. „Мора да се интервенира во законската регулатива за да се предвидат построги критериуми кога се даваат лиценци за националните медиуми, додека Агенцијата за медиуми треба овој процес да го следи повнимателно и да укаже на недостатоците“, смета тој.

Професорката Трпевска, пак, вели дека регулаторот треба редовно да ја оценува состојбата со плурализмот на содржини и да презема мерки доколку нема разновидност. „Во законот стои дека негова основна улога е да се грижи да има независни и разновидни медиуми. Тоа значи дека неговата главна улога е да обезбеди плурализам и да го развива. И треба во законот да му се внесе конкретна надлежност да ја оценува состојбата со плурализмот воопшто, а особено политичкиот плурализам. Сите аспекти на плурализамот: внатрешниот (кај секој медиум поединечно), екстерниот (кај сите медиуми во целина); за време на избори, во неизборен период“, вели Трпевска.

Но, заменик-директорот на ААВМУ, Фетау, е дециден: „Нема потреба од промена на регулативата“. Според него, за да се реализира навреме дигитализацијата, во 2013 година беа направени потребните измени на тогашниот Закон за радиодифузната дејност.

„Тогаш се создадоа законски услови регулаторното тело, тогаш наречено Совет за радиодифузија (сегашна Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги), непречено да го реализира целиот процес на замена на дозволите. На тој начин соодветната законска рамка помогна за остварување на демократското право за слобода на прием и на пренесување информации“, смета Фетау. Тој е убеден дека актуелниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е усогласен со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

Претставниците на медиумите, сепак, не го делат ова мислење. Особено регионалните телевизии, кои најмногу страдаа од финансискиот удар што го претрпеа со процесот на дигитализацијата.

„Иако можеби веќе е задоцнето, би требало да се намалат трошоците за пренос на сигналот преку дигиталниот терестријален мултиплекс, со што би им се овозможило на повеќе медиуми да ги искористат неговите можности“, вели Ајтовски од „Канал 8“.

Виолета Кожинкова од ТВ „Ирис“ смета дека е потребно е „да се поттикне дебата за законски измени со која ќе се заштитат граѓаните на руралните подрачја затоа што сега се оставени информации да добиваат од само еден медиум во регион“.

Абдиу од ТВ „Коха“, пак, вели дека е неопходно да се смени регулативата во делот на монополот на операторот. „Ние мислиме дека државата треба да дозволи радиодифузерите сами да можат да управуваат со дигиталните платформи на локално и на регионално ниво. Исто така, треба да се направи и корекција на цената бидејки операторот „Оне“ сега има помалку трошоци отколку што имаше во првата година кога инвестираше во предавателната опрема“, смета Абдиу.

(Текстот е изработен во соработка со Фондација Метаморфозис, во рамките на проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, финансиран од Independent Journalism Programs од Лондон.)