Поради програмска грешка во Подрачната единица на Фондот за здравство во Битола, околу 4.000 фирми отежнато добиваат здравствени картони иако придонесите биле плаќани.
Ова беше истакнато на вчерашниот протест на книговодители од стотина сметководствени фирми. Тие протестираа во седиштето на Фондот.
– Клиентите со лутина и бес викаат по нас зашто отежнато добиваат сини картони, иако редовно ги плаќаат здравствените придонеси – истакнаа книговодителите. Тие реагираат дека Фондот направил програмска грешка во пресметките на коефициентот на сложеност на трудот, според кој се одредува износот на здравствените придонеси. Сега од нив се бара да доплатат големи суми за здравствено осигурување за изминатите пет години, што веќе го платиле.
– Мој клиент ја скрши ногата и требаше под итно да оди в болница. Картони не му дадоа додека не изврши доплата од 10.000 денари. Мораше да се согласи зашто приватното лекување ќе го чинеше многу повеќе – изјави Гордана Луќиќ, сметководител од Битола.
Сметководителите тврдат дека грешката не е нивна. Бараат од Фондот корекцијата да ја направат службите, а не сметководителите да се оптоваруваат и да бараат документи од 2003 година.
– За мај 2003 година здравствената контрола на шалтер удрила печатче дека е се’ уредно платено. Сега добиваме листа дека не сме го платиле петти месец. Доаѓаат да се доплатат од 200 до 400 денари за работник со минимална плата, додека за оние со повисока плата сумата е многу поголема. Кога ќе се земе предвид периодот од 2003 до 2007 година, тоа се големи суми пари – изјави Цена Цветановска од сметководственото биро „Гордела“.
Претседателот на Комората на сметководствени бироа во Битола, Тони Димитровски, појаснува дека проблемот настанал при промената на старата со нова програма во Фондот за здравство, кога бил земен предвид повисок коефициент од реалниот.
– Бевме во Фондот за здравствено осигурување во Скопје и ни рекоа дека ќе ни овозможат да земеме картони. Но, мораме да докажеме дека сите тие фалинки се од нереално пресметаниот коефициент. Тоа е огромна работа што не може да се заврши до крајот на годината – вели Димитровски. Според директорката на Подрачната единица, Јулијана Димитровска, во изминатите години погрешно се пресметувал коефициентот, а не се вршела контрола врз пресметките.
– Тој долг мора да се плати. Ако произлегува од коефициентот на сложеност, еден месец ќе им се даде рок на фирмите да подигнат сини картони, но во рок од осум дена да го платат долгот. Доколку не го платат, ќе бидат тужени – вели Димитровска.
Автор: Жанета Здравковска
Извор: Дневник „Програмска грешка скапо ја плаќаат 4.000 битолски фирми“ 14 ноември, 2008.