Неопходна е стратегија Македонија да се извлече од светското дно по користење на интернет, предупредуваат експертите. Според некои истражувања, дури 70% од населението никогаш не користело интернет услуги, а само 6% тоа го прават секојдневно

Неопходна е стратегија Македонија да се извлече од светското дно по користење на интернет, предупредуваат експертите. Според некои истражувања, дури 70% од населението никогаш не користело интернет услуги, а само 6% тоа го прават секојдневно.

Упатените велат, дека ова се должи на високата цена на импулсот, диктирана од монополот на „Телеком“, недоволно сајтови со македонска содржина и незнаењето зошто е потребен интернетот.

– Покрај усвојувањето на Националната стратегија за развој на информатичко општество, ние и покрај многуте ветувања, на тоа поле стагнираме. Состојбата статус-кво не ни оди во прилог – изјави Методија Јанчевски, Институт за информатика.

Интернетот кај нас се уште е привилегија. Од корисниците дури 70% се фирми, а од граѓаните кои имаат компјутер само 26% се приклучуваат од дома, покажуваат испитувањата.

Интернетот не го користат ниту државните институции како сервис на информации за граѓаните. И натаму најмногу се користи за забава и комуникација.

– Ако може преку него да платат данок, или да дознаат информација релевантна за самиот корисник или било што од што би имале повеќе корист, тогаш сигурно повеќе би користеле интернет – рече Филип Стојановски, „Метаморфозис“.

– Ако погледнете веб сајтови на одредени државни институции, ќе забележите дека таму не е сменета претходната владејачка гарнитура – вели Јанчевски.

Што се предлага да се зголеми бројот на интернет корисници?

– Приближување на постојната инфраструктура, намалување на цените, намалување на данокот за овој тип услуга и колку е тоа од интерес за земјата – вели Марта Арсовска, „Унет“.

Експертите се едногласни, дека најбитно од се е да се либерализира пазарот на телекомуникациите, по примерот на земјите светски лидери во користење интернет.

Дејан Андонов
Извор: A1