На 15 септември, на над 300 локации во светот ќе биде одбележан Денот на слободниот софтвер, со кој едновремено се слави човековата креативност, правото на избор и здрава конкуренција.
По овој повод фондацијата Метаморфозис уште еднаш сака да го нагласи значењето на можноста граѓаните и институциите во Македонија да имаат избор при набавката на софтверот. Слободниот софтвер има широк опсег на примени, од сервери и работни станици, преку канцелариски апликации до образовни пакети, тој е легален и достапен на локални јазици. Со примената на слободниот софтвер може да се заштеди од 300-400 евра по компјутер, оти лиценците се бесплатни.
Секојдневните потреби во дигитална ера сè повеќе зависат од употребата на софтверот. Софтверот влијае на начинот на кој комуницираме помеѓу себе, начинот на кој гласаме, плаќаме, патуваме, или уживаме во уметнички или забавни дела. Користењето новите технологии има огромно влијание врз слободата на мислење, изразување и делување во современото општество.
Слободниот софтвер ги подразбира правата на корисниците да го користат, да го проучуваат и менуваат, да го копираат и споделуваат, да го подобруваат и да ги објавуваат тие подобрувања под исти услови. Слободниот софтвер овозможува развој на системи базирани на отворени стандарди кои овозможуваат транспарентност, безбедност и достапност за сите.
Во 2006 година по повод Денот на слободниот софтвер Фондацијата Метаморфозис го објави ЦД-то „Заврши си работа“ со тираж од 5000 примероци дистрибуирани на целата територија на Македонија, побудувајќи огромен интерес на граѓаните и придонесувајќи за намалување на стапката на употреба на пиратски канцелариски програми.



