Европската комисија денес направи голем чекор во однос на примената на Интелигентните транспортни системи (ИТС) во патниот транспорт. ИТС може значајно да придонесат за поеколошки, побезбеден и поефикасен транспортен систем.

Со акцискиот план што денес беше усвоен се предлагаат неколку конкретни мерки и Директива во која е наведена рамката за нивна имплементација.

„Овозможувањето на поеколошки транспорт, намалувањето на застојот и спасувањето животи на европските патишта се високи приоритети на Комисијата. Интелигентните транспортни системи ќе ни помогнат да напредуваме кон постигнувањето на овие цели. Затоа, денешната иницијатива ќе поттикне поефикасна, побезбедна и попостојана подвижност во Европа“, изјави Антонио Таџани, потпретседател на Комисијата одговорен за транспорт.

„Акцискиот план за интелигентен транспортен систем, предложен денес од Комисијата, ќе ги обезбеди потребните инструменти за надополнување на работата којашто иницијативата Интелигентен автомобил и форумот е-безбедност ја вршат за да ги направат автомобилите побезбедни, поеколошки и попаметни,“ изјави Вивиен Рединг, Комесар на ЕУ за информатичко општество и медиуми. „Решени сме да видиме почист, побезбеден сообраќај во Европа, сообраќај со помалку метежи, и што поскоро да го видиме претставувањето на откритија како ESC и е-повик, коишто спасуваат животи.“

Интелигентните транспортни системи користат информатичко-комуникациски технологии за различни видови на транспорт, со што корисниците на европските патишта се побезбедни и помала е веројатноста да заглават во сообраќајот, што на долг рок може да го намали загадувањето со јаглерод диоксид. Акцискиот план, започнат денес во рамки на иницијативата Еколошки транспорт, има за цел да ја забрза примената на овие системи во патниот транспорт, и нивните интерфејси со други видови на транспорт.

Патници или превозници, на сите им требаат доверливи информации за сообраќајот во реално време, за подобро планирање на нивната маршрута и за избегнување на доцнење предизвикано од сообраќајни метежи. Планерите на патувањето низ сообраќајот ќе овозможат беспрекорно патување во и помеѓу големите и мали градови и преку границите. Релативно мали инвестиции во Интелигентните транспортни системи ќе овозможат подобра искористеност на постојната инфраструктура, Акцискиот план предлага силна европска координација на ИТС и услугите во различни земји-членки за забрзување на примената на овие системи низ Европа.

Интелигентните транспортни системи може значајно да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид на патиштата. Трошоците кои произлегуваат од застојот на сообраќајот – кои достигнуваат 1 отсто од европскиот бруто домашен производ би можеле да се намалат за 10 отсто со примената на ИТС, и би можеле да се спречат повеќе од 5000 смртни случаи во сообраќајните незгоди.

Повеќе информации за форумот е-безбедност и иницијата Интелигентен автомобил, започната во 2006 г. за промоција на користењето на информатичко-комуникациски технологии за попаметен, побезбеден и почист патен превоз, достапни на:

http://ec.europa.eu/information_society/activities/esafety/index_en.htm

http://ec.europa.eu/transport/its/

 

Извор: Europe’s Information Society “Intelligent Transport Systems and Services: initiative for accelerated deployment across Europe” 16 декември, 2008.