Повикот досега го имаат поддржано и над 250 индивидуални граѓани, меѓу кои и видни правници и други интелектуалци, а беше изготвен врз основа на стручни анализи, земајќи ги предвид мислењата на релевантните заинтересирани страни, особено невладините организации кои се занимаваат со заштита на човековите права, искажани во јавноста и на тркалезната маса „Приватноста во Македонија“ која се одржа на 4 јуни 2010 година во Скопје.

Причина за ваквата реакција на предлог-измените е тоа што со нив се создаваат законски можности за арбитрарна и неограничена примена на прислушкување и други облици на следење на електронските комуникации со што се нарушуваат основните постулати на Уставот на РМ (член 17 и 25) со кои се гарантира неповредливоста на сите облици на општење и заштита на приватноста и достоинството.

Предложените измени се во директна спротивност на Европската конвенција за човекови права и други меѓународни договори ратификувани од Собранието на РМ и Директивата 2009/136/ЕК на ЕУ. Со нив се заобиколуваат нормите воспоставени со Законот за заштита на лични податоци, Законот за следење на комуникациите и Законот за кривична постапка и како ретко каде во светот на МВР се овозможува „постојан и директен пристап“ до податоците за сообраќај на телекомуникациските мрежи.

Иницијативата покрената од страна на Метаморфозис, Транспарентност Македонија, ФИООМ и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржаа Македонскиот центар за европско образование, ФОРУМ – ЦСИД, Контрапункт, Советот за глобална соработка, Реактор, МОФ, Детскиот театарски центар, ЗГ Заеднички вредности, Центарот за развој на медиуми, Плоштад Слобода, Слободен софтвер Македонија и ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Целосниот текст на повикот е достапен на веб-сајтот на Фондацијата Метаморфозис, а заедно со релевантни придружни документи во печатена форма беше доставен до сите пратеници во Собранието на РМ, премиерот на Владата на РМ, министерот за транспорт и врски, како и до Делегацијата на ЕУ.

Сподели: