Мени

Никој не виде аир од дигиталниот „air“

800px-Television_studio_HTV-e1456159962814

Поради бирократски и политички причини, поради неспособност и брзање, поради правeње крупни чекори без претходни консултации со тие што ја емитуваат содржината, дигиталниот етер во Македонија ем е неискористен, ем станува неинтересен за приватните радиодифузери. Комерцијалните се жалат на превисоки цени и на монопол, а јавниот сервис, затуткан во својата замислена моќ и елитистичка закрила од владеjачката партија, не може да мрдне напред зашто дојде до политизација на процесот.

Автор: Теофил Блажевски

Република Македонија, трета година по спроведувањето на дигитализацијата во телекомуникациите, не ги виде придобивките од овој процес. Кога мислиме на РМ, мислиме, пред сѐ, на граѓаните, но и на државата. Единствено што добија гледачите, на прв поглед, е поголем број „канали“ и „кристално чиста слика“. Но, тоа се лажни придобивки, зашто ниту сите граѓани имаат поголем број канали ниту, пак, сите имаат „кристално чиста слика“. А, за тоа говори и фактот што главниот концесионер на „дигиталните фреквенции“, „Оне“, пренесува слика до своите корисници во стандардна дефиниција (SD), како и тоа дека неговиот удел во пазарот е под една четвртина од ТВ-претплатниците.

И она што е најважно, ниту граѓаните, ниту комерцијалните радиодифузери ги ползуваат предностите на дигитализацијата на сигналот, зашто целиот процес, се чини, е воден избрзано, без да се слушнат сите гласови на заинтересираната јавност.

Ова е генералната слика што се добива кога ќе се навлезе подлабоко во процесот на дигитализација и кога ќе се слушнат луѓето што го познаваат процесот и кои се или биле заинтересирани страни.

ЕМИТУВАЊЕ ВО СД – РЕЗОЛУЦИЈА

Во моментов, по три години од процесот, ја имаме следнава ситуација: најголемиот дел комерцијални радиодифузери на национално или регионално ниво терестријално емитуваат преку операторот „Оне“ – фирма-ќерка на „Телеком Словенија“, кој ги оперира двата мултиплекси добиени на концесија од државата. Сигналот се пренесува дигитално во СД-резолуција (standard definition), поради цената и затоа што капацитетите се ограничени, а технологијата со која располага „Оне“ e DVB-T (digital video broadcasting – terestrial), односно за дигитално терестријално видеоемитување. Таа, пак, се смета за застарена бидејќи прави многу помала компресија на сигналот (слика и тон) за разлика од новата DVB-T2 технологија и овозможува протек од максимално 22 Mbit/s (22 мегабити во секунда) по мултиплекс.

На еден мултиплекс од двата колку што оперира „Оне“, може да се „спакуваат“ максимално 11 телевизиски канали во СД-резолуција или само три во целосно висока дефиниција (FULL HD), бидејќи по сите стандарди за СД се потребни минимум 2 Mbit/s, а за висока дефиниција – од 6 до 8 Mbit/s.

Оттаму, петте телевизии со национална концесија што емитуваат терестријално преку ограничен ресурс (радиофреквенции преку воздух), плаќаат за сигнал со проточност од 2 Mbit/s, што е доволно за емитување во СД резолуција. Тоа, пак, при динамични сцени како што се спортските преноси, на пример, не ги задоволува потребите за квалитетна слика, поради што протекот на сигналот преку „Оне“ е динамичен, односно во такви случаи се зголемува протекот на мегабити во секунда за еден канал, на сметка на квалитетот на другите, објаснуваат дел од нашите соговорници.

Со други зборови, двата мултиплекси со кои оперира „Оне“ не можат да го опслужат пазарот со поквалитетна слика, бидејќи технологијата што ја користи е застарена. А, тоа е така, според нашите соговорници, затоа што во моментот кога дури на третиот по ред тендер од Агенцијата за електронски комуникации се пријавил „Оне“, тој поседувал веќе изградена мрежа за пренос на сигнал за својата ТВ-платформа „Бум ТВ“ (BOOM TV), со технологија за пренос DVB-T.

СЛИКА СО ВИСОКА РЕЗОЛУЦИЈА ГЛЕДАМЕ ПРЕКУ КАБЕЛСКИТЕ И ДРУГИТЕ ОПЕРАТОРИ

Последната анализа на АЕК за четвртиот квартал од 2015 година јасно покажува кој е главниот носител на „дејноста“ во пренос на ТВ-сигналот до крајните корисници:

  • Кабелска телевизија – 54,32 отсто
  • Телевизија преку интернет(IPTV) – 26,64 отсто
  • DVB-T (т.е. „Оне“) – 14,65 отсто
  • Сателитска телевизија – 4,39 отсто

Ова значи дека преносот на дигитална телевизија преку терестријален предавател е при самото дно. За одбележување е уште и податокот од анализата дека крајните корисници на овој тип услуга опаднал за 5,32 отсто во споредба со претходниот квартал на 2015 година. Во истиот анализиран период се зголемил за 4,4 отсто кај кабелските оператори, а, пак, во однос на вториот квартал од 2014 година, може да се забележи зголемување за 13,54 отсто од корисниците.

Ова покажува дека комерцијалните радиодифузери и на национално и на регионално ниво, интересот го гледаат во емитување кај „кабелџиите“, пред сѐ поради немањето трошоци (не плаќаат на „Оне“ за нив високи суми), а емитувањето преку неограничен ресурс (кабел) им овозможува на оние телевизии што вложија во високорезолуциска технологија да им пружат на гледачите квалитетна слика. Оттаму, сите ние што гледаме канали со висока резолуција на некои од телевизиите во Македонија, најчесто ги гледаме преку кабелски оператор или интернет-телевизиска платформа.

И сега, при вакви состојби на пазарот, зошто беше потребно целото тоа брзање за почнување со целосна дигитализација на сигналот во 2013 година, кога крајниот рок поставен од телата на ЕУ во 2006 година во Женева, бил 2015 година? Основното прашање е што добија граѓаните на Македонија и во поглед на технолошки иновации и во поглед на плурализам на програмска понуда, идеална за мултинационално и за мултикултурно општество какво што е Република Македонија?

МРТВ – ЏИН ЗАПЛЕТКАН ВО ПОЛИТИКАНТСТВО

Одговорот мора да се насочи одделно кон јавниот сервис и кон приватните радиодифузери, зашто природата на нивното работење и обврските и задолженијата за едните и за другите се различни.

МРТ ги нема трошоците за пренос на дигитална телевизија преку терестријален предавател какви што имаат комерцијалните. МРТ го пренесува крајниот сигнал до своите корисници преку еден од двата мултиплекси што се наменети само за неа и со кои некомерцијално работи јавното претпријатие Македонска радиодифузија, на која ѝ се дадени на располагање вкупно три мултиплекси. Тоа значи дека МРТВ на располагање има многу поголеми капацитети за пренос на сигналот, а соодветно на тоа и многу поголеми можности за разновидна програмска понуда, за креирање на т.н. субканали, односно специјализирани канали, и сите други предности што се овозможени со дигиталниот сигнал. Но, тоа не се случува во практика, еве веќе трета година.

Ова е дотолку почудно ако се знае дека од редовните неколку милиони евра што ги добива како помош од државниот буџет секоја година (околу 4 милиони евра само врз основна член 105 од Законот за аудио- и аудиовизуелни медиумски услуги), значителни средства се однесуваат на развојот и на заокружувањето на процесот на дигитализацијата. Тоа може да се погледне и од финансискиот план за 2016 година, на пример, каде се гледа дека за заокружување на опремата за дигитализација ќе се потрошат 20 милиони денари или повеќе од 324.000 евра, плус неколку милиони денари ставени во графата амортизација, каде, исто така, се споменува дигитализација на опрема.

MRTV

Во МРТ, сепак, размислувале на оваа тема. На седница на Програмскиот совет (ПС) на МРТ при крајот на минатата година, на ПС му било предложено од раководството на куќата разгледување и усвојување на нови програмски канали на МТВ, за почеток експериментално, а со образложение дека ќе се зголеми разновидноста на понудата. Тогаш (во ноември 2015 година), планот предвидувал отворање на три нови канали на МРТ и тоа МТВ 3 – Музичко-забавен канал (плус спорт), МТВ4 – Документарен канал и МТВ 5 – Детски канал.

Но, раководството заборавило на едно – МРТ е јавен сервис на сите граѓани на РМ и во согласност со закон се финансира од нив, а не обратиле внимание на програмите на јазиците на националностите што се емитуваат во поделено време на Вториот програмски сервис на МТВ. На седницата дошло до остра дискусија покрената од некои од претставниците на Албанците, кои прво побарале доделување на целиот втор канал само за емитување програма на албански јазик, третиот канал да се додели за емитување на јазиците на другите народи што како малцинства живеат во Македонија, а дури потоа да се размислува за други канали. По ова дошло до гласање, во кое прво бил усвоен предлогот на раководството, а откако било побарано автентично толкување од Собранието на РМ, па гласање по Бадентер, итн., на крај сето тоа завршило со барање на раководството за укинување на штотуку донесената одлука на ПС на седницата.

Оттука, граѓаните повторно не добија ништо. Ниту, пак, се размислувало (тоа не стои во документите што ги видовме) за можноста за избирање титлуван или аудиопревод на новите канали, ниту на некои од постојните. Заклучокот е дека не е направен доволен обид за, на пример, мултиетничко гледање на сите програмски понуди на МРТ, што би била вистинска придобивка за секој гледач.

Тоа го наведува и Горан Гаврилов, сопственик на трговското радиодифузно друштво што го емитува националното радио „Канал 77“, кој важи и за одличен познавач и на законската материја и на техничките можности:

Со повеќе од три години со располагање со овој ресурс, МРТ освен дигитализирање на сликата апсолутно не направи ништо што ќе биде добивка за публиката. Не верувам дека причина за ова биле економските услови, бидејќи целата инфраструктура беше изградена со помош на АЕК одржувањето на опремата и сигналот преку ЈП МРД е на товар на граѓаните преку претплата, приходите од реклами се значителен влог на средства кои треба да се реинвестираат, набавката на дигитална студиска опрема беше помогната од буџетот на РМ, од УСАИД, од Холандија… Така што сите овие услови помогнати од многу фактори, а во исто време со зголемена наплата на претплатата со помош на УЈП, донесоа добра основа за успешен дигитален старт на МРТВ – вели Гаврилов.

Тој е, сепак, убеден дека токму МТВ треба да предничи во овој процес и во освојувањето на новите технологии, со крајна цел – добивка за сите и за граѓаните и за државата:

Сепак, МРТ, како главен предводник на медиумско-технолошките стандарди во Македонија, мора да ја предводи дигитализацијата во насока на високопродуктивна технологија, додавајќи нови содржини и нови сервиси за задоволување на потребите на публиката – вели Гаврилов.

За сите овие нешта, како и за техничките аспекти, на пример, за тоа дали МТВ пренесува сигнал со висока резолуција преку мултиплексот, а не само преку кабелските што ја преземаат, сакавме да го слушнеме мислењето на одговорните. Но, и покрај уредно испратениот меил до одговорниот уредник на Првиот програмски сервис и до раководителот на Секторот за ТВ/РА техника, како и на неколкуте барања на мобилниот телефон на првиот, не добивме никаков одговор.

КОМЕРЦИЈАЛНИТЕ БЕЗ ПЛАНОВИ ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПОНУДАТА

Ако МТВ со толкави средства и без трошоци кон МРД за пренос, не успева да загази силно во развој на понудата на програмата и во користење на предностите на дигитализацијата, зошто би очекувале од финансиски многу послабите комерцијални радиодифузери да размислуваат за збогатување на понудата и за користење на предностите на дигиталниот сигнал?

Главната причина што ја наведуваат е дека при ваков намален маркетиншки колач во Македонија, кој според нив не надминува 20 милиони евра на годишно ниво (без парите од владините реклами кои сега се секнати), а со непотребно високи трошоци за емитување и за пренос на сигналот терестријално, преку мултиплексите на „Оне“ (со попусти околу 105.000 евра за СД на годишно ниво), едноставно немаат перспектива да размислуваат за специјализирани канали, за 3Д-емитување, за мултијазични преводи на нивните програми или, пак, да не зборуваме, за технологија што ќе овозможи избирање камера од страна на гледачот.

Парите и пазарот како веројатна причина за отсуство на предности од развојот на дигитализацијата, ги наведува и Дејан Георгиевски, директор на Центарот за развојот на медиумите (ЦРМ):

Главната причина е во тоа што кај нас пазарот, во моментот на дигиталниот премин, веќе беше презаситен со медиуми и е со ниско ниво на одржливост, со оглед на достапните приходи од реклами. Процените се движат од 20 милиони евра во најпесимистичката варијанта до, можеби, 40 милиони евра во најоптимистичката варијанта. Тоа го прави влезот на нови радиодифузери тежок и неизвесен, со мали шанси за успех. Дигитализацијата, инаку, се покажува успешна токму на тоа поле на нови услуги и на нови, особено специјализирани канали во добро регулирани пазари – вели Георгиев.

Како пример за поткрепа на неговото тврдење, Георгиев ги наведува Холандија и Британија.

Холандија покрај јавниот сервис со три канали, има два комерцијални ТВ-радиодифузери, секој од нив со три канали, а маркетиншкиот колач им се мери во милијарди евра. Слично, во Велика Британија, каде пред дигитализацијата имаше четири национални ТВ-мрежи, „Би-Би-Си“ со своите два канали, „Ај-Ти-Ви“(ITV), „Чанел 4“ (Channel 4) и „Чанел 5“(Channel 5), со своите регионални подружници, регионален канал во Велс и со 18 лиценци за ограничени услуги (главно, локално емитување). Кај нас, како што спомнав, поради неодржливоста на пазарот, неисплатливата инвестиција, а генерално и политички мотивираните одлуки за развој на радиодифузијата, тоа не очекувам да се случи во догледно време – вели Георгиев.

И Горан Гаврилов смета дека македонската публика не добила ништо повеќе отколку „малку почиста слика“, а причините, исто така, ги гледа во цената и во пазарот.

Приватните медиуми ја заменија својата студиска опрема во СД-технологија или високодефинирачка или некои во опрема „full HD“, но иако имаа студиска можност за висока дефинираност или некаква интеракција, тие сепак кај провајдерот „Оне“ емитуваат во стандардна дефиниција.
Што се причините за ова? Едноставно, одговор е цената која е договорена помеѓу АЕК И „Оне“. Годишниот надомест за дистрибуција на стандардна дефиниција на сигнал изнесува повеќе од 90.000 евра, а за висока дефиниција изнесува околу 300.000 евра. Регионалните ТВ-станици плаќаа околу 35.000 евра за СД.
Економската немоќ на фрагментираниот ТВ-пазар од енормно големиот број на ТВ-сервиси во етер и преку кабел, ја исцрпи моќта на телевизиите да го платат овој надомест и затоа квантитетот е одлучувачки фактор за квалитетот кој ќе го прима широката јавност.
На крај, публиката доби многу домашни канали во СД преку дигиталниот етер без висока дефиниција, без двојазичност, без 3Д , без интеракција. Содржинскиот дел да не го споредуваме воопшто, моќта на пазарот е толкава да се плати само пренос на сигналот.
Во исто време, кабелските оператори и „Макс ТВ“ како интернетска платформа дава можност и услуга да се емитува во висока дефиниција преку нивните дигитални пакети затоа што инвестираше во оптички кабли и преку проектите „Fiber to the office“ i „Fiber to the home“. Затоа е можно на долги патеки тие да бидат предводник на дигитализацијата со повеќе сервиси, што нема врска со дигиталниот етер – вели Гаврилов.

Тој предупредува на појавата и на нови технологии кои можат да го направат дигиталниот етер уште помалку атрактивен, споменувајќи ги притоа глобалните провајдери како ИП и ОТТ-платформа, познат преку фирмата „Нетфликс“ од Америка, која сега се појави и на пазарот и во ЈИЕ и која нуди филмови и серии со превод, кои се специјално произведени за тој пазар.

Ваквите технологии можеби ќе ги насочат и медиумите кон нив, а дигиталниот етер од бирократски причини може да стане неперспективен – вели Гаврилов, потсетувајќи во исто време дека во европските земји, државата освен што дотираше кај социјалните семејства да го прима дигиталниот сигнал, дотираше и во нови технологии во самите телевизии, поради производство на квалитетен сигнал.

ПРАШАЊАТА ЗА СОДРЖИНСКА ПОНУДА ВО ВАКВИ УСЛОВИ СЕ „АВАНГАРДНИ“

Слично размислува и Бисера Јордановска, доскорешната долгогодишна директорка на телевизијата „Алсат-М“. Таа смета дека избрзувањето со процесот и невклучувањето на приватните телевизии во договарањето на цената, како и сѐ помалиот маркетиншки колач, ја прави дигитализацијата неатрактивна за приватните телевизии, во смисла на плуралитет на програмски содржини.

Радиодифузерите, ако ги сведеме на строго комерцијалното функционирање, се во постојана битка за преживување. Во такви околности, прашања за содржинската понуда од аспект на дигитализацијата се дури по малку „авангардни“.
Опции за поквалитетна понуда, секако, има. На пример, можноста да се избере титл на повеќе јазици или, пак, двоканалниот тон. Имајќи ја предвид и структурата на населението во земјава и двојазичниот концепт, на пример, на „Алсат-М“, во нормални пазарни услови би било неминовно да се користат сите можности, но, реално, парите повторно го прават своето. Притоа, не станува збор само за дополнителниот трошок кон „Оне“.
Доколку радиодифузерот би сакал една серија да ја емитува со превод или синхронизирана на двата јазици, тоа значи многу поголем трошок за лиценцните права, бидејќи Македонија ја има и таа специфика, една иста серија да се продава за иста територија, но за македонски и за албански одвоено.
Проценката на телевизиите веројатно е дека поголемиот трошок комерцијално не може да се оправда, ниту да се врати преку реклами. Причина за тоа, меѓу другото, е и што преголем број радиодифузери се борат за сè помал маркетиншки колач.
Во таа смисла, анализата за состојбите во медиумскиот простор треба да се постави многу пошироко, бидејќи дигитализацијата само продолжи и продлабочи затекнати состојби – вели Јордановска.

И од ТВ „Телма“ сметаат дека проблемите се и во провајдерот и во маркетиншкиот колач, т.е. во парите. Димче Славески, одговорен за техниката во телевизијата, вели дека гледачите, барем во однос на сигналот, не добиле ништо повеќе, а тоа што е „најпоразително“ е ограничениот пренос на сигналот.

Што се однесува до понудата што ја добија гледачите, може слободно да кажеме дека во однос на квалитетот на сигналот не добија никакво подобрување во споредба со тоа што го имаа претходно.
Тоа што е најпоразително во спроведената дигитализација е ограничениот преносен капацитет на мултиплексите – 22 Mbps /MUX или 44 Mbps вкупно за двата. Тоа е така затоа што се користи застарена технологија ДВБ-Т, во моменти кога во развиените земји се користи ДВБ-Т2, што обезбедува до 40 Mbps. Едноставно кажано, операторот „Оне“ нема капацитет да пренесува сигнали во високодефинирана резолуција – вели Славески.

Во врска со отворањето на специјализирани канали за некоја област, Славески смета дека за тоа е потребно да се оформи независен субјект (ТРД) и да се добие соодветна лиценца од Агенцијата за аудио-визуелни медиуми и медиумски услуги (ААВМУ). Што се однесува до употребата на преводи на друг јазик, „нема други ограничувања освен финансиските“. Славески смета дека цените што се плаќаат кон „Оне“ се високи и дека треба да има друг начин на пресметка.

Цените што ги плаќа телевизијата на операторот „Оне“ се високи и споредбено со трошоците за комплетното сервисирање на аналогната терестријална мрежа, се минимум петпати повисоки. Цената би требало да се формира врз база на реализираниот трансфер на податоци за секоја телевизија посебно – вели Славески.

Тој додава дека трошоците што ги имала телевизија „Телма“ досега се вложување во енкодерот за емитување дигитален сигнал и за прилагодување на истиот пред да му биде доставен на „Оне“, но како трошковен аспект го смета и дотогашното вложување во постојната линковска и предавателна опрема за која ТВ „Телма“ потрошила повеќе од 1,5 милиони евра и која може до 70 отсто да се користи во дигиталната мрежа.

Но, оние 30 отсто никој не им ги надомести на радиодифузерите. Тоа ни го потврдија и Гаврилов и Јордановска, која вели:

За некои телевизии, кои имаа многу вложено во мрежата предаватели, како, на пример, „Алсат-М“, и тоа пред само неколку години, тоа индиректно беше и финансиски удар, бидејќи компанијата практично и немаше можност за остварување на својот бизнис-план кој како основа за таа инвестиција секако го има предвид и времетраењето на лиценцата добиена на 10 години.

НЕМА АИР ОД ДИГИТАЛНИОТ ЕТЕР

Заклучокот што може да се изведе, не само од овие соговорници, туку и од претходните расправи на разни собири по овој повод, е безмалку поразителен. Нема подобар сигнал, т.е. слика преку операторот на терестријалниот дигитален мултиплекс, „Оне“, нема медиумски плурализам во смисла на вклучување на повеќе радиодифузери кон „Оне“, напротив процесот е обратен, нема плурализам во програмската содржина, нема специјализирани субканали, нема 3Д, нема интеракција со гледачите, нема поевтинување на производството на содржината, итн.

Пред да почне овој процес, некаде уште од 2009 година, а финално од 1 јуни 2013 година, државата побара стратегија од тогашниот Совет за радиодифузија, денешната Агенција – ААВМУ. Првата стратегија, која предвидувала, меѓу другото, и непостоење на монопол за мултиплексите, не била прифатена без образложение, а потоа е прифатена втора стратегија, во која веќе е наведено дека МРД располага со два мултиплекси и дека други два се ставаат за комерцијална употреба.

Digital_broadcast_standards.svg_

Брзањето во процесот и штетноста од тоа прецизно го образложуваат и нашите соговорници. Бисера Јордановска вели дека во финалната фаза никој не ги прашувал комерцијалните радиодифузери.

Групацијата на националните телевизии на самиот почеток имаше повеќе средби со тогашните луѓе на Македонска радиодифузија за да се испита можноста за емитување преку наведените мултиплекси, но во понатамошниот процес таа опција беше исклучена од страна на Владата.
Надлежните тела, всушност, и многу доцна ја актуелизираа темата. Телевизиите беа ставени пред свршен чин, да го исклучат аналогниот сигнал и да ги демонтираат своите предаватели и да преминат на DVB-T или да изберат друго преносно средство (неограничен ресурс). Државата обврската за оперирање на два натамошни мултиплекси – и практично спроведувањето на дигитализацијата – ѝ ја довери на компанијата „Оне“. Националните за да останат терестријални и немаа друг избор, освен да склучат договор со оваа компанија – вели Јордановска.

И Горан Гаврилов вели дека државата и надлежните тела незаинтересирано се однесувале за потребите на приватните радиодифузери, во смисла дека е тоа „ваша приватна работа“.

Како последица на тоа, македонските граѓани не добија ништо, државата доби десетици милиони евра на име на царини и на даноци за нови телевизори, од концесијата за „Оне“, од продажба на дигиталната дивиденда на телекомуникацискиот пазар за развој на 4Г-технологијата за пренос на интернет-податоци. Или, со други зборови, освен еднократно за државата, процесот на дигитализација на телевизискиот сигнал не донесе аир никому, најмалку на граѓаните.

(Текстот е изработен во соработка со Фондација Метаморфозис, во рамките на проектот „Мапирање на дигитализацијата во радиодифузијата во РМ“, финансиран од Independent Journalism Programs од Лондон.)