Во првата недела од месец декември 2008 г., романската Агенција за комуникации (ANC) побара од интернет провајдерите да го блокираат пристапот до 40 веб-сајтови хостирани во Романија, бидејќи не ги исполнуваат критериумите од Законот за спречување и борба против порнографијата.

Во чл. 7 од Законот е наведено дека „физичките и правните лица кои креираат порнографски сајтови се обврзани да поставуваат лозинки за пристап до нив,а пристапот до нив ќе биде достапен само откако ќе се плати одреден износ за користење според број на минути, утврден од креаторот на веб-сајтот и пријавен кај даночните органи.“

Сепак, дури пет години по усвојувањето на законот, се уште не е предвиден конкретен износ во ниту еден нормативен акт.

Според соопштението за печат на ANC, нивната истрага открила дека „овие веб-сајтови, хостирани во Романија, не ги земале предвид законските услови за пристапот овозможен со користење на лозинка (во повеќето случаи, немало  ниту минимално предупредување за возраста на лицата на кои им е дозволено да пристапуваат и не се барало уплата за користење според истечени минути.“

Претседателот на ANC, Ливју Нисторан изјави дека списокот нема да биде јавно објавен, „во идниот период, ние ќе осигуриме пристапот до таквите веб-сајтови да биде блокиран“. Интернет провајдерите се обврзани да го блокираат пристапот на корисниците до соодветните веб-сајтови за период од 48 часа. Доколку не го блокираат пристапот на корисниците може да добијат казна од 2.500 до 12.500 евра.

Како што открива весникот на интернет – Хотњуз, списокот бил копиран од жалба поднесена од физичко лице на 28 ноември во која се наведени 46 веб-сајтови. Сè до 2008 година, примени се само девет жалби за овој закон и само еден веб-сајт бил блокиран кратко време во 2005 година (весникот Атак).

Скениран список испратен до интернет провајдерите можеше да се најде на неколку блогови на крајот на минатата недела. Во листата беше вклучен и веб-сајт за споделување на видеозаписи од корисници (220.ro), друго име на домен пак, само пренасочуваше кон веб-сајт со .com домен, а голем број веб-сајтови беа хостирани со некои бесплатни налози за хостинг во Романија.

Сопствениците на некои блокирани веб-сајтови се жалеа на одлуката и изјавија дека ќе ја тужат ANC затоа што не биле информирани за какви било проблеми на нивните веб-сајтови во однос на законот. Бидејќи беше направена блокада на ИП адресите, некои веб-сајтови едноставно ги променија нивните ИП адреси за повторно да бидат достапни. Нејасно е како еден веб-сајт може да се отстрани од листата, бидејќи ANC тврди дека во моментот не постои таква процедура.

Но системот за блокирање исто така предизвика блокирање на други, легални веб-сајтови, без официјални информации зошто тоа се случува. Јасно е дека само дел од околу 1000 интернет провајдери во земјата ја имплементираа мерката побарана од ANC, според разните извештаи од корисници од целата земја.

Мерката за блокирање на пристапот до веб-сајтови преку интернет провајдерите од страна на членот на ЕДРИ – АПТИ Романија беше окарактеризирана како многу опасна и како директен напад на слободата на изразувањето. Во јавното писмо до ANC, тие побараа итно повлекување на листата, како незаконска и бескорисна мерка.

Претставниците на граѓанското општество им објаснија на ANC дека има можност, според Законот за електронска трговија, да побараат од сопствениците на соодветните интернет страници да ги усогласат истите со законските одредби преку обезбедување на соодветен период за тоа или дури да ги казнат директно, без да се жалат кај интернет провајдерите и да бараат нереални мерки. Тие заклучија дека сегашната мерка претставува само цензура, без некој позитивен придонес за Побезбедниот интернет за децата.

ANC Demands Blocking the Access to 40 Pornographic Websites (11.12.2008)

Number of visitors for 220.ro in the past days

 

Извор: ЕДРИ-грам “Romanian Authority asks ISPs to block 40 pornographic websites” 17 декември, 2008.