На 21.02.2005г. (понеделник) со почеток во 13:00 во просториите на општина Велес се одржa јавна дебата по нацрт-верзијата на „Националната стратегија за развој на информатичкото општество“…

        На 21.02.2005г. (понеделник) со почеток во 13:00 во просториите на општина Велес се одржa јавна дебата по нацрт-верзијата на „Националната стратегија за развој на информатичкото општество“ којашто ја изготвува Националниот таск-форс за информатичко општество под раководство на Комисијата за информатичка технологија (КИТ) на Владата на Република Македонија. Овој проект е поддржан од Фондацијата Институт отворено општество- Македонијa (ФИООМ) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

        Домаќин на јавната дебата беше градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски. Модератор на дебатата беше Бардил Јашари, програмски координатор од ФИООМ, а своја презентација за тековната ситуација со ИКТ во Македонија имаше Јован Петров од Фондацијата Метаморфозис. Од членовите на таск-форсот покрај горенаведените на дебатата беа присутни и Јани Макрадули, пратеник во Собранието на Р. Македонија и претседател на КИТ, Коста Трпковски, директор на Управата за Телекомуникации, Драган Николиќ, Министерство за одбрана и Филип Стојановски, Фондација Метаморфозис.

        На дебатата присуствуваа голем број граѓани кои учествуваа во дискусијата поставувајќи интересни прашања и давајќи конструктивни забелешки.

        Дебатата ја отвори Аце Коцевски кој нагласи дека Велес е најуспешната општина во примената на ИКТ на локално ниво и единствена општина која има свое одделение за информатичка технологија со четворица вработени со Мајкрософт лиценци. Тој додаде дека општината веќе ја има разработено концепцијата на едношалтерскиот систем.

        Бардил Јашари, лидер на тим на столбот е-Граѓани говореше за Националната стратегија за развој на информатичкото општество, за процесот на нејзиното изготвување и нејзините цели и задачи.

        Јован Петров, драфтер на столбот е-граѓани, имаше презентација за тековната состојба со ИКТ во Македонија. Според резултатите од истражувањето „Состојби со ИКТ во Македонија“ спроведено од Фондацијата Метаморфозис само 4,9% од граѓаните користат интернет барем еднаш во три месеци, а дури еден милион Македонци никогаш во животот не користеле интернет. Тој нагласи дека негативностите во општата состојба со ИКТ во Македонија се непостоење на стандарди и стандардизација, непостоење на инфраструктура за јавни клучеви, како и неусогласеност на македонската легислатива со легислативата на ЕУ. Сепак, според Петров, постојат и позитивни работи, пред сè подготовката на Законот за слободен пристап до информации и учеството на невладиниот сектор во едукација на граѓаните.
Како предлог проекти тој ги наведе поставувањето на е-точки, спроведување на кампања и едукација, како и креирање на граѓански портал.

Прашања и забелешки

        Златко Николовски од Мрежен електронски центар постави неколку прашања. Побара објаснување за еден дел од Националната стратегија за развој на информатичкото општество, поточно за делот „…при тоа, без запоставување на економската (т.е. трошковната) страна на оваа активност, базичната идеја во оваа смисла претставува реализирањето на идејата дека пристапот на Интернет во денешно време претставува дел од групата на човековите права, што всушност значи дека пристапот на Интернет има карактеристики и на јавно добро. Таа услуга треба да биде достапна на сите под еднакви но економски одржливи параметри.“ (стр.69, точка 4).

        Јани Макрадули објасни дека реченицата „… Таа услуга треба да биде достапна на сите под еднакви но економски одржливи параметри“ значи дека Владата треба да обезбеди еднакви услови за сите, односно да обезбеди интернет пристап во универзитетите, училиштата и библиотеките кој ќе биде бесплатен за корисниците, но Владата сепак треба да обезбеди финансиски средства за да ги покрие тие трошоци.

        На прашањето како ќе оди раздвојувањето на е-здравство и е-граѓани кога повеќе од половина од општините немаат веб-сајтови, Макрадули одговори дека на општините ќе им биде понудено да ги преземат решенијата од веб-сајтот www.uslugi.gov.mk кој треба да започне со работа наскоро. На тој начин граѓаните од корисници ќе станат креатори на услугите што ќе ги користат.

        Дамјан Георгиевски од Слободен софтвер побара објаснување за концептот на е-Влада претходно усвоен од Владата на РМ. Одговорот на Макрадули беше дека Владата ќе се стреми да го надмине дигиталниот јаз. Основниот концепт треба да биде концептот на централизирана контрола на информациите преку воспоставување на централизиран податочен центар кој ќе ги „храни“ министерствата и службите со информации. Овој центар ќе чини помалку пари и ќе биде полесно да се утврди евентуална одговорност. Усвоениот концепт е достапен на веб-сајтот на КИТ (пдф, 624К).

        Фехим Јусуф од с.Горно Оризари запраша дали може технологијата да се распореди и во руралните населби за навистина да биде достапна за сите. Бардил Јашари одговори дека Фондацијата Метаморфизис во соработка со Фондацијата Институт отворено општество- Македонија го реализира проектот „Дигитални клубови“ и во девет рурални населби во Макединија се отворени дигитални клубови коишто ќе придонесат за надминување на дигиталниот јаз. Макрадули се надоврза велејќи дека замислено е секое училиште да има своја компјутерска училница која претпладне би била наменета за изведување на настава, а попладне би била на располагање на жителите.

        Раде Каначковиќ од организацијата „Пружи отпор, кажи не“ излезе со став дека „боледуваме од неинформираност“ и запраша на кој начин ќе се натера оној кој е должен да даде информации тоа и да го направи. Како пример го наведе немањето информации за концесискиот договор меѓу Владата и Македонски Телекумуникации.

        Макрадули одговори дека овие прашања ќе бидат регулирани со Законот за слободен пристап до информации којшто предвидува казни и санкции ако одговорните државни служби не одговорат на барање за обезбедување на одредени информации, но приватните компании самите решаваат дали некои информации ќе бидат јавно достапни. Коста Трпковски во името на Управата за телекомуникации додаде дека информациите за концесискиот договор се јавно достапни и треба само да се побараат од Управата којашто е обврзана истите да ги даде на увид.

        Сашко Ристовски, соработник во информатичкиот центар при општина Велес, изјави дека од неколкуте форуми за стопански развој одржани во Велес може да се заклучи дека биснис секторот не е подготвен да инвестира во развој на ИКТ, а неговото вклучување е неопходно за побрз развој. Според него Владата мора да направи клима за вклучување на приватниот сектор.

        На прашањето од Блажо Бонев од Јавното претпријатие за водостопанство во Велес за тоа кога би можело да се очекува да профункционираат е-услугите, Петров одговори дека тоа ќе оди во неколку фази и дека веќе сега дел од овие услуги се достапни онлајн, а во наредните пет-шест години се очекува да се постигне добра развиеност на е-услугите.

        Дамјан Георгиевски запраша зошто не се споменува слободниот софтвер во Стратегијата, а Макрадули одговори дека Стратегијата е бренд-фри и дека таа само дава само рамки и цели за тоа што треба да се постигне, а на кој начин ќе се постигне тоа зависи од самите нас.

        Претставник од медиумите сакаше да знае дали Стратегијата ќе го регулира пазарот и цените на интернет провајдерите, на што Макрадули одговори дека Стратегијата нема да се меша во правата на приватните провајдери туку има за цел создавање на амбиент за подобра конкуренција што ќе резултира со понуда на прифатливи цени.

        Златко Николовски се интересираше дали има некакви податоци од што се стартува. Макрадули одговори дека се стартува од 5% интернет пенетрација, а амбициите се до 2007 година да се стигне до 30% интернет пенетрација.