Во рамките на проектот CRISP (Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет), Фондацијата Метаморфозис во соработка со Дирекцијата за заштита на личните податоци на РМ (ДЗЛП) ја подготви и објави брошурата „Ти одлучуваш…“.
Брошурата со поднаслов „Размислувања и факти за заштита на твоите лични податоци“ беше промовирана во неделата, 27.01.2008, на прес-конференцијата која се одржа во просториите на ДЗЛП по повод Европскиот ден на заштита на личните податоци. Брошурата „Ти одлучуваш..“ е наменета за младата популација, поточно тинејџерите, и содржи многу корисни информации за тоа како да се заштити приватноста и личните податоци додека се користи интернетот (имејл, месинџери и други канали за комуникација преку интернет) како и некои размислувања и факти околу користењето на камерите на јавни места.
Проектот CRISP продолжува со креирање на други ресурси со слична содржина кои ќе бидат наменети и за помладата популација (деца од основно училиште и предучилишна возраст, како и нивните родители и воспитувачи) – летоци, постери и специјализиран веб-сајт.