Салцбург/Њујорк, септември, 2008 – Иницијативата „Награда за млади на Светскиот самит“ (НМСС) ги поканува младите дизајнери и автори на е-содржини да земат учество на меѓународниот натпревар за НМСС.
Ќе се бараат е-содржини кои инспиративно се осврнуваат на Милениумските развојни цели (МРЦ) на Обединетите нации, и кои користат интернет и мобилни содржини за подигнување на свеста за МРЦи.
Сите онлајн-платформи предводени од млади лица на возраст до 30 години може да го пополнат формуларот за пријавување на http://competition.youthaward.org/reg/reg.asp.
Може да се поднесуваат проекти во следните пет категории:
1. Борба против сиромаштија, глад и болести!
Се наградуваат најефективните содржини и апликации наменети за справување со екстремната сиромаштија и глад, решенијата за луѓето со приход помал од еден долар дневно, намалувањето на болестите и борбата против ширењето на ХИВ/СИДА и појавата на маларија.
2. Образование за сите!
Се дава признание на иновациските содржини, платформи и решенија со кои им се овозможува на децата насекаде, како и на момчињата и девојчињата, целосно школување во основно училиште, напредок во обуката за личен развој и работа, и постигнување на високо ниво на разбирање и познавање на глобалното информатичко општество и неговите проблеми и ветувања, предизвици и можности.
3. Моќ за жените!
Се прикажуваат најинспиративните содржини и заедници кои промовираат полова еднаквост и еманципација на жените, ги елиминираат половите диспаритети во образованието и на работното место, го олеснуваат пристапот на жените до сите нивоа на политичко одлучување и го зголемуваат придонесот на жените за мирното разрешување на конфликтите.
4. Создадете ваша култура!
Се промовираат онлајн-платформи и апликации што ги изразуваат аспирациите на младите, идеите и вредностите, нивните мислења, овозможуваат нивно учество во процесите на донесување на одлуки, ја зајакнуваат општествената правда, го промовираат познавањето на многу јазици и култури, ја поддржуваат повеќејазичноста, создаваат нови современи видови на култура и ја зачувуваат домашната традиција.
5. Станете зелени!
Се прикажуваат апликациите и содржините што се осврнуваат на природната средина, обезбедувајќи одржливост, интегрирајќи ги начелата за одржлив развој во политиките и програмите на земјите, враќајќи ја загубата на ресурси од животната средина, намалувајќи го бројот на лица без постојан пристап до безбедна вода за пиење и подобрувајќи го животот на жителите во сиромашните квартови.
Рокот за поднесување на апликациите е 31 декември, 2008 г., до полноќ.
Проектите ќе ги оценува меѓународна жири-комисија составена од 12 експерти, која ќе избере по три победници во секоја категорија. На победниците ќе им се даде можност да ја презентираат својата платформа пред претседатели на држави, бизнис лидерите и граѓанското општество на Свечената промоција и конференција за добитниците на Наградата на Светскиот самит во јуни, 2009 г., во Монтереј, Мексико.