Во петок, 18.02.2006 со почеток во 19 часот, во просториите на Фондацијата Метаморфозис се одржа неформална средба на тема блогови во која учество зедоа дваесетина ентузијасти од Скопје и Велес, иницирана од уредниците на блоговите Комуникации и Развигор.

Средбата беше организирана со цел да се поразговара околу блогирањето и можни активности поврзани со него. Собраната група беше прилично хетерогена, со луѓе на возраст од под 20 до над 50 години, што се одсликуваше и во разнородноста на опфатените теми зачнати на средбата.

Филип Стојановски ја изложи намерата на Фондацијата Метаморфозис за организирање на јавна трибина за блогирањето како метод за зголемување на содржините на локални јазици, што е посочено како приоритет во Националната стратегија за развој на информатичкото општество, а во рамките на серијата настани поврзани со Националната стратегија. Учесниците во основа ја прифатија идејата, акцентирајќи дека форматот на таков настан треба да биде што поотворен.

Ивица Антески го сподели мислењето за потреба на развивање на солидарностa помеѓу блогерите, која би обезбедувала поддршка во случаи на притисок и загрозување на правото на слободен говор. Во слична насока се движеше и дискусијата на авторката на блогот Етна.

Низа присутни се осврнаа на потребата премостување на јазот помеѓу блогерската и општата јавност, особено онаа претставена преку т.н. медиуми од главниот тек („мејнстрим“) – весниците и телевизиите. Како основен проблем беше посочена малата достапност на интернет меѓу населението, од занемарените студентски домови, до на ниво на целата држава.

Бранко Героски, уредникот на „Неделно време“, го изложи своето искуство од преземање на содржини од блоговите и нивно претставување во печатен медиум преку рубриката „Нов бран“. Укажувајќи дека новинарскиот естаблишмент има потреба од запознавање со новите технологии, како услов нивно поголемо присуство во изданијата.

Потоа од разни дискутанти потоа беа посочени идеите за основање на весници (како холандскиот пример) и ТВ-емисии кои посеопфатно би ја следеле и би црпеле од блогосферата. Како пример за позитивното влијание на медиумското внимание, Алекс Букарски го сподели податокот дека по неговото појавување на ТВ, просекот на посети не му паѓа под 200, додека претходно се движел околу стотина. Тој ја истакна важноста на содржините во привлекувањето на посетителите, а Дарко Булдиоски и Стојановски посочија и на вклучувањето на научно-стручната јавност во истражувањето на феноменот, што би го афирмирало и во академските средини.

Петар Кајевски, авторот на пребарувачот „Најди!“ изложи дел од своите искуства со агрегаторот на македонски блогови, како и неколку совети за поголемо присуство на другите машини за пребарување. Тој изјави дека шансите за присуство на Гугл се зголемуваат ако покрај на кирилица, текстот на постовите се става и на латиница, оти поголем број корисници на интернет и од Македонија ја користат таа азбука. Некои од присутните (како Би, која изјави „па нека не ме најдат тие што не користат кирилица“), искажаа незадоволство истакнувајќи дека Блогерај послужил за образување на многу луѓе конечно да почнат да ја користат кириличната поддршка. Булдиоски го истакна значењето на ставање тагови во насока на промоција на даден блог.

Дамјан Јаневски, администраторот на Блогерај, ја искажа подготвеноста на тој сервис да вклучи елементи или методи со кои би се обезбедило подигање на квалитетот на содржините, како и методи кои ќе овозможат филтрирање според потребите на читателите.

Низа други присутни блогери, меѓу кои и претставниците на колективните проекти Линукс Планета, р-Еволуција и м-Соулс, ги изложија своите мислења поврзани со нивната досегашна работа. Беа споменати најразлични предизвици, од технички, преку мотивациони (станување колумнисти, за забава, за ќеиф) и финансиски (можно ли е да се заработува со непорнографски блогови) до педагошки (големиот број барања за линкување во блогрол кои ги добиваат популарните блогери, особено од помлади колеги и колешки).

Општиот впечаток беше дека воспоставената комуникација може да продолжи и преку средби, но и преку мејлинг листа (реактивирање на замрената листа на МБЗ или отворање нова).

Ф.С.

Сподели: