Слободен пристап до информации од јавен карактер

31.08.2014

Проекти

Република Македонија усвои Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер во 2006 година, а правната рамка беше унапредена со измените на законот во 2010 година. И покрај ваквиот ветувачки развој на правната рамка, често многу е тешко да се оцени и да се знае колку всушност овие закони соодветствуваат со реалноста и колку во пракса тие се применуваат.

Затоа, Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со своите партнери Транспарентност Македонија, Фондацијата Метаморфозис, Македонското здружение на младите правници, Младинскиот образовен форум и Цивил – центар за слобода, преку веб-сајтот spinfo.org.mk им ја става на располагање целата досегашна пракса на спроведувањето на законот во рубриката Случаи, од каде што сите заинтересирани можат да ги добијат податоците со кои се располага, а кои се добиени преку користење на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Веб-сајтот www.spinfo.org.mk им нуди на граѓаните и на сите заинтересирани да имаат увид во информациите од јавен карактер кои се веќе објавени или доставени, да се инспирираат за видовите на прашања кои можат да им ги поставуваат на властите, како и можноста директно преку веб-сајтот да ги поставуваат овие прашања.

Ова е нова алатка, која е достапна онлајн и која ќе овозможи граѓаните, новинарите и сите заинтересирани да се запознаат како да поднесат барања за слободен пристап до информации, но и да ги споредат и спротивстават искуствата од користењето на ова право, со повеќе од 2.500 споредени случаи достапни на веб страната. Граѓаните ќе имаат можност преку оваа нова алатка да ги истакнат слабостите и најдобрите практики од правото на слободен пристап.

Фондацијата Метаморфозис ги дигитализираше барањата на граѓани за слободен пристап до информации од јавен карактер и истите се достапни во делот Ресурси на веб-локацијата на проектот.