Девет од тринаесет министерства во Холандија имаат план за набавка и имплементација на софтвер со отворен код, според извештајот објавен од NoiV, холандскиот владин ресурсен центар за софтвер со отворен код и отворени стандарди. Останатите четири министерства наскоро ќе одлучат дали ќе ја применат истата стратегија.

Според пописот, Министерствата во моментот користат околу двесте апликации базирани на софтвер со отворен код. Најкористени се оперативните системи со софтвер со отворен код, системите за управување со бази на податоци и веб-серверите. Расте употребата на системите за управување со содржини и интернет прелистувачот Фајрфокс.

Пречките за поширокото прифаќање на софтверот со отворен код се на пример ИТ политиките кои им дозволуваат на министерствата да користат само решенија базирани на софтвер со отворен код кои се широко прифатени. Од Министерствата исто така велат дека се јавуваат големи трошоци за интегрирање на апликациите со отворен код во постоечката ИТ инфраструктура и стравуваат дека миграцијата кон софтвер со отворен код може да предизвика прекини во нивните ИТ системи. Друга причина е недостигот на ИТ експертиза во министерствата, поради ангажирањето надворешни соработници за ИТ.

Според NOiV, Холандија е првата земја во која Владата има подготвено план за имплементирање на слободен софтвер и во која министерствата се подготвуваат да состават листа од апликации кои може да ги претстават како софтвер со отворен код. „Министерствата сметаат дека отворените ИТ стандарди се поважни од употребата на софтверот со отворен код. Тие го зголемуваат нивното знаење за софтверот со отворен код, но треба да го подобрат споделувањето на оваа експертиза“.

NOiV исто така вели дека Министерствата сакаат насоки за поддршка и учество во заедниците за развој на софтверот со отворен код, како и можност за финансиско спонзорство.

Како резултат на пописот, ресурсниот центар за софтвер со отворен код планира програма за обука за да се зголеми тактичкото знаење на министерствата околу софтверот со отворен код. Тие исто така сакаат да формираат група од ИТ експерти во министерствата за развивање на најдобри практики и модели.
„Владата треба да размисли за плаќање на трошоците за миграција кон софтвер со отворен код, и со тоа да го помогне развојот на пазарот за софтвер со отворен код“.

NOiV планира да го преведе извештајот на англиски. „Веќе имавме едно такво барање“, вели Инеке Шоп, менаџерот на NOiV, во изјава за сајтот на NOiV. „Одлично е што сите наши оддели имаат план за користењето на софтвер со отворен код. Мислам дека веќе треба да почнеме со имплементацијата“.

Извор: OSOR.eu “NL: Two-thirds of ministries have an open source strategy” 10 јули, 2009.