Од 21 до 23.05.2007 г. во Ереван, Ерменија се одржа конференцијата Информатичката технологија во образованието со цел споделување искуства и знаења од оваа област меѓу претставници на образовни институции, невладини организации и државни тела од цела Европа и Заедницата на независни држави.

Конференцијата беше организирана од Државниот универзитет на Ереван, а со поддршка на Програмата Исток-Исток на Фондацијата за помош на Ерменија на Институтот отворено општество, програмата Темпус на ЕУ, УСАИД, Британскиот совет Ерменија и Државниот универзитет на Ереван. На самата конференција учествуваа претставници на образовни институции и НВО кои се занимаваат со примена на ИКТ од Британија, потоа од регионите на источна Европа и централна Азија, како и претставници на образовниот, владиниот, деловниот и граѓанскиот сектор на Ерменија.

Проф. Тигран Заргајан од Државниот универзитет на Ереван особено ја истакна примената на новите технологии во работата на универзитетските библиотеки. При тоа, и тој, како и професорите од Универзитетот Мидлсекс од Лондон, Велика Британија, ја истакнаа примената на слободниот софтвер кој е особено погоден за примена во образованието и од аспект на намалување на трошоците и од аспект на ширењето на знаењата, односно овозможување на академската заедница да има целосна контрола и врз содржините и врз средството за нивно споделување – кодот. Во поголем број од излагањата беше укажано на слободниот софтвер за е-учење Мудл како пример на добра практика.

На конференцијата учествуваа и претставници на Педагошкиот факултет при Универзититетот Св. Кирил и Методиј од Скопје и на Фондацијата Метаморфозис. Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис ги презентираше искуствата од областа на примената на ИКТ во основното и средното образование во Македонија, врз основа на јавно достапните податоци за проектите наменети за компјутеризација и поврзување на интернет на училиштата, како Македонија се поврзува на УСАИД, како и податоците за примената на слободен софтвер во образованието пренесени од страна на претставници на Министерството за образование на РМ здобиени на Конференцијата за слободен софтвер одржана на 15 мај 2007 во Скопје. Беа претставени и резултати на проекти поврзани со употребата на ИКТ, особено оние поврзани со употребата на слободен софтвер во образованието како алтернатива чија примена доведува до помали трошоци и нуди можност за повисок степен на одржливост. При тоа, беа споменати и предизвиците, како што е отсуството на слободниот софтвер од наставните планови и потребите за обука на наставниот и друг кадар од образовниот систем за примена на ИКТ и зголемена коодринација меѓу општествените актери која би довела до успех на инвестициите во оваа област.

Учеството на претставниците од Македонија на конференцијата беше овозможено со поддршка на Програмата Исток-Исток на ФИООМ.