Со новите мерки ќе се подобри споделувањето на податоци помеѓу органите, а потрагата по осомничени компјутерџии ќе биде дел од планот на ЕУ за справување со компјутерскиот криминал.
Во рамките на петгодишниот акциски план ќе се преземат мерки за справување со зголемениот број на сајбер-кражби и машините кои се користат за испраќање на спам-пораки и други малициозни програми.
Исто така, со планот ќе се поттикне подобро споделување на податоците помеѓу европските органи на прогонот со цел пронаоѓање и судење на криминалците.
Европол ќе ја координира истрагата и ќе алармира за ширењето на компјутерскиот криминал.
Споделување на податоци
Петгодишниот план доби поддршка од министрите на Европската унија на состанокот на кој исто така му беа одобрени 300,000 евра (250,000 фунти) на Европол за создавање на систем за собирање на извештаите за криминал и издавање на предупредувања за новите закани.
Состанокот на министри исто така ја поддржа стратегијата за борба против компјутерскиот криминал со која ќе се формираат тимови за прекугранична соработка и ќе се одобрат виртуелни патроли за контролирање на некои делови од интернетот.
Во другите „практични мерки“ спаѓа поттикнувањето на подоброто споделување на информации за истражните методи и трендови меѓу полициските сили во земјите-членки и приватните компании.
Стратегијата е особено насочена кон справување со трговијата со слики на сексуално злоупотребени деца. Во изјавата во која ја посочува стратегијата, ЕУ тврди дека „половина од сиот компјутерски криминал го опфаќа производството, дистрибуцијата и продажбата на детска порнографија“.
Органите исто така ќе учествуваат во „истраги од далечина“ и ќе патролираат на интернет за пронаоѓање на криминалците. Европската унија изјави дека контролите се воведени за да се обезбеди дека законите за заштита на податоците не се прекршуваат при собирањето и споделувањето на овие информации.
„Оваа стратегија ја поттикнува навистина потребната оперативна соработка и размена на информации помеѓу земјите-членки,“ изјави потпретседателот на Европската комисија Жак Баро.
Тој додаде; „Доколку целта на стратегијата е поефикасна борба против компјутерскиот криминал, тогаш сите заинтересирани страни треба да бидат целосно посветени на нејзината имплементација“.
Извор: Бибиси “EU to search out cyber criminals“ 1 декември, 2008.