Според извештајот што го објави Европската комисија, пенетрацијата на широкопојасниот (бродбенд) интернет продолжува да расте во европските земји, од 18.2% во јули, 2007 г. на 21.7% во јули, 2008 г.

Извештајот исто така покажува дека се намалува јазот помеѓу земјите-членки на ЕУ, од 28.4 отсто во јули 2007 на 27.7 во јули, 2008 г. Со 17-те милиони фиксни бродбенд линии поставени за една година, денешните бројки покажуваат дека брзиот интернет во ЕУ е уште пораспространет и побрз, додека мобилниот бродбенд зема замав со пенетрација од 6.9 отсто. Три четвртини од широкопојасните линии во ЕУ имаат брзина на преземање од 2 милиони бита во секунда (мбпс) и повеќе, брзина која, на пример, поддржува телевизиски пренос преку интернет.

„Развојот на бродбендот продолжува, а најразвиените земји-членки на ЕУ остануваат лидери во пенетрацијата на широкопојасниот интернет,“ изјави Вивиен Рединг, Комесарот за телекомуникации на ЕУ. Исто така, ме радува што другите европски земји се приближуваат во тој поглед. Во рамките на Европскиот план за санација презентиран од Комисијата неделава, планираме да префрлиме дополнителна милијарда евра од европските фондови за инфраструктурата на брзиот интернет. Очекувам дека оваа дополнителна мерка, заедно со политиката за создавање на ефективна конкуренција и проширување на пазарите ќе го поплочи патот за идејата „Широкопојасен интернет за сите европејци“ до 2010 г. и „Брз интернет за сите европејци“ до 2015.“

Новите бројки објавени од Европската комисија денес покажуваат дека, и покрај намалените перспективи за голем развој на економијата, развојот на бродбендот продолжи во последната година во ЕУ, со зголемување од 19.23% помеѓу јули, 2008 и јули, 2007 г. На 1 јули, 2008 г. имаше повеќе од 107 милиони фиксни бродбенд линии во ЕУ, од кои 17 милиони линии беа додадени од јули 2007 г. Стапката на развој беше највисока во Малта (6.7 линии на 100 жители), Германија (5.1 на 100 жители) и Кипар (4.9 на 100 жители) а најниска во Финска (1.9 на 100 жители) и Португалија (1.0 на 100 жители).

На глобално ниво, Данска и Холандија остануваат светски лидери во широкопојасниот интернет, со пенетрација од над 35%. Девет земји во ЕУ (Данска, Холандија Шведска, Финска, Обединетото Кралство, Луксембург, Белгија, Франција и Германија) се пред Соединетите Американски Држави кои имаат пенетрација од 25% според статистиката на OECD од јуни, 2008 г.

Јазот помеѓу најсилните (Данска 37.2%) и најслабите земји во однос на развојот на бродбендот (Бугарија 9.5%) е сè уште голем но за прв пат се намалува (во јули, 2007 г., пенетрацијата во Данска беше 34.1% додека во Бугарија беше 5.7%). Јазот главно се должи на недостигот на конкуренција и слабости на регулаторните комисии. На пример, додека пазарниот дел за фиксните бродбенд оператори полека се стабилизира на околу 45%, во некои земји (Австрија, Бугарија, Франција, Ирска, Литванија, Романија и Шпанија) е зголемен од јули 2007. Овие главни пречки за развојот на широкопојасниот интернет ќе се земат предвид при менувањето на телекомуникациските прописи на ЕУ, коишто моментално се предмет на расправа во Европскиот парламент и Советот на министрите.

Комисијата исто така ги објави првите бројки што покажуваат фиксни бродбенд брзини, што е важен индикатор за општеството базирано на знаење. 74.8% од пријавените линии во ЕУ се во опсегот од 2 мбпс и повеќе: 62% помеѓу 2 и 10 мбпс, 12.8% над 10 мбпс. Поголемите брзини на пренос на податоци генерално им обезбедуваат на корисниците поголем и подобар избор за пониска цена по мегабит. Екстремно брзите конекции (до 100 мегабита во секунда и повеќе) со оптички кабел покриваат само 1.4% од европските претплатници на интернет.

Дигиталната претплатничка линија (DSL) е главната технологија на широкопојасен интернет што се користи во ЕУ, со повеќе од 86 милиони линии. Сепак, развојот на DSL продолжува рапидно да се намалува, со намалување од 10.9% во споредба со јули 2007, како резултат на другите фиксни технологии на широкопојасен интернет – кабелски, оптички и безжичен.

Другите бројки што беа објавени за првпат покажуваат дека широкопојасниот интернет со мобилните технологии како 3Г и податочните услуги преку податочни картички изгледа дека земаат замав во повеќе земји-членки. Данска, Грција, Германија, Италија, Словенија и Шпанија пријавија стапка на пенетрација на мобилниот широкопојасен интернет од над 10%. Во ЕУ, на 1 јули 2008 г. имаше 34 милиони претплатници на мобилен широкопојасен интернет (не вклучувајќи ги Франција, Холандија и Обединетото Кралство кои не обезбедија информации). Стапката на пенетрација на мобилниот интернет, која го мери односот на целокупното население кое активно користи мобилен интернет, варира од помалку од 1 % (Белгија и Кипар) до речиси 20% (Шпанија). Просекот во ЕУ е 6.9%. Бројот на мобилни широкопојасни конекции коишто користат само засебни податочни картички/модеми/клучеви кои овозможуваат мобилен интернет на преносните компјутери, се значајно пониски (околу 2 до 3%).

Извор: Europe’s Information Society „Broadband: Gap between best and worst performing countries in Europe narrowing“ 28 ноември, 2008