Конференција „Одржливост на новите медиуми“

17.09.2014

Проекти

На 11 мај 2013 се одржа конференцијата за одржливост на новите медиуми во Македонија, на која земаа учество околу 80 претставници од медиумскиот сектор, како новинари и уредници, претставници на невладини организации, маркетинг агенции и меѓународни експерти. Организатор на настанот беше Метаморфозис, а се реализираше со финансиска помош од Амбасадата на САД.

Целта на конференцијата беше да се пренесат искуствата на меѓународните експерти Маркус Икстад, комерцијален директор во Streamworks Interactive и Тони Габриќ, главен уредник на H-Alter.org и тие да се искористат во македонскиот контекст за чие претставување пак, придонесоа 10 излагачи од македонски медиумски здруженија, организации, портали и агенции.

Настанот го отворија Бардил Јашари од Метаморфозис и Леана Мар, директор на Канцеларијата за образование на УСАИД и Вршител на должност Директор на УСАИД, кои ги истакнаа потребите од поттикнување дискусија на оваа тема меѓу релевантните чинители, наведоа некои од проблемите во областа и ја нагласија потребата од зајакнување на медиумите во Македонија во секоја смисла, за што пак, во тек се други проектни иницијативи.

Маркус Икстад се обиде да ги претстави главните предизвици за медиумите во Македонија и согласно на согледувањата, презентираше неколку модели на одржливост. Го претстави моделот за наплата на содржини на NY Times кој им овозможува на читателите да пристапат само до 20 бесплатни содржини без да се претплататат на дигиталниот систем. Washington Post во лимитот од 20 стории пак, не ги вклучува оние содржини до кои се доаѓа преку социјалните мрежи и пребарувачите.

Постојат и рестриктивни системи за наплата кои не овозможуваат споделување преку социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер. Сепак, заклучокот е дека доколку системите за наплата на содржините станат стандард, читателите ќе мора да одлучат на кои издавачи ќе им ги даваат парите, но и својата лојалност.

Беше презентиран и модел на одржливост преку агрегирање, продуцирање и дистрибуција на видео содржини и модел на креирање уникатни содржини кои ќе ја привлечат и ангажираат публиката.

Некои од неговите главни препораки се:

  • Креативност наспроти рестриктивност во системите за дигитална наплата
  • Продукција на уникатни мултимедијални содржини кои ќе помогнат во градење јак бренд
  • Соработка со стручњаци за стриминг кои можат да обезбедуваат видео материјал по погодни цени
  • Испитување на можностите за спонзорство на содржини
  • Помала зависност од СЕО-то на сајтот и од импресиите од поставените банери