Мени

Дигитална телевизија со добра слика, но не и содржина

digitalna televizija

Дигитализацијата на телевизискиот сигнал во Македонија не помогна во демократизација на комуникациите и за поголем медиумски плурализам и покрај тоа што тоа е една од главните цели според препораките на Советот на Европа.

Автор: Кристина Озимец

Квалитетна телевизиска слика и сигнал, но не и поголема слобода и плурализам во медиумите. Вака познавачите го коментираат процесот на дигитализација на телевизискиот сигнал, кој ги подобри сликата и звукот на телевизиите, но не придонесе за поголема демократизација во медиумската сфера.

Земјава, во 2013 година, меѓу првите во регионот го исклучи аналогниот сигнал и се префрли на поквалитетен дигитален сигнал, кој освен технички требаше да им понуди и содржински квалитет на гледачите.

Во јавноста, процесот на дигитализација на телевизискиот сигнал се разбра како технички процес кој треба да ги подобри сликата, звукот и други можности при гледањето телевизија, но тоа е само еден аспект, коментираат познавачите.

„Препораката на Советот на Европа ја обврзува земјава да го промовира демократскиот и општествениот придонес на дигиталната радиодифузија“, потсетува д-р Снежана Трпевска од Институтот за комуникациски студии.

„Препораката нагласува дека треба да се сочува јавниот интерес и во дигиталното опкружување, а тоа значи, меѓу другото, да се сочува и слободата на изразувањето, пристапот до информациите и плурализмот на идеи и на мислења“, додава Трпевска.

Таа истакнува дека земјава сама го прифатила тој модел со тоа што сме членка на Советот на Европа, кој е вграден во законите и треба нашите власти континуирано да ги следат политиките и документите на Советот на Европа.

„Регулаторното тело кое е надлежно за овој јавен аспект на дигитализацијата треба да ги следи тие документи и да покренува активности за процесот да се спроведе како што треба. Напротив, бидејќи регулаторното тело е политизирано и партизирано, гледаме следење на политички интереси на партијата на власт и процесот е спроведен вака како што е. Не само овој регулатор туку и претходниот, бидејќи и претходниот има голема вина за тоа како е спроведена дигитализацијата“, вели Трпевска.

Функционерите и владините претставници во последните неколку години честопати даваа изјави дека Македонија е прва земја во регионот која направила дигитализација на телевизискиот сигнал, но кои се предностите на целиот процес?

Зоран Фидановски, кој е член во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, вели дека воопшто не е убеден дека дигиталниот премин помогнал во демократизација на комуникациите.

„Фактите покажуваат дека дигитализацијата овозможи појасен увид што сакаат вистинските телевизиски гледачи како програмска содржина. Понудата што ја даваат националните телевизиски куќи, независно дали се терестријални или се емитуваат преку кабел, сателит, интернет-платформа, со многу ретки исклучоци, не ги задоволува критериумите, а уште помалку апетитите на публиката. Од тие причини, истражувањата велат дека барем една третина од гледачите воопшто не „врти“ на домашните ТВ-канали и исклучително гледа странски програми од различна содржина. Значи, програмската понуда, а не дигиталниот сигнал треба да се пресудни за успехот на еден телевизиски медиум“, вели Фидановски.

Според претседателот на Советот на етика, Мирче Адамчевски, дигиталниот премин и усвоената регулатива никако не овозможиле демократизација на медиумите бидејќи тие се и понатаму во рацете на власта, зависни од неа, преку „независните“ регулаторни тела. Процесот на дигитализација, според него, не бил доволно транспарентен и инклузивен.

„Не беше формирано национално координативно тело за дигитализација кое требаше да ја води целата работа транспарентно. Потоа не беа направени сите законски промени. „Насила“ беа дадени три мултиплекса. Сега тој што ги има нив мака мачи да си ги врати парите што ги вложи“, вели Адамчевски.

Кој доби, а кој изгуби од процесот на дигитализација?

Според Трпевска, прво прашање е дали начинот на кој се спроведе процесот на дигитализација кај нас ги фаворизираше домашните радиодифузери или не, бидејќи сите земји го спроведоа процесот за да ја збогатат домашната понуда.

Таа вели дека првата Стратегија за радиодифузија 2007-2012 предвидува преносот на сигналот да се направи така за да биде во прилог на домашните емитувачи, кои треба да ги штитат културниот идентитет и домашните содржини, но таа стратегија не се спроведе и конкурсите се доделија на странски фирми.

„Тие оператори користат фреквенции кои се доделени на Р.Македонија и фреквенциите се јавно добро, спаѓаат во јавен ресурс, како води, руда итн. Најголем број земји не го даваат тој пренос на некој друг за да се врши пренос на странски канали, туку го користат за пренос на домашните содржини“, вели Трпевска.

Друго прашање, пак, според неа е што ни донесе дигитализацијата како плурализам на содржини – на национално и на регионално ниво, како културен и јазичен плурализам, но и политички плурализам.

„Порано имавме многу станици кои емитуваа на јазиците, тие сами си беа регионални и локални, таа разноликост се изгуби во поглед на јазикот на кој емитуваат затоа што ако тие не се способни финансиски да произведуваат содржини, уште помалку ќе може да произведуваат на малцинските и на малите јазици“, додава таа.

Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, најмногу корист од целиот процес има операторот на ДВБ-Т мултиплексите за комерцијална телевизија, компанијата „Оне“.

„Што се однесува до телевизиите, за нив тоа значеше нови трошоци што можат да си ги дозволат само најголемите. Така и се случи да останеме без локална терестријална телевизија, односно сите локални телевизии да се префрлат од терестријално на кабелско емитување. Проблем е што управувањето со ДВБ-Т мултиплексите за комерцијална телевизија беше доделено на приватна компанија, која доби фактички монопол и може да диктира цени“, вели тој.

Според Георгиевски, ваквата состојба се одрази негативно на локалната радиодифузија бидејќи локалните телевизии, не можејќи да си го дозволат плаќањето на надоместокот на „Оне“ се префрлија на кабелско емитување.

„Тоа значи дека граѓаните од помалите рурални средини, каде поставувањето на кабелска мрежа не е исплатливо, поради малиот број жители за кои претплатата е значајна ставка во семејниот буџет, имаат пристап само до националните и до регионалните ТВ-станици и добиваат многу малку локални информации, кои би требало да им се особено значајни“, додава тој.

Во декември 2013 година, операторот „Оне“ објави дека постигнале покриеност од 94,9 отсто од домаќинствата во Македонија.

Од „Оне.Вип“ за локалните радиодифузери велат дека во согласност со тендерската постапка за определување оператор, не било предвидено локално, туку национално и регионално емитување.

„Ако се мисли на регионалните канали, на почетокот бројот на локални канали што одлучија да преминат на регионално емитување беше поголем, но потоа нивниот број се намали. Во моментов има 16 ТВ-канали кои регионално се емитуваат. На начинот на којшто беше предвидена тендерската постапка, требаше да се определи цена за национално и за регионално емитување. Иако технолошки гледано регионалното емитување во извесна мера е посложено, сепак, имајќи ја предвид помалата способност за покривање на трошоците за емитување, износот за регионално емитување изнесува 632.400 денари/Mbps во споредба со национално емитување, каде надоместокот според тендерот е 4.836.000 денари/Mbps. И покрај вака нискиот износ, сепак некои регионални ТВ-програми решија да преминат на друг вид емитување“, велат од „Оне.Вип“.

Од ЦРМ велат дека наплаќањето на терестријалните радиодифузери од страна на „Оне.Вип“ за преносот на сигналот – околу 100.000 евра за национално и околу 14.000 евра за регионално емитување – локалните телевизии не можат да си го дозволат.

Владејачката партија го зајакна медиумското портфолио

Според познавачите, надлежните институции го искористија и процесот на дигитализација за да ги продлабочат клиентелистичките врски со медиумски сопственици.

„Терестријалната мрежа, кога на неа гледаме како на ресурс, е поограничена од дигиталната која овозможува постоење на многу повеќе канали. Ова теоретски би требало да значи дека таа овозможува поголем политички и културален плурализам низ медиумите. Но, тоа не се случи така кај нас. Причината е што дигиталната беше користена повторно, како клиентелистички ресурс“, вели Игор Мицевски од Институтот за комуникациски студии.

Од Центарот за развој на медиуми, пак, велат дека владејачката партија повторно ја искористи можноста да го зајакне своето „медиумско портфолио“, особено на регионално ниво, преку деловни луѓе и сопственици блиски до неа.

„Преку регулаторното тело, пак, го спречува влезот на пазарот на нова телевизија од која можеме да очекуваме дека ќе се грижи примарно за јавниот интерес, пред сè, преку критички пристап кон општествените процеси и работата и политиките на власта“, вели Дејан Георгиевски од ЦРМ.

Според Трпевска, факт е дека власта и преку регулаторот и преку другите механизми што ги користи како државното рекламирање со години наназад, ги привлече сопствениците на своја страна, давајќи им многу пари.

„Од друга страна, регулаторот одобруваше промени на сопственичка структура или поврзување на телевизии, како случајот со локалните кои се поврзани во регионални мрежи, формално ги поминуваше промените на сопственичката структура без да копа во заднината на сопственоста. И сега преку анализа на сопственоста може да се види дека ние имаме такви обрасци на сопственичка структура кои повторно ја фаворизираат идеологијата или политиката на владејачките структури“, додава таа.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, пак, велат дека дигитализацијата не се одразува врз професионалноста во работата на медиумите или новинарите. Според нив, граѓаните имале бројни придобивки од процесот, како поквалитетни слика и звук, можност за пристап до многу поголем број на програми, титлување на повеќе јазици, електронски програмски водич, можности за интерактивна телевизија со употреба на интернет-врска, побрз телетекст и друго.

Јавниот сервис останува маргинализиран

Наместо да биде лидер во дигитализацијата и столб во одбрана на јавниот интерес, МРТВ стана уште повеќе маргинализирана, коментираат познавачите. Според Мицевски, не само што овој процес не го одбрани јавниот интерес, туку тој беше злоупотребен за релативизација на она што по дефиниција би требало да биде јавен интерес. Јавниот сервис треба да предводи во домашната продукција, особено во создавањето детски, образовни или играни содржини. Сепак, според поранешниот директор на МРТВ, Петар Каранаков, дигитализацијата донесе и доста предности за јавниот сервис. „Дигиталната опрема резултира со поголеми капацитети за снимање и за покривање на многу повеќе настани, со што се дава можност за драстично проширување на сè она што ќе биде опфатено и, секако, поголема можност на извршување на јавниот интерес во полн капацитет, особено ослободен од техничко-технолошките ограничувања. Сепак, приоритетите ги носат уредниците, а не техниката за снимање и за пренос“, додава тој.

Интернетот ја менува телевизијата

Телевизијата, како и другите медиуми, не може да ја избегне кризата што со себе ја донесоа новите технологии и демократизацијата на производството и на пласманот, односно емитувањето на содржини, велат од Центарот за развој на медиуми. Според нив, ударот на новите интернет-платформи допрва ќе почне да се чувствува. „Истражувањата покажуваат дека само во една година, водечките 30 кабелски ТВ-канали во САД изгубиле во просек 10 отсто од својата публика во ударно време (prime time), што значи помалку приходи од реклами. Публиката преминува на новите интернетски сервиси за „стриминг“ и за „видео он деманд“, како што е „Нетфликс“. „Нетфликс“ сега влегува и во нашиот регион, па ќе видиме што ќе се случува кај нас, меѓутоа, дека ќе има промени, ќе има. Иако постојат мислења дека за нашето осиромашено население претплатата може да биде прохибитивно висока, па на „Нетфликс“ ќе се претплати претежно младата урбана публика што е навлечена на американски серии и може тоа да го плати“, вели Дејан Георгиевски од ЦРМ. Технологијата веќе ја менува телевизијата, но, од друга страна, телевизијата е најмоќна од традиционалните медиуми и има најголеми ресурси да се бори, а и да се адаптира на ударот на новите технологии и на новите платформи, смета Георгиевски.

(Текстот е изработен во соработка со Фондација Метаморфозис, во рамките на проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, финансиран од Independent Journalism Programs од Лондон.)