Виетнам усвои нови прописи со кои им се забранува на блогерите да дискутираат за теми коишто владата ги смета за чувствителни или несоодветни,  прописи со кои од блогерите се бара да ги ограничат своите написи на лични теми.

Според копијата од прописите што ја доби Асошиејтед прес, со овие прописи се забрануваат написи што ја поткопуваат државната безбедност, поттикнуваат насилство или криминал, откриваат државни тајни или пак написи во кои се лиферуваат неточни информации кои би можеле да го нарушат угледот на поединци и организации.

Прописите кои беа усвоени на 18 декември, треба да завладеат со растечката блогосфера на Виетнам која стана алтернативен извор на вести за многумина од комунистичката држава, во која медиумите ги контролира државниот апарат.

Со новите правила, од интернет компаниите што обезбедуваат платформи за блоговите се бара да поднесуваат извештаи до владата на секои шест месеци и да обезбедуваат информации за блогерите, доколку тоа биде побарано.

Од компаниите исто така се бара да спречат поставување на содржини кои владата ги смета за штетни, или истите да ги отстранат.

Прописите кои ги подготви Министерството за информации и комуникации, ги поттикнуваат блогерите да користат „чист, здрав виетнамски јазик“. Со нив се појаснуваат претходните прописи за интернетот усвоени во август.

Претставникот на министерството, Лу ву Хај не сакаше да каже дали новите прописи ќе важат и за меѓународните компании како што се Гугл и Јаху, или само за компаниите од Виетнам.

Во моментот, повеќето блогери од Виетнам ги објавуваат своите написи на Yahoo! 360.

Извор: Yahoo! Tech “Vietnam imposes new blogging restrictions” 24 декември, 2008.