На 28 октомври, 2008 г., Мајкрософт, Јаху! и Гугл потврдија дека се зачлениле во Иницијативата за глобална мрежа (ИГМ), организација чијашто цел е да го сочува слободниот говор на интернет.
Членовите на ИГМ ќе покренат судска постапка во одговор на барањата на владите за откривање на приватни податоци доколку сметаат дека тие барања не се во согласност со меѓународните закони за човекови права. ИГМ треба да обезбеди насоки и процедури на технолошките компании во поглед на обезбедувањето на слободата на изразување и приватноста во земјите каде што се јавуваат проблеми од областа на приватноста.
Создавањето на Иницијативата беше помогнато од Центарот за демократија и технологија и Бизнис за општествена одговорност, а покрај трите гигантски компании, ИГМ вклучува и неколку организации за човекови права како што се Фондацијата Електронска граница, Хјуман рајтс воч, Хјуман рајтс фрст, Комитетот за заштита на новинарите, и Човекови права во Кина.
„Оваа иницијатива е резултат на двегодишните дискусии со други водечки технолошки компании, организации за човекови права, општествено одговорни инвеститори и академски институции. Благодарение на напорната работа и соработката на сите, Иницијативата поставува стандарди и практики коишто сите компании и групи треба да ги користат кога владите ќе ги загрозат меѓународно признаените права на слободно изразување и приватност.
Иницијативата глобална мрежа исто така претставува важна обврска за сите страни да делуваат заеднички во промовирањето на слободата на изразување и заштитата на приватноста при користењето на сите информатички и комуникациски технологии. Знаеме дека заедничкото дејствување на сите овие различни групи нуди поголема веројатност за промени во владините политики отколку заложбите на која било компанија или групација што дејствува сама“ напиша Ендрју Меклафлин, директор во Гугл за јавна политика и владини прашања во својот напис на блогот на Гугл.
Интернет компаниите и интернет-пребарувачите во минатото беа критикувани поради тоа што на одредени влади им обезбедија приватни информации за активностите што некои граѓани и политички противници ги вршат на интернет. Најмногу се дебатираше за случајот со Јаху кој беше откриен во 2006, кога наводно на кинеските власти им биле обезбедени информации за активностите што ги вршеле на интернет нивните политички опоненти од Кина. Тоа доведе до затворање на тие кинески активисти. Јаху сега се обврзува да ја заштити слободата на говорот на интернет.
„Јаху беше формиран врз основа на верувањето дека пристапот до информации може да ги збогати животите на луѓето, а начелата кои ги откриваме денес ја отсликуваат решеноста нашите активности да соодветствуваат со нашите вредности низ светот. (…) Овие начела обезбедуваат вреден план за компаниите од типот на Јаху! кои работат на пазари каде што слободата на изразување и приватноста се неправично ограничени“ изјави Џери Јанг, главен извршен директор и ко-основач на Јаху.
Според начелата на ИГМ, компаниите се обврзуваат да им се спротивстават на таквите барања упатени од страна на владите дури и да се во согласност со домашните закони. „Кога од нив ќе се побара да се ограничат комуникациите или да се отстрани некоја содржина, компаниите што учествуваат во Иницијативата ќе се соочат со владата во домашните судови или ќе побараат помош од релевантните владини авторитети, меѓународни органи за човекови права или невладини организации, доколку наидат на владино ограничување што се чини несообразно со домашните закони или процедури или меѓународните закони за човекови права и стандардите за слободата на изразување.
Меѓутоа, начелата велат дека не треба да се покренува судска постапка за секое барање бидејќи тоа не би било „ниту практично, ниту пожелно“, а компаниите имаат можност да ги изберат случаите според одредени критериуми „како што се потенцијалното позитивно влијание врз слободата на изразување, веројатноста за успех, сериозноста на случајот, трошокот, претставителноста на случајот и дали случајот е дел од некој поголема тенденција.“ Исто така, компаниите „ќе ги проценуваат ризиците по човековите права поврзани со собирањето, чувањето и задржувањето на личните податоци во јурисдикциите каде што тие функционираат и создаваат соодветни олеснителни стратегии за справување со овие ризици.“
Microsoft, Yahoo! and Google sign privacy pact, vow to fight for human rights (29.10.2008)
Google, Microsoft, Yahoo Forge Free Speech Pact (PC Magazine) (28.10.2008)
Diverse Coalition Launches New Effort to Respond to Government Censorship and Threats to Privacy (28.10.2008)
New steps to protect free expression and privacy around the world (28.10.2008)



