Во поздравното излагање, министерката за телекомуникации и информатичко општество на Р. Србија Јасна Матиќ нагласи дека евроинтеграциите се приоритет за нејзината земја и дека во тек е процесот на хармонизација на законите според стандардите на ЕУ. Деканот на факултетот за политички науки д-р Милан Подунавац извести дека како дел од напорите да се надмине негативното наследство од минатото во Србија, како поствоено, постдиктаторско и посткомунистичко општество, планираат воведување на предмет за право на медиуми и право на новите медиуми.
Амбасадорот на Советот на Европа Константин Јерокостопулос укажа на јасната заложба дека слободата на изразување и комуницирање мора да се почитува, со исклучок на содржините кои се дефинирани како нелегални со закон. Претставничката на УСАИД Мерилин А. Шмидт укажа дека Србија ќе добие помош од САД за развој на нови верзии на законите кои во моментот се однесуваат само на традиционалните медиуми. Меѓу другото, Србија треба да ја ратификува Конвенцијата за прекугранична телевизија и да донесе закон за сопственост на медиумите, со кој ќе се ограничи можноста за создавање монополски конгломерати. Претставникот на Британската амбасада во Белград, Бил Лонгхарст укажа дека позитивните искуства на Велика Британија со воспоствување заштитен механизам за борба против детска порнографија може да се применат и во регионот.
Јелена Сурчулија, помошник министер за телекомуникации и информатичко општество и претставник на ПЦМЛП за Србија укажа дека меѓу регулаторските предизвици се веродостојноста на информациите и достапноста на содржини објавени во странство, достапни преку интернет, а забранети со закон во некои земји. Таа посочи и на разликата меѓу блогерите и граѓанското новинарство. Таа ја дефинираше првата форма како насочена кон објавување и споделување лични информации, при што може да опфати и системи како Фејсбук, додека втората форма е всушност нов облик на новинарство, засега непризнаен бидејќи повлекува прашања на етика и регистрирањето на медиумите.
Проф. Дејвид Голдберг од Универзитетот во Оксфорд како основа ја постави премисата дека блогирањето е форма на пишување, односно облик на изразување, па како такво му следува максимална заштита. Тој укажа дека се работи за „да се зборува за рамнотежа е метафора што води во заблуда. Основната позиција во меѓународното право е промоција на слободата на изразување, со некои многу ограничени исклучоци.“
Осврнувајќи се на предизвиците во оваа област, проф. Голдберг укажа на можната потреба да се дефинира нов термин плогови (plogs) односно блогови за политички содржини, како и дека тековните проценки за бројот на блогови на светот може да се прилично потценувачки, а и „22 од стоте најпопуларни веб-сајтови на светско ниво се блогови.”
Цитирајќи го случајот во кој осуден криминалец на својот блог упатил закана до инспекторот што го уапсил („П. Ц. Лојд, Господ нека е на помош на твоето новородено бебе”), проф. Голдберг укажа дека опасностите кои доаѓаат од блогирањето нема потреба да се решаваат со нови закони. Веќе постојат доволно закони кои може да се применат и во оваа сфера. Во дадениот случај, аворот на заканувачка содржина бил санкциониран според Законот за телекомуникации. Од друга страна, се јавува потреба за носење закони со кои ќе се спречат корпорациите и други центри на моќ да ги користат постоечките закони за стратешки тужби против јавноста, наменети за плашење на потенцијалните автори.
Проф. Мирољуб Радојковиќ од Факултетот за политички науки укажа дека новите медиуми носат „длабока тектонска промена” во општеството, бидејќи конечно се остварува утопискиот идеал за примена на правото на комуницирање. При тоа граѓанското новинарство не е нов тип на комуницирање, туку спој на сите познати облици на комуницирање, при што освен елитата, сега и граѓаните имаат можност да ја прават (пишуваат) историјата. При тоа, бидејќи ваквите автори не се дел од професија со свои стандарди и кодекси на однесување, ниту пак трпат корекција или влијание на професионална редакциска група, сеуште е нејасно дали крајниот резултат ќе биде хиперпродукција на гласини (озборување) или подобро и поодговорно новинарство од класичното.
Според проф. Радојковиќ, идниот глобален ризик се однесува на одговорноста за точноста на содржините, загрозување на човековите права на другите (говор на омраза), ширење погрешни инструкции (како на пр. нестручни совети за берза), нарушување на приватноста на другите луѓе (подем на бесплатни папараци) и злоупотреба на интелектуалната сопственост (ако тој концепт воопшто опстане). Прашањето на одговорност го комплицира фактот дека изворот и корисникот се стопени, па и решенијата од старото законодавство не се секогаш применливи.
Проф. Раде Вељановски од Факултетот за политички науки, зборувајќи за онлајн новинарството укажа дека „новинарството е професија која има свои правила и стандарди, но и професија која мора да се менува.“ Многу од правилата зависат од технологијата, на пример „обратната пирамида настанала во моментот кога се појавило агенциското новинарство кое користело телефон како примарно средство, па заради честите прекини на врската најважното морало да се каже во првата реченица.“
Проф. Снежана Миливојевиќ укажа дека новинарството постои од појавата на првиот весник во 1605 година. Проблемот во последните 400 години бил недостаток на информации, додека со појавата на интернет се наоѓаме во обратна ситуација бидејќи се соочуваме со изобилство. При создавањето нова регулаторна рамка, основното прашање е поврзано со одговорноста и отчетноста за информациите.
Експертот на Советот на Европа Ад ван Лоон исто така укажа дека заштитата на човековите права, а особено слободата на изразување, е во сржта и на регулаторната рамка за содржини на интернет, при што загрозувањето на таквите права доаѓаат и на ниво на земји кои не ги спроведуваат докрај меѓународните обврски, но и од други фактори како користење на авторските права како средство за попречување.
Драган Јањиќ, помошник за медиуми на министерот за култура на Србија ја реафирмираше заложбата на институциите на неговата земја за хармонизација на законите за медиуми со стандардите на ЕУ и Советот на Европа.
Правните експерти Слободан Кремењак, адвокат, како и Снежана Смоловиќ-Грин која ја претставуваше Асоцијацијата на независни електронски медиуми укажаа на рамките за заштита на приватноста. Институции кои во Србија се одговорни за оваа област се Јавниот правобранител (Омбудсман) и Ополномоштеникот за информации од значење за јавноста. Во тој контекст, проф. Дирк Воорхооф од Универзитетот во Гент, Белгија, укажа дека сродното право на анонимност на интернет е често загрозено.
Експертката за медумско право Ингер-Хоедт Расмунсен ги пренесе данските искуства од областа на заштитата на правата на децата на интернет, кои се темелат на премисата дека лошите работи се само мал дел од можностите и дека најчесто може да се спречат преку зголемување на свеста и знаењето, а не преку државни механизми за контрола и цензура. Таа укажа и дека децата кои секојдневно ги користат новите технологии често ги познаваат многу подобро од нивните родители. Опасностите како педофили-грабливци постоеле и во минатото, кога старателите развивале слични механизми засновани на доверба во децата, на пр. членовите на детските хорови биле поттикнувани да известат ако им приоѓаат некои чичковци кои тврдат дека се ептен заинтересирани за музиката.
Во сесијата посветена на механизмите за регулација и саморегулација, директорот на Московскиот институт за медиумско законодавство и политики Андреј Рихтер укажа на сериозните проблеми присутни на просторите на бившиот СССР. Како најдрастичен пример е апсењето и убиството на сопственикот на веб-сајтот Ingushetia.ru. Тој укажа дека во светот е малку познато дека Белорусија е меѓу најактивните пост-советски републики на полето на создавање содржини за интернет, веднаш зад балтичките републики кои се влезени во ЕУ. Репресивноста на правната рамка често има помало влијание од општото ниво на образование и културолошките влијанија во земјата, што се гледа од споредбата со државите во Средна Азија. Русија поради својата големина има најголема продукција во апсолутни рамки, а на властите им е „јасно дека веќе не може да го контролираат интернет.“ Фактор за слободата на изразување е и тоа дали државите го третираат интернет како масовен медиум или не, што во некои случаи како Грузија довело до зголемена слобода. За жал, во Русија „целиот систем на саморегулација се состои од телефонски повик од сигурносните служби.“ Учесниците во дискусијата искажаа мислење дека ситуацијата била слична и во Србија.
Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис ја изложи ситуацијата во Македонија, како пример на земја од Западен Балкан, во која не постои формална регулација на содржините на интернет. Провајдерите на услуги изјавуваат дека не вршат филтрирање на содржините кои се објавуваат на нивните сервери, а ги отстрануваат само оние за кои постои судски налог. Во некои случаи, општоприфатената вредност на слобода на изразување на интернет неказнето се злоупотребува за говор на омраза и ширење етничка или верска нетрпеливост. Недостатокот на официјални стандарди за владините веб-сајтови во комбинација со молкот на администрацијата го отежнува пристапот на граѓаните до информации од нивни интерес. СПЕМ-от претставува регулирана содржина забранета со Законот за електронски комуникации од 2005, но колку што е запознаена јавноста, регулаторното тело (АЕК) одговорно за спроведување на законот, се уште ги нема спроведено овие одредби. Како примери за само/регулација беа посочени куќниот ред на Блогерај, напорите за зголемување на заштитата на приватноста од страна на ДЗЛП и невладиниот сектор, меѓу кои проектот за Заштита и безбедност на децата на интернет .
Слободан Марковиќ, претседател на Центарот за развој на интернет од Белград се осврна на слободата на изразување преку имињата на интернет-домени. На светско ниво, ИКАНН тоа го решава во рамките на воспоставените политики за разрешување на спорови. Во Србија од неодамна постои посебен регистрар на домени кој е создаден преку јавен процес на градење консензус и е регистриран како непрофитен фонд во кој членуваат сите заинтересирани страни. Покрај тоа, развиен е механизам за решавање на евентуалните спорови околу домените преку законска арбитража, која е вградена како обврска во договорите за регистрирање домени. На сличен безболен начин се спроведува и процесот од преминување на домените од .yu на новиот примарен домен .rs, со грејс период во кој сопствениците може да ги пререгистрираат домените. Старите адреси се предвидува да важат уште околу година дена.
На конференцијата присуствуваа и претставници од државните институции, регулаторните тела, невладиниот и деловниот сектор од Србија, кои учествуваа во дискусиите. Настанот ги исполни очекувањата во однос на пренесувањето на знаења за поттикнување на реформските процеси со цел ускладување на институционалните и законските рамки за приближување кон европските стандарди.
Ф.С.
Сподели: