Апарати за прислушување се продаваат и преку огласи, а најмногу ги користеле ученици за препишување на училиште, како и мажи што се сомневаат во верноста на сопругата.

„Слушај, ај да се видиме, не е за по телефон…“ Оваа од дамнина често повторувана реченица меѓу пријатели, колеги и роднини, кога треба нешто важно да се соопшти, денес би гласела „Да ти шепнам нешто, ама прво провери си го увото“.

Технологиите за следење комуникации и снимање разговори денес се толку напредни, практично невидливи, и леснодостапни што може да се набават преку оглас за само 250 денари! Секако, со таква опрема нема да може да се слушне новата пакост што ни ја подготвува Грција, но може да се слушне бебето кога плаче, сопругата кога се гледа со соседот или, пак, да се положат поголемиот дел испити на факултет или во средно училиште.

Скопски електроничар што продава вакви направи по огласи има доста непријатно искуство со жртвите на неговите клиенти. Тој инсистираше да не му го објавуваме името.

– Јас ги правам овие уреди, а кој како ги користи не е моја работа. Мојата „бубица“ има опсег од 50 метри, а снимката може да се слуша и на мобилен телефон. Снима одлично на ФМ-радиофреквенција, освен кога некој бран од скопските радиостаници и попречува – раскажува тој, покажувајќи ни го малиот преносник.

Сепак, од комерцијални причини, на обвивката на преносникот стои името на неговата фирма. Тука почнуваат проблемите за него.

– Ми се јави еден професор на скопска гимназија. Се чувствуваше гнев во неговиот глас. Ги фатил децата како препишуваат со мојата „бубица“. Што да му кажам, јас не ги охрабрувам децата да го прават тоа. Му објаснував дека има и млади електроничари, кои самите си прават предаватели – вели нашиот соговорник.

– Да се разбереме, јас не ги продавам уредите за да се злоупотребуваат. Има луѓе што решаваат брачни изневерувања со моите „бубици“. Некогаш ми се јавуваат мене, како јас да сум го поставил апаратот. Јас ги правам овие уреди за да се користат во благородни цели, на пример мајките да чујат дали бебето им плаче. Еве, подготвен сум на сите мајки што ќе родат близнаци, бесплатно да им дадам по една „бубица“ – додава тој.

Опрема колку сакаш

Но уредите на скопскиот електроничар се само дел од технолошката палета на апаратите што можат да се користат и за прислушување. Речиси сите мобилни телефони имаат вградено диктафони. Новите модели на диктафони се толку малечки што можат да се скријат во ракавот. На „И-беј“ и на други интернет-странци се продаваат мобилни телефони за само 1.000 евра со кои може да се прислушуваат други мобилни. Хакерските страници на дигиталната светска мрежа делат бесплатно мали програми, кои можат да се испратат по електронска порака, а потоа на испраќачот му доставуваат кориснички имиња и лозинки на жртвата. Списокот е долг. Во САД дури постојат и таканаречени „шпионски продавници“.

Законски ќе прислушуваат и приватници

Со измените на Законот за следење на комуникациите е предвидена можност со дозвола на МВР и приватни компании да набавуваат, продаваат и користат опрема за следење комуникации и прислушување. Ова, пред сè, се однесува на агенциите за обезбедување и детективска дејност.

– Немаме опрема за следење комуникации. Додуша, наши клиенти тоа го барале од нас, но такво нешто не правиме – велат од агенцијата за обезбедување „Бранител“ од Скопје. Сличен е одговорот и од другите такви агенции.

Во МВР велат дека засега никој не поднел барање за набавка, бидејќи сè уште се формира комисијата што ќе ги разгледува таквите барања.

Но комисија или какво било тело за контрола на користењето таква техника, било во државните институции било во приватните компании, нема.

– Досега не се направи поефикасен систем на контрола на овие уреди за прислушување. Некој од власта треба да објасни како ќе се контролираат тие уреди. Никој не ни кажа и колку пари се потрошени за купување опрема за следење комуникации. Овде има можности на секаков тип злоупотреба. Сега со можноста таква опрема да користат и приватни фирми, злоупотребата нема да биде само политичка. На крајот, и тие што го донесоа овој закон ќе станат жртви на прислушувањето – смета професорката Слаѓана Тасева.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци истакнуваат дека е неопходно да се поведе сметка како се користат личните податоци собрани со прислушување.

– Граѓаните мора да знаат дека според Законот за следење комуникации треба да се има судски налог за таква работа. Што се однесува до оние што продаваат разна опрема по огласи, треба да се знае оти тоа е противзаконски – вели Маријана Марушиќ, директорка на оваа дирекција.

Сепак се чини дека ништо нема да го запре масовното прислушување.

Автор: Александар Божиновски

Извор: Нова Македонија „Во Македонија прислушува кој ќе стигне“ бр. 21577, 29 декември, 2008.