Ако сте уметник, едукатор или страстен „комуникатор“, октомври е месец на можности за речиси секого на овој список. Има три големи конкурси за доделување на грантови за иновациски проекти низ целиот свет кои на креативни начини користат разни онлајн медиуми и алатки.
Конкурс за дигитални медиуми и учење
Рок: 15 октомври
Ова е втора година од Конкурсот за дигитални медиуми и учење на Фондацијата Мекартур и оваа година тие прифаќаат апликации од Канада, Народна Република Кина, Индија, Јапонија, Мексико, Холандија, Нигерија, Русија, Сингапур, Јужна Африка, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави. Самите проекти може да се одвиваат на друго место, но примарните апликанти мора да бидат од горенаведените земји. Грантовите во висина од 30.000 до 250.000 американски долари поддржуваат големи проекти за дигитално учење. Тука се и грантовите за млади иноватори од 5.000 – 30.000 долари, наменети за лица од 18 до 25 години.
Рок: 1 ноември
Ова е трета година во која Фондацијата Најт доделува 5 милиони долари за финансирање на иновациски идеи користејќи дигитални експерименти за трансформирање на вестите од заедницата и размената на информации. Всушност, Рајзинг војсис започна благодарение на грантот Њуз челинџ. Неколку членови на заедницата Рајзинг војсис и партнери како Фридом фон, Видео волонтери и Радиото на заедницата во Индија беа добитници на грантовите од минатогодишниот конкурс. Треба да обезбедиме дека исто така ќе има добра глобална застапеност меѓу овогодишните добитници. Вашиот предлог-проект може да го поднесете до Најт њуз челинџ гараж и да работите заедно со искусен ментор кој може да ги подобри вашите шанси за добивање средства.
80 + 1: Патување околу светот бара дигитални уметнички проекти од целиот свет
Рок: 31 октомври
Многумина од вас се веројатно запознаени со романот Патување околу светот за 80 дена на Жил Верн во кој главниот лик Филијас Фог тргнува да го истражи целиот свет за само 80 дена. Сепак, во новелата, Филијас Фог прави малку за да се обиде да ги разбере и да се поврзе со другите земји и луѓе кои ги среќава во текот на неговото патување. Целта на проектот 80 + 1, кој идната година ќе кулминира на Фестивалот Арт Електроника во Линц, Австрија е да се реконструира патувањето на Филијас Фог, но со користење на дигитални медиуми за подобро разбирање на прашањата што имаат влијание врз градовите низ светот. Иницијативата доделува грантови од 10.000 евра за уметнички проекти кои користат дигитални медиуми за креативно изразување на работите што се случуваат во одредени градови. Еве некои од темите и градовите „Соседството и коегзистенцијата во Јоханесбург“, „Водата во Кисоро“, „Пазарите во Дака“ и „Рециклирањето во Бразил“. Комплетен список со темите и градовите е достапен на веб-сајтот. Организаторите на настанот велат дека бидејќи до крајниот рок остануваат уште само неколку недели, тие се спремни да земат предвид проекти од градовите и да дискутираат за теми различни од наведените на веб-сајтот.



