Мени
jordanka_petrushevska

Вовед: Улогата на еРајдерите

jordanka_petrushevska Во една женска организација со која работев како еРајдер, за поврзување на интернет користеа обичен модем (дајал ап) и иако го користеа само за електронска пошта се жалеа на голема телефонска сметка. Забележав дека пораките ги читаа и пишуваат додека се поврзани на интернет, преку веб-меил. Им укажав дека може да користат соодветна програма (тандербрд или оутлук) за пишување и читање на електронската пошта кога не се на линија, со што значително ги намалија трошоците за пристап на интернет…

Луѓето кои ги среќавам најчесто не слушнале за терминот „еРајдер“ и ме прашуваат што е тоа? Како започна? Воведувањето на еРајдерство во Македонија произлезе од потребата за поголема примена на информатичко комуникациските технологии (ИКТ) во работата на граѓанскиот сектор, со што се овозможува на НВОи поефикасно и поуспешно да ги остваруваат своите цели и мисии.

еРајдерите претставуваат мобилни консултанти за ИКТ. Освен експертиза за ИКТ еРајдерот треба да поседува знаење за граѓанскиот сектор. Ниту во еден момент еРајдерот не смее да се прифати само како техничко лице. При посета на една организација, тој/таа се запознава со целите и мисијата на организацијата и според ресурсите (технички, човечки) што ги поседува самата организација изработува анализа на потреби. Од анализата на потреби понатаму произлегува ИКТ стратегија специфично изработена за секоја организација одделно. Во стратегијата освен активности поврзани со изработка на веб-сајт, конфигурирање мрежи, сервери може да се внесат и активности поврзани со подигање на капацитетите за користење на ИКТ, како обуки или курсеви.

Освен оној на почетокот, карактеристичен пример за еРајдерска интервенција е оној со „фризби-нет“. Членовите на една друга НВО, податоците од компјутер до компјутер ги префрлуваа или со помош на дискета, или со користење на електронска пошта, наспроти тоа што опремата во организацијата веќе беше поврзана во мрежа. Она што недостасуваше беше обука на членовите за користење на мрежата, пред сè за тоа како да ги пронајдат компјутерите на колегите и директно да копираат датотеките на и од нив.

Повеќе информации и документација за еРајдерството во Македонија можете да најдете на официјалниот блог
www.e-riders.blogspot.com

Јорданка Петрушевска

Поврзани натписи