Првиот приватен универзитет – Европски универзитет деновиве ја промовираше книгата Убунту Линукс од авторите Симе Арсеновски и Ѓорги Какашевски. Книгата има за цел да ја поддржи идејата, развојот и користењето на слободниот софтвер. Тоа е прва книга за Убунту Линукс и за Линукс воопшто објавена на македонски јазик.
Освен тоа што е бесплатен, Линукс има и многу други предности. Се карактеризира со голема брзина на работа и голема безбедност. Покрај ова, новите Линукс дистрибуции се прилагодени за обичните корисници и ги нудат сите видови на апликации кои им се потребни на корисниците. Сите информации за слободниот софтвер ќе ги најдете во првата книга за Линукс на македонски јазик од авторите Арсеновски и Какашевски.
Деновиве Првиот приватен универзитет – Европски универзитет ја промовираше книгата Убунту Линукс од авторите Симе Арсеновски и Ѓорги Какашевски. Книгата има за цел да ја поддржи идејата, развојот и користењето на слободниот софтвер. Тоа е прва книга за Убунту Линукс и за Линукс воопшто објавена на македонски јазик. Оваа книга е наменета за почетниците, кои се среќаваат со Линукс но и за оние кои се префрлаат од Мајкрософт Виндоуз.
Книгата го опишува начинот на користење на најновата верзија на Убунту – 7.10 која е локализирана на македонски јазик. Во книгата е опфатена историјата и развојот на слободниот софтвер, начинот на работа со Убунту и неговите апликации, работа со датотечниот систем, уредување на работната околина, конфигурирање на системот, работа со мултимедија и интернет.
Сега книгата може да се набави во РиверСофт Компјутери по промотивна цена, но наскоро ќе биде достапна и на други продажни места. Авторите најавуваат и други книги кои би ги опфатиле апликациите кои спаѓаат во слободниот софтвер.
Без сомнение, како алтернатива на најкористениот оперативен систем, Мајкрософт Виндоуз, се појавува Линукс. Користењето на Линукс во светски размери расте. И во нашата држава се чувствува тој пораст на Линукс корисници, а користењето на Линукс дополнително ќе заживее со инсталирањето на Линукс на 100.000 компјутери низ училиштата кои ги најави Владата на РМ. Со ова се проценува дека ќе се изместат вредносните системи во однос на Мајкрософт Виндоуз. Владата прави напори и во сузбивањето на користењето на пиратскиот софтвер, што особено е карактеристично за продуктите на Мајкрософт како и за апликациите кои работат под Мајкрософт Виндоуз. Како последица од претходното се очекува Владата ваквата политика да ја примени и во државната администрација.
За разлика од производите на Мајкрософт (Виндоуз, Офис итн.) за кои корисниците мора да плаќаат прилично скапи лиценци за нивно користење, огромен дел од дистрибуциите на Линукс и слободниот софтвер се бесплатни, а со тоа нивното користење, копирање, дистрибуирање е сосема легално. Овој софтвер е достапен преку интернет и корисниците на лесен начин може да ги преземаат и инсталираат апликациите. Голем број на форуми и блогови го анализираат слободниот софтвер, па корисниците лесно може да добијат помош за проблемите во нивното работење.
Извор: Вечер