Резултатите од Светскиот извештај за е-парламенти во 2008 г. подготвен од UNDESA и Интерпарламентарниот сојуз околу користењето на информатичко-комуникациските технологии во 105 собранија од целиот свет беа претставени на 25 ноември, 2008 г, на вториот состанок со високи членови на Одборот на Глобалниот центар за ИКТ во парламентите.
Ова е прв извештај од ваков вид за процена на нивото до кое се користат информатичко-комуникациските технологии од страна на парламентарците во рамките на нивните активности. Во извештајот се искористени и информациите разменети за време на Светската конференција на е-парламенти од 2007 г. и јавно достапните информации поврзани со темата.
Целта на извештајот беше да ѝ се помогне на „законодавната власт да ги процени можните придобивки од ИКТ во поддржувањето на основните вредности на парламентот, како што се транспарентност, пристапност, отчетност и ефективност, и истовремено неговите претставнички, законодавни и надзорни функции. Извештајот е објавен за да се воспостави споделена база на знаење помеѓу парламентите во светот, и што е најважно, да го промовира меѓународниот дијалог околу овие прашања.“ Во извештајот беа опфатени следните прашања: односот меѓу парламентите, ИКТ и информатичкото општество, иновацијата и водството, раководството, планирањето и ресурсите, инфраструктурите и услугите, документирањето на законодавниот процес; парламентарни веб-сајтови; изградба на база на знаења за парламентот, подобрување на дијалогот помеѓу парламентите и граѓаните и соработка и координација.
Според извештајот, само 10 отсто од парламентите од Европската унија, Африка, Латинска Америка, Австралија и Канада користат ИКТ за да ги информираат граѓаните околу нивните активности. „За повеќето парламенти, нашето истражување има документирано дека има значајна дупка помеѓу она што е можно со ИКТ и она што било постигнато,“ изјави Џефри Грифит, еден од авторите.
Студијата покажа дека само 43 отсто од парламентите потврдиле дека имаат системи за управување со документи, а повеќето од нив наидуваат на тешкотии кога треба да го ажурираат нивниот веб-сајт и да го направат пристапен за пошироката јавност. Дури и кога на сајтовите се прикажуваат текстовите од законите, недостасуваат линкови до релевантните информации.
Во повеќето, но не и во сите случаи, нивото на употреба на ИКТ од страна на парламентот се чини дека е поврзано со нивото на националниот доход.
Според мислењето на г. Грифит, парламентите треба да користат сличен модел на техниките од Веб 2.0 користени во текот на претседателските избори во САД, но исто така смета дека со цел да го направат тоа, потребно е силно политичко водство, активна вклученост на членовите на парламентот и добро обучен персонал. „Постигнувањето на високо ниво на изведба во примената на ИКТ не зависи само од ресурсите; туку потребна е и силна политичка поддршка, активно вклучување на членовите, способен секретаријат, добро обучен технички персонал и постојана посветеност на стратешката имплементација на информатичко-комуникациските технологии во законодавството“ се вели во Светскиот извештај за е-парламенти за 2008 год.
За време на конференцијата на Европскиот парламент, Мехтилд Роте, потпретседател на ЕП изјави дека стратегиите за е-парламент исто така требало да гарантираат високо ниво на ИТ-безбедност за приватноста на личните податоци на граѓаните. Таа исто така изврши презентација на ИКТ алатките користени од страна на Европскиот парламент кои вклучуваат РСС фидови, подкастови, онлајн стриминг на пленарни седници на 23 јазици. Оваа презентација беше спротивна на изјавите на претставниците на Египетскиот парламент и сèафриканскиот парламент кои зборуваа за „голем дигитален јаз“ помеѓу развиените и африканските земји.
„Има пречки од технички аспект и од аспект на практично знаење во однос на воведувањето на ИКТ во парламентите на земјите во развој, поради незнаење, сиромаштија и војни,“ изјави Ахмед Фати Сорор, спикерот на Египетскиот парламент кој беше поддржан од Гертруд Монгела, претседател на сèафриканскиот парламент. Таа говореше за недостигот на дијалог и застапеноста во собранието што беше една од причините за конфликти, како што е сегашниот во Конго.
Истражувањето исто така покажува дека во парламентите има волја за подобрување на употребата на ИКТ технологија и подигнување на свеста за важноста на тоа прашање.
Светскиот извештај за е-парламент за 2008 исто така ги посочува „можностите за придобивки на парламентите од соработката на регионално и глобално ниво во доменот на е-парламентот. Постојните и новите парламентарни мрежи може да поддржат некои од овие заложби, но светскиот дијалог станува сè поважен. Со нудење на координирана поддршка и обука за оние парламенти што имаат помалку ресурси, со зголемување на можностите за споделување на експертиза и софтвер на глобално ниво и обезбедување на подобар пристап до парламентарните информациони ресурси, парламентите ќе бидат во поповолна позиција за исполнување на оправданите очекувања на граѓаните, да ги постигнат заедничките цели и да ги унапредат начелата на Светскиот самит за информатичко општество.“
Parliaments are slow in going online, study shows (25.11.2008)
World e-Parliament Report 2008 – Executive summary
ЕДРИ-грам: “Parliaments seem to use very little IT technology” бр. 6.23, 3 декември, 2008



