За подготовка на проектна документација – 500.000 евра. За транспортни и други трошоци – 600.000 евра. Четири милиони евра за инсталација на материјал и за работна рака. Ова се само дел од ставките во првичната финансиска пресметка, која ја предложило јавното претпријатие Македонска радиодифузија (МРД) за реализација на проектот „Компјутер за секое дете“.

Според документите до кои дојде „Нова Македонија“, планот за реализација на проектот подготвен од МРД требало да чини приближно 13 милиони евра. Иако оваа сума претрпела измени, ниту од Министерството за информатичко општество (МИО) ниту од МРД ниту од Владата не добивме официјален документ со последните пресметки за целиот проект.

Дека сумата од 500 илјади евра само за проектна документација е превисока, признаваат и министерот за информатичко општество Иво Ивановски и директорот на МРД, Сашо Станчевски. Но и двајцата ги правдаат овие пари, со оглед на, како што велат, сложеноста и големината на целиот проект.

– Сумата е голема, но изработката на еден таков голем проект воопшто не е едноставно да се направи. Тој содржи неколку илјади страници. За секоја училница посебно се направени проектантски цртежи, а има повеќе од 15.000 училници. Првично предложивме за проектната документација да се издвојат 500 илјади евра, но потрошивме околу 400.000 – вели директорот Станчевски.

Како што рече тој, за изработка на документите не ангажирале фирми избрани на тендер, туку тоа го правеле стручни лица, архитекти и вработени во МРД. Ова не е незаконски, зашто кога некоја државна институција се задолжува да извршува проекти, ангажира нејзини вработени и стручни лица, велат надлежните во Министерството за финансии.

Дознаваме дека откако од МРД ја предложиле вкупната сума од 12,7 милиони евра за реализација на целиот проект, Владата побарала да се преиспита сумата зашто била превисока. Неофицијално, во март годинава било одлучено за целиот проект да се потрошат околу девет милиони евра.

Според министерот Ивановски, сумата за овој проект е толкава затоа што ова бил еден од најголемите проекти реализирани досега.

Во информацијата што Министерството за информатичко општество ја доставило до Владата во март годинава стои дека „Акцент компјутери“ ја вршела инсталацијата на компјутерите, фирма-партнер на компанијата „Хајер“ од која тие се набавени.

Тајна е кои архитекти работеле на проектот

Кои архитекти ја подготвувале проектната документација, колку и дали се исплатени за нивниот ангажман, колку пари досега се потрошени за целиот проект, на овие прашања не добивме одговори од надлежните во Министерството за информатичко општество (МИО), Владата и МРД.

– Со компјутерска опрема сите средни училишта ги обезбеди компанијата „Македонски Телеком“, а сите основни Македонска радиодифузија. Затоа, за сите финансиски пресметки, за парите што им се исплаќани на ангажираните, треба нив да ги прашате – ни рекоа вчера од Министерството.

Автор: Антонија Поповска

Извор: Нова Македонија: Половина милион евра за изработка на проектот „Компјутер за секое дете“ бр. 21519, 27 октомври, 2008.