Уставниот суд пресуди дека Правилникот на МАРНет, креиран уште во 1995 г. треба да се поништи, со што ја блокира службата за управување со .mk домени до моментот кога Министерството за информатичко општество (МИО) според новиот закон не формира правилна служба за домени.
На 13.01.2011 г. МАРНет го објави следното соопштение:
„Универзитетскиот компјутерски центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кој досега ја извршуваше функцијата на Македонски регистратор на интернет поддомени за сметка на МАРНет повеќе не е овластен да врши регистрација на домени и други активности во врска со регистрацијата на домените под врвниот македонски национален домен во областа на интернет – `.mk’.“
Според IT.com.mk, формирањето на нова служба за регистрирање домени може да потрае до два месеци, а граѓаните и правните лица кои сакаат да регистрираат домен или да променат сервер/именски опслужувач, до тогаш ќе мора да почекаат.
Од МИО наводно го потврдиле твитот на Urnebes Host. МАРНет го креирал правилникот во 1995 година, но според одлуката на Уставен суд од 22.12.2010 г. МАРНет не е регулаторно тело кое ја има моќта да креира вакви правилници, и затоа добива забрана за работење и менаџирање на .мк домените.
МИО требаше да го преземе работењето со МАРНет од 01.01.2011 год., требаше да го либерализира .мк доменот, но се случи спротивното. Одлуката на Уставен суд значи дека додека не започне со работа новото координативно тело на МАРНет, граѓаните на Македонија нема да можат да регистрираат .мк домени ниту пак ќе можат да извршат било каква замена на именските опслужувачи или податоците во регистарот на МАРНет. Од МИО претпоставуваат дека до „новиот” МАРНет има околу 1-2 месеци чекање, извести IT.com.mk.
Според одлуката на Уставниот суд досега важечкиот правилник на МАРНет (ПДФ) не е во согласност со Уставот на РМ, бидејќи не се заснова на Законот за основање Македонска академска истражувачка мрежа, („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010 година), кој влезе во сила на 23 септември 2010 година.
Хаштаг на Твитер: #marnetdown.
Извор: IT.com.mk: „Сакате .мк домен? Ќе мора да почекате некој месец…“ 13 јануари, 2011.



