Karikatura_prislushkuvanjeКако организација која низ својата долгогодишна работа се залага за унапредување на човековите права при користењето на сите форми на нови технологии, ставајќи ги интересите на граѓаните во центарот на сите свои активности, како и од позиција на членка на асоцијацијата за Европски дигитални права ЕДРИ, Фондацијата Метаморфозис го изнесува ставот дека значаен дел од измените на Законот за електронски комуникации предложени во Собранието на 11 мај 2010 г. ја загрозуваат приватноста, односно уставно загарантираното право на заштита на личните податоци на граѓаните на РМ и сите други лица кои се наоѓаат на нејзина територија.

За илустрација е користена карикатура на ЕФФ под лиценца Криејтив комонс.

Во проблематичните измени пред сè спаѓаат оние кои се однесуваат на членовите 27, 71, 72, 73, 74 и 75 од Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации (во прилог), со кои се вршат измени и дополнување на членовите 29, 111, 112, 114 и 115 од претходната верзија на Законот [PDF].

Метаморфозис го поздравува повлекувањето на предложените измени од собраниска процедура со надеж дека носителите на одлуки пред да предложат нови ќе ја земат предвид и потребата и обврската за транспарентна и отчетна јавна расправа при која ќе бидат консултирани релевантни стручни лица и со вклучување на сите заинтересирани страни од граѓанскиот и приватниот сектор.

Со цел да придонесе во таа насока, на 4 јуни Метаморфозис организира јавна тркалезна маса на тема „Приватноста во Македонија“ која ќе се одржи во просториите на Стопанска комора на Македонија од 10 до 12 часот.

 


Релевантни извадоци од поднесениот Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации.

[…]Член 27

По членот 29 се додаваат два нови члена 29-а и 29-б кои гласат:
“Член 29-а
Изградба, употреба и одржување на јавни електронски комуникациски мрежи и електронски комуникациски инфраструктури и придружни инфраструктурни капацитети и средства

[…]

(5) Операторите мораат да осигураат пристап до својата електронска комуникациска мрежа и електронска комуникациска инфраструктура и придружни инфраструктурни капацитети и средства и да обезбедат предност во давањето на електронските комуникациски услуги на органите на државната управа надлежни за прашања од областа на одбраната и националната безбедност, внатрешни работи, активностите поврзани со заштита и спасување, релевантните безбедносни и разузнавачки агенции, правните лица надлежни за безбедност на воздушниот сообраќај, водниот сообраќај како и на службите за итни повици.

[…]

Член 71

Во членот 111 став (2) зборот “прислушкување“ се брише, а зборовите “членот 115“ се заменуваат со зборовите “членовите 112, 114, 115-а и 155-б“.

Член 72

Во членот 112 ставот (1) се менува и гласи:
“Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да ги чуваат необработени податоците за сообраќај за последните 24 месеци.“
По ставот (5) се додаваат три нови ставови (6), (7) и (8) кои гласат:
“(6) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни податоците за сообраќај од став (1) на овој член да ги чуваат во Република Македонија.
(7) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на барање на надлежните државни органи да им ги достават податоците за сообраќај кога е тоа потребно заради спречување или откривање на кривични дела, заради водење на кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија.
(8) На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи како и услови за самостојно превземање на податоците за сообраќај.“

Ставот (6) станува став (9).

Член 73

Во членот 114 став (6) зборовите “Доколку технички е возможно” се бришат, точката на крајот на реченицата се заменува со запирка и се додаваат збротвите “на соодветен технички начин”.
По ставот (6) се додаваат четири нови ставови (7), (8), (9) и (10) кои гласаат:
“(7)Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни, на барање на надлежните државни органи, да им доставуваат податоци за моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност, кога е тоа потребно заради спречување или откривање на кривични дела, заради водење на кривичната постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија на начин утврден со закон.
(8) На овластениот орган за следење на комуникации операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи како и услови за самостојно одредување на моменталната географска, физичка или логичка локација на терминалната опрема на своите претплатници, односно корисници независно од нивната телекомуникациска активност.
(9) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на барање на надлежните органи, од причини наведени во став (7) на овој член, да им достават податоци за терминалната опрема која се појавила на одредена географска, физичка или логичка локација на начин утврден со закон.
(10) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да ги чуваат податоците од став (9) на овој член за последните 48 часа.“

Член 74

Членот 115 и насловот се менуваат и гласат:
“Опрема и интерфејс за следење на комуникациите
(1) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на свој трошок да обезбедат соодветна опрема и интерфејс за спроведување на мерката следење на комуникациите која ќе се врши под услови и на начин утврдени со закон.
(2) Под опрема од став (1) на овој член се подразбира и воспоставувањето на телекомуникациски водови и телекомуникациска опрема за пренос до локацијата на овластениот орган за следење на комуникации.
(3) За секоја надградба на електронската комуникациска мрежа или воведување на нова комуникациска услуга, операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да го известат овластениот орган за следење на комуникации и на свој трошок да обезбедат опрема и интерфејс за следење на комуникациите соодветна на надградбата, односно на новата комуникациска услуга.
(4) За секоја набавка на опрема и интерфејс од ставовите (1) и (3) на овој член, операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни од овластениот орган за следење на комуникации да побараат техничка спецификација за видот и карактеристиките на опремата и интерфејсот.
(5) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги имаат обврска да обезбедат постојано одржување и непречено извршување на функцијата следење на комуникации.“

Член 75

По членот 115 се додаваат два нови члена 115-а и 115-б кои гласат:
“Член 115-а
Мерки и активности за овозможување
на следење на комуникации
(1) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги имаат обврска да му овозможат на овластениот орган за следење на комуникации следење на комуникациите во реално време. Информацијата за следената комуникација треба да биде на располагање веднаш по завршувањето на комуникацијата, а следењето на комуникацијата треба да биде непрекинато за цело време на нејзиното траење.
(2) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги имаат обврска да обезбедат точно и еднозначно поврзување на информацијата за следената комуникација со содржината на комуникацијата која се следи.
(3) Во случај кога операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги имаат воведено криптозаштита, должни се да ја отстранат криптозаштитата, односно да користат систем за декриптирање, пред доставување на содржината на комуникациската услуга до овластениот орган за следење на комуникации.
(4) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги треба да обезбедат лицето чии комуникации се следат или друго неовластено лице да не забележи било каква промена во квалитетот на комуникациската услуга која може да биде предизвикана со примена на мерката следење на комуникациите. Функционирањето на следената комуникациска услуга треба да остане непроменето за лицето чии комуникации се следат.
(5) Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги треба да обезбедат иста или поголема сигурност и квалитет на следената комуникациска услуга од сигурноста и квалитетот на комуникациските услуги кои му се овозможени на лицето чии комуникации се следат.

Член 115-б
Чување и заштита на податоците
за следење на комуникации
Операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни податоците за опремата, интерфејсот и сите други податоци кои се однесуваат на спроведувањето на мерката следење на комуникации да ги чуваат како класифицирана информација и да им обезбедат заштита согласно закон.

[…]

Сподели: