Работилниците се одржаа во рамките на проектот “Мрежа за инклузивна е-власт во Западен Балкан“ со цел да се претстави првичното истражување за нивоата на софистикација и инклузивност на владините е-услуги спроведено од партнерите во проектот со користење на Кепџемини методологијата која се користи на ниво на ЕУ, со цел да се подготви сеопфатен план за развој на регионалната е-власт и да се олеснат заедничките напори на земјите кои имаат аспирации наскоро да станат членки на ЕУ.

Шесте работилници за инклузивна е-власт беа организирани од националните партнери во проектот, и во текот на работилниците се разгледуваа резултатите од првичното истражување, подигањето на свеста и вмрежувањето помеѓу чинителите како што се владините претставници, експертите за ИТ и човекови права, како и претставниците на НВОи кои работат на прашања од областа на инклузија на маргинализираните групи, како што се лицата со хендикеп во земјите опфатени со проектот, но и во соседството.

Секоја работилница беше организирана од партнерите на проектот во односните земји:

  • Скопје, Македонија (23 ноември 2007 г.) организирана од Фондацијата Метаморфозис – членка на ЕДРИ
  • Тирана, Албанија (26 ноември 2007 г.) организирана од Компорт
  • Белград, Србија (11 декември 2007 г.) организирана од Белградска отворена школа (БОШ)
  • Загреб, Хрватска (13 декември 2007 г.) организирана од ЗаМирНет
  • Сараево, Босна и Херцеговина (13 декември 2007 г.) – организирана од OneWorldSEE
  • Подгорица, Црна Гора (20 декември 2007 г.) организирана од Институтот за стратешки студии и прогнози

Нивото на онлајн софистикација на владините е-услуги во сите земји во кои што досега беше извршено истражувањето е слично (Албанија 33%, Србија 40%, Црна Гора 45%, Македонија 50%, Хрватска 57%) и повеќето од нив треба да се развиваат во слични услови и да се соочат со слични пречки, заостанувајќи 5 до 7 години зад нивото на ЕУ. Потенцијалната придобивка од меѓусебната соработка е голема, како за земјите кои досега најмногу инвестирале во услуги за генерирање на приходи како што се е-даноците, така и за граѓаните на кои им треба поефикасно и потранспарентно управување.

Проектот „Мрежа за инклузивна е-власт во Западен Балкан“ е поддржан од програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Во активностите на проектот, освен работилниците спаѓа и Третата меѓународна конференција е-Општество.Мк (29-30 ноември, 2007 г., во Скопје) со која се олесни размената на практично знаење и искуства на чинителите од регионот и Европската унија.

Извор: ЕДРИ-грам „Инклузивна е-власт во Западен Балкан“ (16.01.2007)

Сподели: