Брзиот пристап до резултати од истражувања, особено преку интернет, може да ја поттикне иновацијата, да ги унапреди научните откритија и да го поддржи развојот на силна економија базирана на знаење.
Европската комисија сака да обезбеди дека резултатите од истражувањето што го финансира од Седмата рамковна програма за истражување на ЕУ (FP7) со повеќе од 50 милијарди евра во периодот 2007-2013 ќе бидат широко и успешно распространети за да се гарантира максимално искористување и влијание во светот на истражувачите и пошироко. Комисијата денес започна пилот-проект со кој преку интернет ќе се овозможи неограничен пристап до резултатите од истражувањата финансирани од ЕУ, првенствено објавени во истражувачки написи, по период на забрана од 6 до 12 месеци. За пилот-проектот се наменети околу 20 отсто од буџетот на програмата FP7 за области како што се здравството, енергијата, животната средина, општествените науки и информатичко-комуникациската технологија.
„Лесниот и бесплатен пристап до најновите сознанија во стратешките области е од суштинско значење за конкурентноста на истражувањата во ЕУ. Овој пилот проект со отворен пристап е важен чекор кон постигнувањето на „петтата слобода“, слободното движење на знаење меѓу земјите-членки, истражувачите, индустријата и јавноста,“ вели Комесарот на ЕУ за наука и истражување, Јанез Поточник. „Тоа е добар начин да и се возврати на јавноста за истражувањето спроведено со пари од ЕУ“.
„Брзиот развој на дигиталните технологии на истражувачите им нуди извонредна можност за навремено и ефикасно споделување на информации. Нашиот нов пилот-проект ќе го спрегне тој потенцијал, со што ќе им олесни на истражувачите, бизнисите и креаторите на политики да се осврнат на предизвиците на глобално ниво како што се климатските промени, со тоа што ќе им обезбеди пристап до најновите истражувања“, изјави Вивиен Рединг, Комесар за информатичко општество и медиуми на ЕУ. „Го поздравувам потегот на научните издавачи кои започнаа постепено да преминуваат кон нови модели на распространување и соработуваат со истражувачите околу отворениот пристап. Тие дадоа значаен придонес за Комисијата во овие области, што беше искористен за подготовката на пилот-проектот. Со тоа ќе се овозможи заемно корисна коегзистенција што ги зголемува ефектите од отворениот пристап врз јавно финансираното истражување, оставајќи простор за приватно финансираните бизнис модели во издаваштвото.“
Пилот-проектот за отворен пристап на Комисијата, што ќе трае до завршувањето на програмата на FP7, има цел да обезбеди дека резултатите од истражувањата финансирани од ЕУ ќе бидат прогресивно достапни за сите. Од добитниците на грантови ќе се бара во онлајн-репозиториум да ги приложат написите за истражувањата или конечните ракописи што произлегле од нивните проекти во рамките на програмата FP7. Ќе треба да направат заложби за да обезбедат отворен пристап до овие написи во рок од 6 до 12 месеци по објавувањето, во зависност од областа на истражувањето. Овој период на забрана ќе им овозможи на научните истражувачи да си ја повратат инвестицијата.
Отворениот пристап до истражувачките статии, претходно достапни преку претплата на весници, ќе помогне во зголемувањето на инвестицијата од 50 милијарди евра на ЕУ за истражување и развој и ќе се избегне губењето на време и вредни ресурси на дупло истражување. Истражувачите имаат можност за надградба преку поголемиот пристап до литературата и за унапредување на својата работа. Малите и средни бизниси и претприемачите исто така може да го исползуваат подобрениот пристап до најновите истражувања и да ја забрзаат комерцијализацијата и иновацијата.