На 30.3.2007 година Министерството за транспорт и врски ја презентираше Националната стратегија за развој на електронските комуникации со информатички технологии со цел создавање напредно информатичко општество

На 30.3.2007 година Министерството за транспорт и врски ја презентираше Националната стратегија за развој на електронските комуникации со информатички технологии (НСРЕКИТ) со цел создавање напредно информатичко општество.

– Националната стратегија има за мисија да ја вклучи економијата на Македонија во светската карта на вмрежени економии, да создаде услови за скок во развојот на економијата, со што ќе се овозможи приближување до просекот на новите земји членки на ЕУ, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

– Информатичкото општество треба да обезбеди елиминирање на можностите за создавање на „дигитален јаз“, да создаде реална можност за поддршка и развој на дигиталната економија, која обезбедува јакнење на капацитетите на општеството – нагласи Јанакиески.

Министерот без ресор задолжен за развој на информатичкото општество, Иво Ивановски, истакна е потребна мобилизација на општеството кон дигиталната технологија. – Со тоа ќе се придонесе за приближување на Македонија кон Европската унија, а оваа Стратегија е дел од тој пат, додаде Ивановски.

Според него, единствено компаниите кои имаат стручен кадар образуван од областа на информатички технологии можат да бидат конкурентни.

Исполнувањето на Стратегијата ќе се надгледува преку прогресот во исполнувањето на целите. Македонија мерено според најважните индикатори на ИКТ треба да оствари 80 отсто од просекот на новите земји членки на ЕУ во 2010 година, а 90 отсто во 2012 година.

Извор: Министерство за транспорт и врски