Проектот „Компјутер за секое дете“, со кој требаше да се опремат со компјутери основните и средните училишта во земјава, е прекинат и неговата реализација е неизвесна, тврдат доброупатени извори.

Министерството за информатика потврдува дека проектот е во застој, но велат дека не е прекинат и дека ќе продолжи кога ќе се отстранат одредени пречки. Поради нерасчистени односи меѓу Јавното претпријатие „Македонска радиодифузија“ (МРД) и Министерството за образование, од една страна, и фирмите кое беа назначени за инсталирање на опремата за компјутерите, од друга страна, дел фирми ја тужат МРД за долг од околу 300 милиони денари.

Кога при крајот на минатата година Владата одобри средства за реализација на проектот за компјутеризација на училиштата, МРД беше назначена од Владата да распише тендер за фирми што ќе ја изведуваат електричната и телекомуникациската мрежа во училиштата. Поради дотраената инсталациска мрежа, речиси во секое училиште беше неопходно да се направат нови инсталации што избраните фирми и го направија во поголемиот број средни и основни училишта.

Проблемот се случил кога фирмите побарале од МРД да им ги исплати парите за реализација на проектот од речиси пет милиони евра кои МРД не е во можност да ги исплати. Веќе неколку месеци Министерството за образование одбива да префрли пари на МРД за исплата на фирмите поради хаосот кој владее во ова јавно претпријатие по смената на досегашниот директор Сашо Станчевски.

Во МРД веќе неколку дена се врши ревизија на целокупната документација бидејќи постои сомневање дека се направени многубројни малверзации околу висината на средствата кои се потрошени за реализација на целиот проект.

Актуелната директорка на МРД, Јулијана Спировска, одбива каков било разговор на таа тема. – Немам потреба да зборувам со кој било медиум на темата поврзана со проектот „Компјутеризација на училиштата“ – вели Спировска.

Во Министерството за информатичко општество потврдуваат дека проектот „Компјутер за секое дете“ е во застој и велат дека темпото на реализација сега зависи од состојбата во која се наоѓа „Македонската радиодифузија“. – Проектот не е прекинат, но неговата реализација е забавена поради ревизијата која моментно се случува во куќата.

Доколку се биде во ред, очекуваме во текот на зимскиот распуст да заврши инсталацијата на компјутерите во сите основни училишта – вели Антонио Атанасов од Министерството за информатика. Проектот за компјутеризација на основните и на средните училишта беше најавуван како еден од најамбициозните проекти на Владата. За неговата реализација од буџетот беа издвоени околу девет милиони евра. Досега се инсталирани компјутери во речиси сите средни училишта, но поставувањето компјутери во 364 основни училишта се одвива со големи тешкотии.

Проектот беше критикуван од страна на опозицијата дека компјутерите се веќе застарени, а манипулација [наводно] била направена и со можноста на еден ист компјутер да бидат приклучени и по неколку ученици.

Автор: Игор Чавески

Извор: Време “Се блокира компјутерот за секое дете” бр. 1517, 11 ноември, 2008.